12.8 C
Скопје
28 мај, 2024
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕПУБЛИКА

Пендаровски и Мицкоски во кавга за рејтинзите и изборите

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски го обвини Претседателот дека има поданички однос, а Пендаровски му возврати дека е во сенка на Груевски и дека по пет години сѐ уште има помал рејтинг од него.

Лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски и претседателот Стево Пендаровски влегоа во клинч и разменија остра реторика по најновите анкети за рејтинзите и популарноста на политичарите, а во пресрет на претседателските и парламентарните избори идната година. 

Мицкоски му порача на Претседателот дека „не може да победи ниту за претседател на куќен совет“, а првиот човек на државата му возврати дека е последниот политичар во земјата којшто треба да зборува за рејтинг, бидејќи и по цели пет години како претседател на ВМРО-ДПМНЕ има двојно помал рејтинг од нивниот поранешен претседател Никола Груевски.

„Статистичка грешка и бледа појава“

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во гостување во радио Лидер, зборувајќи за претседателот на државата рече дека кога станува за Стево Пендаровски тој и да се кандидира за претседател на куќен совет во зградата каде што живее не може да добие повеќе од два гласа.

Христијан Мицкоски
Мицкоски го обвини претседателот дека има поданички однос, а Пендаровски му возврати дека е во сенка на ГруевскиФотографија: Petr Stojanovski/DW

„Мислам дека кога станува збор за Стево Пендаровски, сите партии теоретски да се опкружат околу него, да се обединат и да го поддржат, прашање е дали ќе го гласаат повеќе од 100.000, сите партии. Мислам дека во зградата каде што живее, ако се пријави за претседател на куќен совет, тешко да добие повеќе од два гласа“, рече Мицкоски.

Тој смета дека во овој момент не треба да се губи време со лик како што е Стево Пендаровски.

Нападите продолжија и преку партиски соопштенија. ВМРО-ДПМНЕ порачува дека „рејтингот на Пендаровски е статистичка грешка, бледа појава, со уште побледи ставови“.

Рејтинг помал од Груевски

Но, претседателот на државата смета дека Мицкоски е последниот политичар во Македонија кој би требало да зборува за личниот рејтинг.И по цели пет години како претседател на ВМРО-ДПМНЕ има двојно помал рејтинг од нивниот поранешен претседател Никола Груевски.

„Во македонската политичка историја, претседателите на најголемите политички партии секогаш имале двојно повисок личен рејтинг од партиите кои ги воделе. Ова беше случај и со Бранко Црвенковски и со Зоран Заев кај СДСМ, и со Љубчо Георгиевски и Никола Груевски кај ВМРО-ДПМНЕ. Мицкоски е единствениот исклучок затоа што има 50% понизок рејтинг од партијата која ја предводи“, вели Пендаровски.

Според претседателот, најпрецизен индикатор за личниот рејтинг на Мицкоски е последната анкета на фондацијата ИРИ, на која претседателот Пендаровски има најголема доверба, а „Мицкоски не се наоѓа ниту меѓу првите петмина на листата“.

Стево Пендаровски
Претседателот на државата смета дека Мицкоски е последниот политичар во Македонија кој би требало да зборува за личниот рејтинг.Фотографија: Petr Stojanovski /DW

Поттикнати од ваквата реакција, преку партиско соопштение од ВМРО-ДПМНЕ на Претседателот му порачаа „место да се фрустрира од изјавите на претседателот Мицкоски, Стево Пендаровски да се запраша каде е коренот на неговиот личен рејтинг и непрепознатливост“. „Ако се потруди, сигурно ќе го најде кај неговиот поданички однос кон Ковачевски и Ахмети, кои многупати досега не му дозволиле да се согласи со сопствениот став, па мора да менува изјави согласно диктатот од Зајас или Илинденска. Навистина е трагично во што се претвори Стево Пендаровски, а уште пожално е за позицијата која ја извршува“, реагираат од партијата.

Пендаровски, како што додаваат, е човекот кој сам кажа дека го составувал предлогот кој прерасна во бугарски диктат за промена на Уставот, тој е човекот кој трчаше да ги потпише измените во Кривичниот законик и слеп извршител на сите наредби на власта.

Рејтинзите го вжештија судирот

Вербалниот судир следи откако агенциите за мерење на јавното мислење „Маркет вижн“ и „Стратум“ неодамна објавија анкети, со спротивставени резултати за рејтингот на политичките противници Христијан Мицкоски и Димитар Ковачевски кај граѓаните. Според „Маркет вижн“ рејтингот на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христјан Мицкоски, е во пораст и е речиси четирипати поголем од рејтингот на претседателот на СДСМ и премиер Димитар Ковачевски.

Од друга страна, според анкетата на „Стратум“, Ковачевски има највисок рејтинг меѓу политичарите како резултат на справувањето со економската и енергетската криза.

Анкетите се објавуваат во пресрет на изборите идната година. Власта е децидна дека изборите треба да се одржат во редовен термин.

„Дали ќе бидат заедно или одвоени, за тоа ќе треба да се договорат политичките партии“, изјави  министерот за надворешни работи Бујар Османи кој е потпретседател на ДУИ.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ бара лидерска средба за договор за датумот на изборите и го повика претседателот на Собранието да ја свика. Талат Џафери деновиве порача дека најраниот рок за парламентарни избори е 5 мај, додека за претседателските избори 14 март.

Извор: ДВ

Related posts

Меџити за АЛФА: Четворица пратеници на „Европскиот фронт“ може да преминат во ВРЕДИ

admin

Невидливиот обвинител – Една година од мандатот на Ислам Абази

admin

ПОЛИТИКО: Се празни касата на ЕУ, членките не даваат дополнителни средства

admin

20 години од Солунскиот самит, Османи вели дека сме многу блиску до ЕУ

admin

Временска прогноза за наредната недела

admin

24-ти мај: Најважно од сѐ е – а, б, в, г, д, ѓ, е…

admin