-3.2 C
Скопје
14 декември, 2024
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕГИОНРЕПУБЛИКА

Трка со времето за евакуација од Израел

Првите македонски државјани се вратија од Израел со специјалниот лет што го организираше Владата на Албанија.

 

Македонското МНР е во интензивни активности за враќање на македонските државјани кои се затекнаа во Израел, откако земјата завчера беше цел на насилни напади на исламистичката група Хамас. Кризниот штаб формиран во рамките на МНР е надлежен за следење, координирање и организирање на сите постапки поврзани со македонските граѓани кои се лоцирани во, и околу погодените подрачја, со цел обезбедување нивна безбедна евакуација.

Првите македонски државјани се вратија синоќа. Како што соопшти Министерството за Европа и за надворешни работи на Албанија, синоќа на аеродромот „Мајка Тереза“ пристигнал првиот авион со 40 патници – албански, македонски и косовски државјани кои барале да го напуштат Израел по прогласувањето на воена состојба. Патниците ги дочекал министерот Игли Хасани.

Македонското МНР претходно соопшти дека девет туристи од Велес биле прифатени во специјалниот лет што го организираше Владата на Албанија за евакуација од Тел Авив.

„Во оваа прилика изразуваме благодарност до колегите од Албанија, за брзата реакција и прифаќање на нашите државјани“, соопшти вчера македонското МНР.

Седум други македонски државјани кои се затекнале во Витлеем, биле префрлени во Јордан каде биле прифатени од нашата почесна конзулка, а наскоро се очекува да се вратат дома. Вчера и четиричлено македонско семејство успеало со комерцијален лет да замине од Тел Авив за Истанбул.

Голем број македонски граѓани се пријавиле на телефоните во Амбасадата на РСМ во Тел Авив и на објавените СОС-телефони, со барање на асистенција за нивна евакуација. Меѓу нив се и 11 градежни работници кои се затечени во градот Рамала на Западниот Брег. Според кризниот штаб, се проценува дека на територијата на Израел и загрозените подрачја престојуваат меѓу 100 и 200 македонски државјани.

Ако се разгледаат понудите на македонските туристички агенции, Израел е една од често нудените дестиниции во текот на целата година. Некои од тие аранжмани требало да почнат со утрешен датум – 10-ти октомври, но сето тоа сега е невозможно. А од оние кои веќе се затакнале таму, македонското МНР очекува да се пријават или да бидат пријавени од нивните блиски во контакт-центрите. На располагање и натаму се СОС- дежурните телефони на Министерството за надворешни работи: 075/273-732 и 075/268-736, како и дежурниот телефон на Амбасадата во Тел Авив: +972-54-926-7378.

Израел l Систем за воздушна одбрана „лови“ ракети кои доаѓаат од Појасот Газа
Ашкелон: Систем за воздушна одбрана „лови“ ракети кои доаѓаат од Појасот ГазаФотографија: Amir Cohen/REUTERS
Во контакт со ДКП-а на пријателските земји

Покрај активностите на македонската амбасадата во Израел, вчераутро била испратена и итна инструкција до дипломатско-конзуларната мрежа на РСМ во околните земји, за нивна посебна подготовка за евентуални активности и 24-часовна достапност како за централата во Скопје, така и за евентуалната комуникација со граѓаните. Дипломатската мрежа е во контакт и со колегите од дипломатските претставништва на пријателските земји.

Албанското МНР веќе соопшти дека во координација со министерствата на земјите од регионот и во наредните денови ќе има повеќе специјални летови за Тел Авив, со цел да им помогнат на сите граѓани кои сакаат да се вратат во своите земји. Бугарија во текот на вчерашниот ден договори и втор лет за Тел Авив. Со првиот лет на владиниот авион, кој синоќа околу 18 часот од Тел Авив пристигна во Софија, немаше евакуирани македонски државјани. Како што соопшти бугарското МНР, со тој лет се вратиле 92 Бугари и еден Хрват. Тие на софискиот аеродром беа пречекани од бугарската вицепремиерка и министерка за надворешни работи, Марија Габриел и од претседателот на Народното Собрание, Росен Желјазков.

„Грижата за нашите сонародници и координирани акции – ова беше движечката сила за организацијата на денешниот лет“, соопшти Габриел и најави втор специјален хуманитарен лет на владиниот „Ербас“, со оглед дека за него се пријавиле повеќе од 80 Бугари.

Бугарскиот министер за транспорт и врски Георги Гвоздејков порача дека благодарение на добрата синхронизација меѓу институциите, Бугарија била првата земја што ги враќа нејзините граѓани во организирана мисија. Тој најави дека со вториот полет на владиниот „Ербас“ може да бидат вратени и државјани од други земји.

„Има искажана желба од други земји да превеземе нивни граѓани, така што ако има можност и тоа ќе го направиме“, изјави Гвоздејков.

Секој со свои авиони

По првиот лет вчера претпадне, со кој се вратија српски државјани од Израел, со втор специјален лет на Ер Србија, ноќеска во Белград се вратија уште 132 патници, меѓу кои и ученици од богословско училиште во Ниш, кои биле на матурска екскурзија во Ерусалим. Засега се смета дека нема други српски државјани кои чекаат за враќање во земјата.

Црна Гора го подготвува списокот на лица кои чекаат за враќање во Подгорица, а премиерот Дритан Абазовиќ најави дека авион на црногорската компанија е подготвен да замине во Израел.

„Со нашата национална компанија ‘To Montenegro’ договоривме заеднички активности за евакуација на нашите граѓани поради нарушување на безбедносната ситуација во Израел“, напиша Абазовиќ на Фејсбук.

Според информациите од црногорската влада, авионот за преземање на црногорските државјани треба да полета денес.

Хрватското МНР соопшти дека во Израел има околу 180 хрватски државјани, меѓу кои и група граѓани кои таму заминале на аџилак. Дел од Хрватите се очекува денеска да бидат вратени во земјата, а останатите ќе треба да го чекаат летот во вторник. Засега се отворени аеродромот во Тел Авив, како и граничниот премин кон Јордан, но земјите брзаат да ги евакураат своите државјани, бидејќи ситуацијата може да биде променлива.

 

Извор: ДВ

Related posts

Се наѕира ли нова енергетска криза во Европа поради конфликтот на Блискиот исток?

admin

Мицкоски: Кога ќе дојдеме на власт подготвени сме да репреговараме за Договорот со Бугарија, ако тоа не успее, ќе побараме 61 пратеник за негово поништување

ninja

Арсовски: Не очекувам промени со надворешната политика на САД кон Македонија по изборите

admin

ОПОЗИЦИЈАТА БАРА ОСТАВКА ОД СПАСОВСКИ ПО ВЧЕРАШНОТО УБИСТВО ВО КАФУЛЕ ВО СТАРАТА ЧАРШИЈА

ninja

Бајден: Секоја генерација мора да ја заслужи слободата

admin

Ковачевски му нудел на Мицковски „пола-пола“: Тоа е најфер, братски

admin