23.8 C
Скопје
13 ноември, 2026
Inbox7.mk
ВЕСТИЕКОНОМИЈАНАСЛОВНА

Македонија ќе плаќа по 1,1 милион евра дневно за камати: Долговите го притискаат новиот буџет

Северна Македонија планира буџетски расходи од 7,16 милијарди евра во 2027 година, со економски раст од 3,8 проценти и буџетски дефицит од 3,5 проценти од бруто-домашниот производ, според предлог-буџетот што во петокот влезе во собраниска расправа.

Владата го претстави буџетот како инструмент за економски развој, фискална консолидација и подобрување на животниот стандард, додека опозицијата го критикуваше високиот удел на тековните расходи и растечките трошоци за сервисирање на јавниот долг.

Вкупните приходи се проектирани на 6,43 милијарди евра, а расходите на 7,16 милијарди евра, со планиран дефицит од 731,7 милиони евра.

Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, образложувајќи го предлогот пред собраниската Комисија за финансирање и буџет, рече дека документот е подготвен во услови на глобална економска нестабилност и ценовни притисоци.

„Нашата определба останува јасна – постепена фискална консолидација, рационално и ефикасно трошење на јавните средства, подобра наплата на приходите и насочување на средствата кон развојни и продуктивни инвестиции“, изјави Димитриеска-Кочоска.

Таа додаде дека буџетот е усогласен со фискалната стратегија за периодот 2027–2031 година, чија основна цел е постепено намалување на буџетскиот дефицит и јавниот долг.

ДЕФИЦИТОТ ПОГОЛЕМ ОД КАПИТАЛНИТЕ ИНВЕСТИЦИИ

Владата планира капитални расходи од 40,8 милијарди денари, или околу 664 милиони евра, што претставува 9,3 проценти од вкупните буџетски расходи.

Планираниот дефицит е за околу 68 милиони евра повисок од вкупниот износ за капитални инвестиции.

Фискалниот совет, кој го разгледуваше предлог-буџетот, посочи на оваа разлика, оценувајќи дека дефицитот повторно ги надминува планираните капитални расходи.

Капиталните инвестиции се за 1,7 проценти повисоки во споредба со ребалансот на буџетот за 2026 година, но за околу 11 проценти пониски од првично планираните 45,9 милијарди денари за тековната година.

Меѓу приоритетните проекти се изградбата на коридорите 8 и 10-д, железничката инфраструктура, локалните патишта и инвестициите во здравството и образованието.

Дополнителни инфраструктурни инвестиции се предвидени и преку јавните претпријатија.

Пратеникот на опозицискиот СДСМ, Фатмир Битиќи, оцени дека структурата на буџетот покажува оти државата издвојува најголем дел од средствата за одржување на постојниот систем, наместо за економски развој.

„Вкупните расходи достигнуваат 440,44 милијарди денари, од нив 399,6 милијарди се тековни расходи, а 40,8 милијарди се капитални расходи. Тоа значи дека речиси 91 процент од расходите се наменети за тековно функционирање на системот“, рече Битиќи.

Тој го оцени предлогот како неразвоен буџет, оптоварен со долгови и камати.

405 МИЛИОНИ ЕВРА САМО ЗА КАМАТИ

За камати на јавниот долг во 2027 година се предвидени околу 405 милиони евра, што е зголемување од 18,2 проценти во однос на ребалансот на буџетот за 2026 година.

Тоа претставува просечен дневен расход од околу 1,1 милион евра, без отплатата на главнината на долговите.

Вкупните каматни расходи достигнуваат околу 61 процент од средствата планирани за капитални инвестиции.

За отплата на главнината на постојните долгови се предвидени дополнителни 65,2 милијарди денари, или околу 1,06 милијарди евра.

За покривање на буџетскиот дефицит и отплатата на постојните обврски се планирани финансиски приливи од 110,2 милијарди денари, односно околу 1,8 милијарди евра.

Пратеникот на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски, го бранеше предлог-буџетот, посочувајќи дека Владата мора истовремено да обезбеди средства за развојни проекти и да ги сервисира доспеаните долгови.

„Ова е буџет кој решава проблеми, создава развој, повисоки плати, пензии, стипендии. Буџет за проекти и буџет за развој“, рече Стојаноски.

Тој додаде дека државата на почетокот на секоја буџетска година ги презема и обврските за долговите што доспеваат и каматите што мора да бидат платени.

ДВЕ МИЛИЈАРДИ ЕВРА ЗА ПЕНЗИИ

Пензиите остануваат меѓу најголемите расходни ставки во предлог-буџетот, со планирани околу две милијарди евра, што претставува зголемување од 4,8 проценти во однос на 2026 година.

За плати и надоместоци во јавниот сектор се предвидени 930,2 милиони евра, или 6,4 проценти повеќе во споредба со тековната година.

Субвенциите и трансферите се планирани со раст од 7,4 проценти.

Истовремено, средствата за директни социјални надоместоци се намалуваат за два проценти, на околу 232,5 милиони евра.

Со проектирана инфлација од 3,2 проценти, реалната вредност на вкупниот фонд за директни социјални надоместоци би била за околу пет проценти пониска во споредба со 2026 година.

Опозицијата ги критикуваше и предвидените средства за науката, борбата против корупцијата и подобрувањето на животниот стандард.

Владата, пак, оцени дека буџетот обезбедува редовно исполнување на обврските кон граѓаните и финансирање на јавните услуги.

ВЛАДАТА ОЧЕКУВА РАСТ ОД 3,8 ПРОЦЕНТИ

Министерството за финансии предвидува економски раст од 3,8 проценти во 2027 година и инфлација од 3,2 проценти.

Даночните приходи се проектирани со раст од 6,4 проценти, додека приходите од социјални придонеси се очекува да се зголемат за 9,3 проценти.

Од данокот на додадена вредност (ДДВ) се очекуваат приходи од околу 1,63 милијарди евра, што претставува приближно 45 проценти од вкупните даночни приходи.

Планираниот буџетски дефицит од 3,5 проценти од БДП е понизок од дефицитот од 4,1 процент предвиден со ребалансот за 2026 година.

Според Министерството за финансии, постепеното намалување на дефицитот треба да придонесе за стабилизирање на јавните финансии и создавање услови за долгорочен економски раст.

НАД 300 АМАНДМАНИ ВО СОБРАНИЕТО

Собраниската Комисија за финансирање и буџет во петокот го започна разгледувањето на предлог-буџетот во второ читање.

За документот се поднесени повеќе од 300 амандмани.

Комисиската расправа треба да трае десет дена, од кои најмногу четири се предвидени за општ претрес, а шест за разгледување на амандманите.

По завршувањето на комисиската расправа, предлог-буџетот ќе биде упатен на пленарна седница на Собранието.

Related posts

Партизацијата на М-НАВ дава „резултати“: Единствениот примарен радар на скопскиот аеродром во дефект, аеродромот во хаос

admin

Само една македонска компанија е погодена од царините на Трамп

admin

Кој што очекуваше од средбата во Вашингтон?

admin

САД и Израел започнаа напади врз Иран, Трамп потврди „големи борбени операции“

admin

ЗНМ со поддршка кон колешката од МИА Ангела Рајчевска

admin

„Скопската декларација“ бара универзитетите да станат засолништа на мирот

admin