Светските лидери прават редок заеднички настап во Белата куќа за клучни разговори околу Украина.
Она што првично беше најавено како средба меѓу двајца претседатели, Доналд Трамп и Володимир Зеленски, добиви форма на самит.
Лидери од Велика Британија, Франција, Германија, Италија, Финска, ЕУ и НАТО веднаш допатуваа преку Атлантикот за да го кажат своето мислење за тоа како треба да заврши војната со Русија, која трае веќе три години, и под какви услови.
Ова ја одразува тежината на ситуацијата и зголемената загриженост во Европа дека САД ја менуваат својата позиција во насока која е помалку поволна за Украина.
Еве, според Би-Би-Си, што секој од присутните – и еден што не е – би го сметал за победа по долг ден разговори.
САД – договор, било каков договор
Трамп во кампањата вети дека ќе го реши конфликтот првиот ден од неговиот мандат, но шест месеци подоцна пробивот што го посакува сè уште му се измолкнува.
Условите на договорот изгледаат помалку важни за Трамп отколку самиот договор, па затоа тие се менуваа со текот на времето.
По средбата со рускиот претседател Владимир Путин во Алјаска во петокот, Трамп изгледа се откажа од критиките кон Москва и заканата со санкции и одлучи да врши притисок врз Зеленски.
Во неделата навечер го предупреди украинскиот претседател дека мора да се откаже од надежите за членство во НАТО и ќе мора да ја отстапи Крим, кој Путин незаконски го анектираше во 2014 година.
Пратеникот на Трамп, Стив Виткоф, изјави дека Вашингтон ќе обезбеди безбедносни гаранции за Европа за да ја одврати Русија од понатамошна агресија. Но, деталите сè уште не се познати.
Досега САД одбиваа европските барања да се обврзат за идната безбедност на Украина. Сите погледи ќе бидат насочени кон Белата куќа за да се види дали тоа навистина се сменило.
Украина – да избегне откажување од територија
Зеленски се наоѓа во незавидна позиција: треба да се држи цврсто пред сè понетрпеливиот Трамп, кој изгледа веќе е придобиен од Путин и кој веќе го обвини Зеленски дека го кочи мирот.
Се очекува Трамп да му каже на Зеленски дека мора да се согласи да отстапи дел од територијата. Тоа за Зеленски би било исклучително тешко затоа што би значело повлекување од Донецк и Луганск – региони за кои илјадници украински војници се борат и загинуваат од 2022 година.
Тоа би ѝ овозможило на Русија да добие контрола врз огромни територии што може подоцна да ги искористи како полигон за нова агресија.
Затоа Зеленски не може да прифати отстапки без цврсти безбедносни гаранции кои би стапиле во сила ако Русија повторно нападне. Такви гаранции можеше да обезбеди НАТО, но Трамп јасно стави до знаење дека Украина нема да стане членка на алијансата.
Деталите за евентуални алтернативни гаранции сè уште веројатно не се договорени, а без нив ќе биде тешко Зеленски да се обврзе на било што.
Исто така, Украина е загрижена што Трамп изгледа се префрли од идеја за примирје кон барање целосен мировен договор – процес кој може да трае многу долго, за тоа време дозволувајќи Русија да продолжи со напади и Украина да губи луѓе и територии.
Европа – американска посветеност на безбедноста на Украина
Европските лидери ќе се обидат да го натераат Трамп да објасни како би изгледале безбедносните гаранции на САД за Украина.
Нејасните изјави од Вашингтон ги вознемируваат Европејците, кои сметаат дека заштитата од идни напади на Русија може да дојде само преку веродостојна американска посветеност.
Исто така постои страв дека САД би можеле да инсистираат Украина да отстапи територија на Русија. Европскиот континент има долга историја на крвави војни и лидерите сакаат да избегнат сценарио во кое границите на една суверена држава ќе се прекројуваат со сила.
Овие сериозни грижи ја објаснуваат без преседан одлуката толку голем број лидери во последен момент да отпатуваат во Белата куќа.
Минатата недела, на виртуелен состанок САД-ЕУ пред самитот во Алјаска, изгледаше дека Трамп ја заостри критиката кон Русија. Сега, кога повторно изгледа дека се наведнува кон Москва, европските лидери ќе се обидат да го убедат дека нивните грижи за долгорочната безбедност на континентот остануваат исти.
Русија – повеќе украинска територија
Русија немаше свој претставник во Белата куќа. Но тоа можеби и не е важно: изгледа дека Путин остави доволно силен впечаток врз Трамп минатата недела за Москва да биде уверена дека нејзиниот став ќе биде адекватно претставен.
Трамп веќе изјави дека Украина нема да стане членка на НАТО – а Русија сака тоа ветување да се повторат и официјализира. Москва исто така бара целосна контрола врз Донбас, што би значело Киев да се откаже од териториите што сè уште ги држи во регионите Донецк и Луганск.
Најважно е што Москва успеа да му всади на Трамп идеја дека сега е ред на Зеленски да постигне договор за крај на војната – иако добро знае дека тој не може да се согласи да предаде територии. Победа за Русија би било ако оваа тензија го натера Трамп целосно да се повлече од преговорите и да ја остави Украина и Европејците сами да се справуваат.

