САД и Израел во саботата започнале голем „превентивен“ напад врз Иран, додека американски медиуми и претставници потврдија дека се изведуваат удари врз иранската држава, конфронтација и ги засенува напорите за дипломатско решение на долготрајниот спор околу иранската нуклеарна програма.
Израелскиот министер за одбрана Израел Кац изјави дека операцијата имала за цел „отстранување на заканите по државата Израел“, додавајќи дека станува збор за превентивен напад. Израелски одбранбен претставник рече дека операцијата била планирана со месеци во координација со Вашингтон, а датумот на почеток бил одреден пред неколку недели.
Американскиот претседател во видео-порака објавена на социјалните мрежи потврди дека САД започнале „големи и тековни борбени операции“ во Иран.
„Ќе ги уништиме нивните ракети и ќе ја срамниме со земја нивната ракетна индустрија“, изјави Трамп, предупредувајќи дека може да има американски жртви.
Експлозии се слушнале во Техеран во раните утрински часови, јавија ирански медиуми. Видео-снимки објавени на социјалните мрежи покажуваат чад над главниот град. Напади биле пријавени и во Исфахан, Ком и Керманшах, според иранската државна новинска агенција.
Извор запознаен со ситуацијата изјави за Ројтерс дека врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи, не се наоѓал во Техеран и бил префрлен на безбедна локација.
Израелската армија прогласи вонредна состојба низ целата земја, затвори училишта и работни места со исклучок на клучните сектори и го затвори воздушниот простор за цивилни летови. Сирени се огласиле низ Израел околу 08:15 часот по локално време, во, како што беше наведено, проактивна мерка поради можен ирански ракетен одговор.
Иранските власти соопштија дека земјата е подготвена да разговара за ограничувања на својата нуклеарна програма во замена за укинување на санкциите, но отфрлија поврзување на преговорите со ракетната програма. Техеран предупреди дека ќе се брани од секој напад и дека ќе возврати против американските бази во регионот доколку Вашингтон изврши удари врз иранска територија.
Нападите доаѓаат по 12-дневната воздушна војна меѓу Израел и Иран во јуни, кога САД ѝ се приклучија на израелската кампања против ирански нуклеарни постројки – најдиректна американска воена акција досега против Исламската Република. Тогаш Техеран возврати со лансирање ракети кон американската база Ал Удеид во Катар, најголемата американска воена база на Блискиот Исток.
Во февруари САД и Иран ги обновија индиректните преговори во обид да го решат повеќедеценискиот спор по дипломатски пат и да избегнат воена конфронтација што би можела да го дестабилизира регионот. Израел инсистираше секој евентуален договор да вклучува демонтажа на иранската нуклеарна инфраструктура, а не само ограничување на збогатувањето ураниум, како и рестрикции за балистичката програма.
Западните сили тврдат дека иранскиот балистички проект претставува закана за регионалната стабилност и би можел да носи нуклеарно оружје доколку биде развиен. Техеран негира дека се стреми кон создавање атомска бомба, наведувајќи дека неговата нуклеарна програма има цивилни цели.
Ситуацијата останува тензична, а дипломатски извори предупредуваат дека секоја понатамошна ескалација би можела да го вовлече регионот во поширок конфликт со непредвидливи последици за глобалната безбедност и енергетските пазари.

