14.8 C
Скопје
9 мај, 2024
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕПУБЛИКА

ДУИ со нова понуда до ВМРО-ДПМНЕ: Гласајте ги уставните измени и одберете датум за избори

Шефот на дипломатијата, од редовите на ДУИ, Бујар Османи, испрати понуда до опозициската ВМРО-ДПМНЕ – ако ги изгласаат уставните измени, ќе им се остави простор тие да одлучат кога ќе бидат изборитe. Османи вели дека станува збор за фер понуда, јавува ДВ. 

„Ако ги изгласаат уставните измени ќе оставиме тие да одлучат кога ќе бидат изборите кога и да сакаат, денеска, утре, задутре, веднаш после изгласување на уставните измени“, рече Османи одговарајќи на новинарско прашање на годишната Конференција за сајбер/ИКТ безбедност што во рамки на Претседавањето на Северна Македонија со ОБСЕ во Скопје.

Понудата на Османи следи откако претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, предложи парламентарните и претседателските избори да се одржат напролет меѓу двата големи верски празници.

„Оваа влада преку одбегнување да се договори датум за избори оди кон свесно предизвикување на уставна и политичка криза. Срамота е што преку медиуми се договараваме и лиферуваме датуми за редовни избори. Разбирам кога велат дека Ковачевски никој не го слуша во Владата, зошто ниту министрите, ниту вицепремиерите, а ниту кај него во партија му имаат почит. Нека земе бел лист хартија нека напише кој било датум меѓу двата најголеми верски празници идната пролет и да одржиме парламентарни и претседателски избори на еден трошок. Ќе доживеат жесток пораз и тежок дебакл од народот“, рече Мицкоски.

Доколку не се изгласаат уставните измени и ВМРО-ДПМНЕ опстои на својот став, тогаш, според Османи, остануваат редовните термини.

„Во тој случај мислам дека редовните термини треба да бидат земени предвид. Нека ги изгласаат уставните измени, ќе оставиме тие да одлучат за денот на избори, кога и да сакаат и за претседателските и за парламентарните. Доколку не, одиме на редовни избори. Дали ќе бидат заедно дали ќе бидат одвоено, е веќе прашање на логистика, техника и повеќе проценки на политичките партии да најдеме одреден консензус“, вели Османи.

Партиите веќе подолго време лицитираат со датуми кога да се одржат изборите идната година.

Мицкоски најпрво предложи вториот круг од претседателските и парламентарните избори да се одржат на ист ден, односно на 8 мај. Потоа се согласи изборите да бидат редовни и најави дека се подготвени да учествуваат во работните групи коишто ќе треба да го утврдат датумот за одржување на изборите во 2024 година.

„Еве им признавам дека победија, нема предвремени избори, редовни ќе бидат изборите. Како што ќе каже Ковачевски за датум и ден, само нека се сретнат работните групи и нека разговараат. Што ќе предложат, тоа ќе разговараме“, порача на 20 октомври лидерот на опозициската партија при посетата на Гази Баба.

Според премиерот Димитар Ковачевски, термините на одржување на редовните претседателски избори, како и за редовните парламентарните избори, треба да бидат предмет на дискусија меѓу сите партии, а не само меѓу две.

Претседателот на Собранието, Талат Џафери на брифинг со новинарите на почетокот на октомври рече дека нема пречка да се свика лидерска средба доколку има волја од самите лидери на политичките партии. Што се однесува до законските рокови за избори, Џафери најави дека најраниот рок за парламентарни избори е 5 мај, додека за претседателските избори 14 март. За да има редовни заеднички избори, тие мора да се одржат од 5 до 8 мај.

Related posts

Стари фотографии употребени за ширење паника, омраза и лажни вести

admin

КОИ СЕ СРПСКИТЕ ДОБРОВОЛЦИ „САВА“ И „ДУНАВ“ КОИ ВОЈУВААТ ВО УКРАИНА?

ninja

Ромни ги користи зборовите на Бајден против него, го повикува претседателот да му се придружи во пензионирањето: „Време е за транзиција“

admin

БУГАРСКОТО МНР ГО ОСУДИ ОШТЕТУВАЊЕТО НА КЛУБОТ „ЦАР БОРИС ТРЕТИ“ ВО ОХРИД

ninja

ВИДЕО | Автоматски воздушно такси веќе на продажба

admin

СДСМ ги одреди носителите на кандидатските листи

admin