Претседателот на државата Стево Пендаровски нема високи очекувања околу декемврискиот самит на Европската Унија (ЕУ) бидејќи државата не ги испорача уставните измени на кои што се обврза како услов за продолжување на евроинтеграцискиот пат, јави Гласот на Америка.
За разлика од него пак министерот за надворешни работи Бујар Османи смета дека сеуште има шанси во наредните еден и пол месец да се отвори Уставот.
Според претседателот Пендаровски, илузорно е било кој да очекува одржување на втората меѓувладина конференција која што практично значи отворање на поглавјата со ЕУ и почеток на преговорите за членство бидејќи условот, отворање на Уставот не е исполнет.
„Исходот од декемврискиот самит е јасен со оглед дека предусловот го имаме во европската преговарачка рамка и очигледно не може да го исполниме. Тоа јас го зборувам една и пол година наназад бидејќи политичките реалитети беа такви во државата. Во меѓувреме, за жал, поради тврдиот став на опозицијата не се промени ништо во таа насока. Јасно е дека на декемврискиот самит не може да има позитивна одлука за нас, во смисла да се одредува тајмингот за втората конференција со која би требало да продолжиме со преговорите. Да видиме какви ќе бидат одлуките на ЕУ во декември за останатите држави од западен Балкан меѓутоа за Македонија нема што да очекувам, го знаеме условот не го исполнуваме, овој месец завршува скринингот тоа беше главниот предуслов да продолжиме“, е ставот на претседателот Стево Пендаровски.
Шефот на дипломатијата Османи, потенцираше дека станува збор за историски момент и обврска на политичките субјекти во дтржавата. За разлика од претседателот Пендаровски тој смета дека во преостанатите еден и пол месец има некаква шанса да се помрдне од мртва точка. Тој повторно вината ја лоцираше исклучиво кај опозицијата.
“Јас нема да престанам, да работам до последниот момент бидејќи немаме алтернатива. Почетокот на преговорите е најтешкиот процес во кој политичар може да влезе. Историјата ќе ги казни тие луѓе што ја пропуштаат и ја коцкаат оваа историска шанса пред која се наоѓаме. Ние ќе се бориме до крај за да направиме исчекор. Не можам сега да кажам дека тој процес нема да успее. Еден и пол месец во политиката е долг период во кој може да се направат големи работи. На крај со име и презиме ќе ги посочиме тие што ја прокоцкаа оваа историска шанса и ќе бидат причина за сите последици кон државата“, изјави министерот Османи
Меѓутоа делумниот оптимизам на Османи не е во склад со календарот односно законските процедури за уставни измени според кои доколку денеска Собранието го отвори Уставот, процедурата налага да помине еден месец пред текстот на предложените амандмани да се најде пред пратениците, за да продолжи собраниската процедура, по што би поминало уште два – три месеци до нивно усвојување.
Европскиот совет на кој треба да се донесе одлуката дали Северна Македонија и Албанија ги исполниле условите и обврските за преминување во втората фаза од преговорите е закажан за 14 и 15 декември.