11.8 C
Скопје
3 мај, 2024
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕПУБЛИКА

„На гладен стомак не се учи“: Активисти бараат бесплатен оброк за сите ученици во државата

Со петиција на која се собрани над 7200 потписи, младински активисти побарaа од образовните власти да обезбедат бесплатен оброк за сите ученици во основните и средните училишта ширум државата.

 

Пишува: Вања Мицевска

Станува збор за иницијатива на здружението Еквалис кое достави и писмени барања до ресорниот министер Јетон Шаќири. Активистите бараат бесплатниот оброк итно да се стави како приоритет во стратешкото позиционирање на Министерството за образование и наука, кое меѓу другото, би ги известувало и нив за тоа како се работи на остварување на ова прашање.

На барањата се приклучија уште дваесетина организации и неформални групи, што според активистот Ангел Димитриевски покажува дека темата допира многу луѓе. „Позадината“ на оваа иницијатива за жал, не го исклучува булингот кој речиси е секојдневие за децата чии родители не можат да им приуштат оброк на училиште.

Поразителната ситуација во која дел од учениците седат гладни во училишните клупи,  начините на кои би можела да се реализира мерката за бесплатен оброк, но и улогата на работната група Млади МОН – се дел од прашањата за кои ММС разговараше со Димитриевски, а коментар побаравме и од Министерството.

Оброкот на училиште како класно прашање

-Иницијативата за бесплатниот оброк ја креиравме во рамките на еден проект во кој ги слушнавме потребите на младите луѓе. Ние работевме со неколку средношколци и студенти. Најпрво ги прашавме кои се проблемите кои ги засегаат нив и тука се наведоа многу  проблеми. Но овој проблем се чини дека е познат за луѓе коишто се моментално во образование, како и луѓе коишто можеби веќе го завршиле своето образование или се на факултет, а го имаат почувствувано овој проблем на сопствена кожа.  Ова е прашање кое е класно прашање, кое ги засега семејствата со социо-економска ранлива позадина, но исто така ние го гледаме како прашање на израмнување на некои нееднаквости коишто постојат во училиштата – објаснува Димитриевски во изјава за ММС.

За жал, вели тој, често се случува некои ученици воопшто да не јадат додека се на училиште, а со актуелната инфлација тоа добива на замав.

-Многу е важно да се напомене и една од аргументациите на младите кои ја спроведуваат оваа иницијатива во нашата организација, а тоа е дека меѓу оние кои не можат да си го дозволат оброкот на училиште се и децата кои доаѓаат од еднородителски семејства. Многу често се случува, овие ученици воопшто да не конзумираат оброк на училиште, да прескокнуваат оброци. На пример, јадат во понеделник, па во вторник не јадат. Или пак, се случува да конзумираат нешто што е исклучително нездраво и тоа директно влијае на здравјето на самите ученици. Со инфлацијата, забележан е пораст на трошоците кај семејствата и буквално тие се доведени во ситуација оброкот на училиште да претставува луксуз. Едноставно, не можат сите семејства да си го дозволат,  а тоа е поразително. Станува збор за една основна потреба и ако сакаме учениците понатаму да се развиваат, да можат да седнат и да учат, тоа нема да може со гладен стомак да го направат – порачува активистот.

Фото: Архива

Искуството покажува дека децата кои не можат да си дозволат оброк, често се социјално исклучени од своите врсници. Ова пак, е проследено и со исмејување.

„Овие ученици, покрај гладот кој го чувствуваат, претрпуваат низа посрамувања во својата средина“, констатира Димитриевски. Токму затоа, додава тој, на оваа мерка треба да се гледа поопширно, бидејќи таа не го адресира само гладот.

„Оваа мерка ќе успее да донесе некое порамнување на различните форми на ученици според тоа колкави примања имаат. Ако сите може да излезат на голем одмор и сите да се дружат, ниту едно дете нема да биде изолирано само поради тоа“, нагласува Димитриевски.

Додека е сѐ уште актуелна темата за картичките за субвенционираниот студентски оброк, го прашавме како според активстите би било најдобро да се реализира оваа мерка на што тој посочува, дека би можеле да се земат предвид искуствата од земјите од регионот.

„Ние согледувавме практики од други држави кои при тоа, не се ни многу далечни. Станува збор за земји од регионот кои спроведуваат ваква мерка и во тие сознанија увидовме дека спроведувањето по принцип на делење на оброкот е подобро, бидејќи со картичките може да се јават различни административни препреки со оглед на тоа дека се работи за малолетни лица. Повторно се јавува оваа димензија која ја споменавме и ја побаравме,  а тоа е дека ќе треба да се работи на креирање на оброк којшто само ќе се даде и да биде било каков, туку да биде здрав и нутритивен за да може тоа дете да функционира“, објаснува нашиот соговорник.

Тој и останатите активисти кои ја доставија иницијативата, побараа во концепирањето на оваа мерка, МОН да ги вклучи сите засегнати граѓански организации, млади, родители, претставнички тела, но и медицински експерти. Освен тоа, тие бараат и да се реактивира работната група Млади МОН од која се дел повеќе младински организации, но таа е неактивна скоро една година.

Објаснувајќи ја улогата на ова тело за унапредување на положбата на младите воопшто, Димитриевски истакнува дека таму членуваат претставници на низа граѓански организации кои ги застапуваат нивни гласови, со цел да предложат различни политики преку кои Министерството би го подобрило стандардот на учениците во македонскиот образовен систем.

Фото: Вангел Тануровски

-За жал, оваа група речиси една ипол година стана неактивна. Не е одржан  ниту еден состанок со граѓанските организации, а јас сметам дека е многу проблематично. Ние во нашите барања заедно со петицијата, побаравме и итно реактивирање на оваа работна група затоа што на кој начин МОН ќе ги знае овие проблеми на младите, ако тоа не го црпи директно од организациите или од телата кои работат директно со младите – порачува Димитриевски.

Зошто оваа работна група не одржува состаноци и дали воопшто ќе биде реактивирана сѐ уште е неизвесно. Прашавме, но од Министерството одговор не добивме.

Работната група Млади МОН на „стенд бај“

ММС достави прашање до прес службата на оваа институција и во врска со тоа, дали се планира воведувањето на бесплатниот оброк и доколку да, дали тоа би било од учебната 2023/2024 година? Од таму во писмениот одговор кусо посочија дека заедно со УНИЦЕФ, Светска банка, ЗЕЛС и општините работат на креирање нова формула за финансирање на основното образование преку која ќе се обезбедат доволно финансиски ресурси за да се исполнат образовните стандарди во училиштата.

МОН најавува дека ќе се зајакнат ефикасноста и резултатите од трошењето на средствата и ќе се осигури дека распределбата на средствата за општините и училиштата се заснова на објективни критериуми и е правична.

-Дискутираме и за тоа, трошоците за оброк за учениците да бидат покриени преку овој нов начин на финансирање на основното образование, но сепак, конечната одлука ќе зависи од мислењето на сите страни кои се дел од процесот на дефинирање на новата формула, а особено од буџетските можности. За крајниот исход јавноста ќе биде известена – најавуваат од Министерството за образование и наука.

Што велат истражувањата?

Невладините организации во рамките на петицијата успеаја да соберат 5430 потписи онлајн и уште 1778 потписи преку физичко собирање. Во неа алармираат дека некои од учениците поминуваат и по 10 часа надвор од својот дом, а поради финансиската исцрпеност, оброкот на училиште е луксуз кој тие не можат да си го дозволат секој ден.

Активистите се повикуваат и на истражувањата кои нотираат дека според податоците од ланската година, секое трето дете не добива ниту еден здрав и квалитетен оброк во текот на еден ден. Во семејства со 3 или повеќе деца, речиси половина од децата немаат ниту еден здрав оброк во текот на еден ден. Ова значи дека речиси половина од децата во нашата држава постојано гладуваат или се хранат нездраво и недоволно, како резултат на сиромаштијата и економската криза.

Според истражувањата, придобивките од воведување бесплатен оброк кај учениците е веќе неопходност. Новата анализа којашто ја презентираа УНИЦЕФ и Аналитичкиот центар „Фајненс тинк“ посочува дека околу 33.000 лица, од кои 10.000 деца, се втурнати под прагот на сиромаштијата поради кризата со храна и енергија.

 

Related posts

Пет години по Преспа: Што се постигна?

admin

Ромни ги користи зборовите на Бајден против него, го повикува претседателот да му се придружи во пензионирањето: „Време е за транзиција“

admin

Ердоган – Продолжувањето на договорот за извоз на жито од Украина би било правилна одлука

ninja

СКОПЈЕ И СОФИЈА СО ЗАЕДНИЧКИ ПЛАН ЗА 4 ФЕВРУАРИ

ninja

Се намалува бројот на учениците во С.Македонија

admin

Деветти антикризен пакет: Мерките како „сламка за спас“ за најранливите, а причина за контрирање на партиите

admin