15.8 C
Скопје
2 мај, 2024
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕПУБЛИКА

ЕК бара да се зајакне улогата на Собранието

Европската комисија во годишниот извештај за напредок, објавен денеска, забележува дека Северна Македонија продолжила со напорите за зајакнување на демократијата, но се соочила со значителни предизвици во областа на владеење на правото.

За изборното законодавство се нотира дека е погодно за одржување демократски избори, но се забележува дека не бил постигнат напредок за решавање и имплементација на препораките од ОБСЕ/ОДИХР и Венецијанската комисија.

„Како што постојано беше споменувано и во претходните извештаи, изборното законодавство треба сеопфатно да се ревидира и на еден навремен, инклузивен и транспарентен начин да се решат недоследностите“, пишува во извештајот.

Кога се во прашање по политичките критериуми, ЕК нагласува и дека работата на Собранието била нарушена со политичка поларизација која изминатата година се продлабочила, а со тоа се „одложило усвојувањето на многу реформски закони и важни назначувања“. Оттука, од Комисијата, нагласуваат дека пристапниот процес бара широк консензус од главните политички партии.

„Сите партии треба да почнат да се вклучат во конструктивна и инклузивни политичка дебата за да се зајакне улогата на парламентот“, забележува ЕК, а во однос на Собранието потсетува дека тоа заедно со Владата се обврзало да ги направат уставните реформи со цел вклучување на други народи во Уставот, како што се Бугарите.

За потсетување, вметнувањето на Бугарите во Преамбулата е услов кој државата мора да го исполни за да ги отвори првите поглавја од пристапниот процес кон ЕУ.

Отворени критики од Брисел упатуваат и за употребата на европското знаменце при носењето закони.

Станува збор за инструмент со кој во Собранието законите се носат по брза постапка, а дебата се ограничува на три дена. Меѓу последните законски измени што беа донесени под превезот на европското знаменце беа и тие на Кривичниот законик.

„Има прекумерна, а понекогаш и несоодветна употреба на скратените постапки и на процедурата со европско знаменце, во некои случаи поради недоволно комуникација и лошо планирање на законодавниот календар. Европското знаме треба да се користи кога е директно поврзано со усвојување на закони чија главна цел е усогласување со правото на ЕУ, а не за кратка јавна дебата за важни прашања“, забележува ЕК.

Парламентот, се нотира, треба да обезбеди и навремено разгледување на извештаите што му ги доставуваат државните агенции и други органи.

За годишниот извештај на ЕК, министерот за надворешни работи Бујар Османи рече дека е најпрецизниот и најобјективниот скен на државите кандидати, но смета дека на него треба да се гледа повеќе како на укажување на напредокот и слабостите на кои владата и општеството треба да работат во наредната година.

Тој го впери прстот кон опозицијата како одговорна за критиките во извештајот бидејќи смета дека во суштината на слабостите е политичката поларизација и блокада на парламентот.

„Важна е причината. Во една каузална терапија го лекувате проблемот, а не симптомот. Ова што го гледаме како детектирани слабости се симптоми на една причина, а причината е политичката поларизација односно обидот да се стават партиски над државните интереси. Гледаме дека се е она што се вика: ’морам јас да добијам се, и на штета на државата. Второ, иронија е да се повикувате на борба против корупцијата, а да го блокирате отворањето на поглавјата 23 и 24, кои во суштина се борба против корупцијата“, рече Османи.

Од најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ, пак, оценија дека извештајот е одраз на реалноста и доказ дека се лажни изјавите на власта на СДСМ и ДУИ за фокусираност на европската агенда.

„Извештајот на ЕК покажува и потврдува дека власта наместо да работи и да се посвети на реформи, се насочува кон стратешки погрешни цели. Власта на СДС и ДУИ е разобличена, проблемот зошто Македонија не почнува преговори, не се штетните договори или пак промената на Уставот под нечиј диктат туку затоа што државата не е средена, не е вистински реформирана и затоа што наместо право и правда владее власт заглавена во криминал и корупција“, рече портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева.

Годишниот извештај на ЕК е најважниот документ за секоја земја која претендира да стане членка на ЕУ и ја отсликува состојбата во клучните полиња каде е неопходен напредок за пристапниот процес.

Од реформите што ги бара ЕК, а кои се скенираат во овие годишни извештаи, зависи и економскиот раст на земјава. Брисел подготви пакет помош од шест милијарди евра за Западен Балкан, а претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, при посетата на Скопје на 30 октомври, го презентираше Планот за раст, но порача дека за да се исполни треба да има реформи.

Related posts

Што остана неисполнето од Преспанскиот договор

admin

Се стега ли обрачот околу Вучиќ?

admin

Трите грешки на ресорот правда

admin

КРИЗАТА ГИ НАТЕРА ГРАЃАНИТЕ ДА ШТЕДАТ

ninja

ММФ излезе со извештај за С.Македонија, се критикува задоцнувањето на даночната реформа

admin

Низ Западниот Балкан ќе се патува со лични карти

ninja