18.8 C
Скопје
3 мај, 2024
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕПУБЛИКА

Западот нема да дозволи уништување на ОБСЕ

Шефот на руската дипломатија Лавров и западните дипломати меѓусебно се обвинуваа за уништување на ОБСЕ. Дел од делегациите го бојкотираа неговиот говор и му порачаа на Кремљ дека војната во Украина треба да прекине. Американскиот помошник државен секретар О Браен порача дека ОБСЕ ќе опстане и без оние кои го блокираат. Прашањето за финансиската иднина на ОБСЕ падна во сенка.

Бојкотот на дел од делегациите на говорот на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, неговите обвинувања кон Западот дека го уништува ОБСЕ, како и пораките кои западните дипломати му ги пренесоа поради руската инвазија врз Украина го засенија фокусот на денешниот 30-ти министерски совет на ОБСЕ.

Темите за финансиската иднина на ОБСЕ и изборот на Малта да претседава догодина со ОБСЕ паднаа во втор план.

На состанокот во Скопје, главниот град на Северна Македонија, актуелен претседавач со Организацијата за безбедности и соработка во Европа сите земји учеснички се залагаа дека ОБСЕ мора да опстои, но западните земји и Русија меѓусебе се обвинија кој сака да ја уништи организацијата.

Кој го уништува ОБСЕ?

Западните дипломати со извадени ракавици и со делумен бојкот испратија порака до Москва дека се спротивставуваат на војната во Украина. Тие го вперија прстот во Русија дека го кочи функционирањето на ОБСЕ. Од друга страна, и Лавров, кој во живо ги слушаше нивните пораки и реакции, возврати обвинувајќи го Западот дека со години го уништува ОБСЕ.

„Секој непристрасен човек разбира дека е важно прашањата за европската безбедност да се решаваат сериозно и искрено. Сепак, западната престолнина е завидно опседната со шансите на ОБСЕ за заживување. Тие веќе создадоа европска политичка заедница без Русија и без Белорусија. Така, на нашиот континент се исцртува уште една линија на поделба, уништувајќи го просторот на ОБСЕ“, рече Лавров.

Тој вели дека сегашната ситуација е директна последица на обидите на западните земји да ја обезбедат својата доминација преку „бесрамното користење на ОБСЕ за агресивно туркање на тесни себични интереси и намерно уништување на основниот принцип на консензус и самата култура на дипломатијата“, рече тој.

Во својот 15 минутен говор, Лавров ги напаѓаше западните земји, Европската унија и НАТО.

Напаѓаше Лавров, напаѓаа и западните дипломати.

Помошник-државниот секретар на САД за Европа и Евроазија, Џејмс О’Брајан, пак, изрази очекувања дека Малта како следен претседавач ќе заврши одлична работа во 2024 година и испрати порака до Русија која по почетокот на инвазијата во Украина ја блокира работата на организацијата.

„Чест ми е што сум овде, но ова е привилегија и избор. Сега изборот е на државите кои се обидуваат да ја блокираат работата на оваа организација да видат дали се подготвени да застанат со цивилизираната заедница што се заснова на завршниот акт на Хелсинки или сакаат да продолжат со опструкциите. Во секој случај, ОБСЕ ќе функционира. Но, прашање на нив е да изберат дали сакаат да бидат со нас во ова“, рече О’Брајан.

Шефицата на германската дипломатија Аналена Бербок порача дека „нема да ја дозволат играта на Русија да ги уништи организациите кои се потпираат на мирен соживот и соработка“.

Дел од делегациите го бојкотираа Лавров

Но дел од делегациите демонстративно станаа кога Лавров стигна на ред за збор, меѓу нив и делегацијата од Украина, земјата која речиси две години е под руска агресија. И делегацијата на Чешка го бојкотираше Лавров, објави министерот за надворешни работи, Јан Липавски на платформата Х (поранешен Твитер).

Липавски наведе дека не го слушал говорот на шефот на руската делегација во Скопје и смета дека покорисно е во тој момент во салата да бидат присутни неговите колегите задолжени за следење на дезинформации.

На настанот во Скопје пристигнаа делегации на над педесет земји со околу 1000 учесници. Украина и балтичките земји, во знак, на протест поради доаѓањето на Лавров, не ги испратија своите шефови на дипломатии.

Пат до Скопје преку Турција и Грција

Северна Македонија и Бугарија го отворија небото за авионот на рускиот министер и покрај воведените санкции по почетокот на руската инвазија на Украина. Но патот до Скопје, сепак ги одведе преку Турција и Грција, оти официјална Софија побара портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, која е на списокот на санкционирани лица, да не биде во авионот.

Блинкен и Лавров не седнаа на иста маса

Рускиот министер за надворешни работи се размина со американскиот државен секретар Ентони Блинкен, кој беше во посета на Скопје во средата вечерта.

По состанокот со претседавачот на ОБСЕ, министерот за надворешни работи Бујар Османи и со државниот врв, Блинкен присуствуваше и на неформалната вечера со останатите министри и амбасадори на земји членки на ОБСЕ.

Откако се навечераа Блинкен, шефот на дипломатијата на Европската унија, Жозеп Борел и британскиот министер Дејвид Камерон, ја напуштија Северна Македонија.

Еден од ретките кои се сретнаа со Лавров на Министерскиот состанок е неговиот унгарски колега, Петер Сијарто, за што сведочи и фотогафијата на профилот на рускиот министер на платформата „Х“.

Лавров разговараше и со ерменскиот министер за надворешни работи, Арарат Мирзојан. Но за средбите на Лавров, на маргините на состанокот, се пофали само руската страна на социјалните мрежи.

Германската министерка за надворешни работи, Аналена Бербок, засега нема закажано средба со шефот на руската дипломатија, Сергеј Лавров, на маргините на Министерскиот совет на ОБСЕ што се одржува во Скопје.

Од Кабинетот на Берборк за РСЕ изјавија дека шефица на германската дипломатија очекува на овој состанок да се зајакне улогата на ОБСЕ.

Претседавачот на ОБСЕ и министер за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи, го пречека Лавров, како што ги пречека и претставниците на другите учесничи. А премиерот Димитар Ковачевски рече дека нема да се сретне со рускиот министер.

Ковачевски оцени дека „ова апсолутно не е никаква дипломатска победа на Русија, туку е дипломатска победа на ОБСЕ, со оглед на тоа дека беше доведено во прашање функционирањето на ОБСЕ“.

„Народот во Украина заслужува мир и војната мора да запре, постигнувањето на праведен и одржлив мир преставува императив. Оваа војна продолжува да ги поткопува и темелите на ОБСЕ, затоа како клучно безбедносно прашање на нашиот регион, централен приоритет за нашето претседавање е суштинска поддршка за Украина“, рече Ковачевски.

Премиерот нотираше дека Северна Македонија претседаваше со ОБСЕ во најтешката година за организацијата кога се соочи со голем број предизвици, како неоправданата агресија на Русија врз Украина.

Црвен килим за учесниците на Министерскиот совет на ОБСЕ.
Црвен килим за учесниците на Министерскиот совет на ОБСЕ.

РСЕ прашува, Лавров игнорира

Во средата утрото на црвениот килим пред салата Борис Трајковски, каде се одржува Министерскиот состанок, Лавров го игнорираше прашањето на Радио Слободна Европа: „Кои цели ги постигнавте со војната во Украина?“

Во петок е најавена прес-конференција на рускиот министер, за чие присуство се акредитираше и екипата на Радио Слободна Европа.

Спортската сала во која се одржува Министерскиот состанок специјално беше преуредена за овој настан, но сепак на виделина излегоа проблеми, како кров кој прокиснува, нема вода во тоалетите и ладни простории.

Малта оставена за в петок

Во петок, кога завршува конференцијата ќе се формализира кандидатурата на Малта за преземање на претседавањето со ОБСЕ следната година. Османи во своето обраќање на 30- тиот министерски совет на ОБСЕ посочи дека фокусот на конференцијата треба да биде на луѓето во регионот на ОБСЕ и на тоа што е најдобро за нив.

„Сведоци сме на разорувачките ефекти на агресијата која е во тек врз луѓето во Украина и сведочиме за неприфатливите акти предизвикани од влада која ги напушти вредностите и принципи на ОБСЕ притискајќи ги своите политички цели со употреба на сила и агресија. ОБСЕ мора да служи како активна платформа за отчетност во времиња кога се во пораст тензии и конфликти“, изјави Османи.

„Секогаш е за луѓето, само за луѓето е, нашите дела денеска се наследство за утре“, рече Османи.

ОБСЕ има клучни инструменти за безбедноста и станува релевантна и за безбедноста на Евроазија, порача генералната секретарка на ОБСЕ, Хелга Шмид на денешниот Министерскиот совет на ОБСЕ во Скопје .

„ОБСЕ е можна сила за промена за многу граѓани во регионот на ОБСЕ. Навистина за луѓето се работи. Со ваша поддршка ОБСЕ може да даде особен придонес за подобра иднина“, рече Шмид.
Генералната секретарка на организацијата рече дека и понатаму ќе бараат поддршка во Украина и за демократските институции во земјите членки.

„И покрај сите предизвици со кои се соочуваме ние постигнуваме конкретни резултати“, рече Шмид.

На денешниот Состанок, претставниците на земјите членки разговараат и за Буџетот на организацијата, кој се уште не е донесен.

Предизвиците пред ОБСЕ

На Министерскиот совет во Скопје, Северна Македонија, дојдоа делегации од 76 земји од кои 57 членки на ОБСЕ и останатите се партнерски држави од медитеранската и азиската група.

По почетокот на руската инвазија во Украина, ОБСЕ како организација се соочи со тешкотии во функционирањето поради ветата што ги ставаше Москва на одлуките што мора да се носат со консензус од 57-те земји членки.

Оттука и на Министерскиот состанок во Скопје се гледа како клучен за иднината на ОБСЕ. На пример, еден од главните предизвици беше да се најде земја што ќе го презеде претседателството од Северна Македонија во 2024 година.

Единствениот формален кандидат – Естонија, неколку пати беше блокиран од Русија. На 27 ноември, неколку дена пред почетокот на Министерскиот состанок, министерот за надворешни работи Бујар Османи објави дека на подготвителен состанок бил постигнат консензус Малта да биде иден претседавач со ОБСЕ, одлука што треба да биде потврдена на настанот во Скопје.

Покрај ова, во рамки на Организацијата потребно е во Скопје да се постигне консензус и за четири клучни позиции: генералниот секретар, директорот на ОДИХР, високиот претставник за национални малцинства и претставникот за слобода на медиумите.

Мандатот на актуелните функционери на овие позиции завршува на 4 декември годинава. ОБСЕ претставува меѓународна безбедносна институција во светот, а беше основана за време на Студената војна како платформа за дијалог меѓу западните нации и земјите од источниот блок. Седиштето на ОБСЕ се наоѓа во Виена, Австрија, една од ретките земји во нејзиното опкружување која не е членка на НАТО. Организацијата има и парламентарно тело од 323 членови – Парламентарно собрание на ОБСЕ (ПС на ОБСЕ).

Related posts

ПЕНДАРОВСКИ МУ ВОЗВРАТИ НА МИЛКОВ: ДАЈТЕ ДОКАЗИ!

ninja

БОРЕЛ – РУСИЈА ЈА ЗАГРОЗИ НУКЛЕАРНАТА БЕЗБЕДНОСТ

ninja

„Брза лента“ за законските измени за коридорите 8 и 10д

ninja

“ФРАНЦИСКИ ПРЕДЛОГ”, ПОРАКА НА АМБАСАДОРОТ НА САД КЕЈТ МАРИ БРНЗ

ninja

ПЕНДАРОВСКИ – НАЈОСТРО ГО ОСУДУВА КАМЕНУВАЊЕТО НА МАКЕДОНСКИОТ КЛУБ ВО БУГАРИЈА

ninja

МЕДВЕДЕВ: РУСИЈА ЌЕ СЕ РАСПАДНЕ ДОКОЛКУ ЗАГУБИ ВО УКРАИНА

ninja