25.8 C
Скопје
28 април, 2024
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕПУБЛИКАСВЕТ

Русија и Лавров изолирани во Скопје

Критики за руската агресија врз Украина, поддршка и разбирање за украинскиот народ и неговите страдања, како и повици за зајакнување на најголемата безбедносна организација во Европа го одбележаа првиот ден од 30. Министерски состанок на ОБСЕ во Скопје, кој на едно место собра 1.000 делегати од 57 земји членки на Организацијата и земји партнери.

Сите очи беа вперени кон рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, кој во своето обраќање ги обвини останатите земји членки, особено ЕУ и САД, за лицемерие и непочитување на принципите на кои се потпира ОБСЕ.

Поради доаѓањето на Лавров во Скопје, министрите за надворешни работи на Украина, Естонија, Летонија. Литванија и Полска го откажаа своето учество на Министерскиот совет, но делегации од земјите на пониско ниво, сепак, допатуваа на состанокот. Дел од оние што присуствуваа на состанокот го бојкотираа говорот на Лавров и ја напуштија салата во оној момент кога тој го започна своето обраќање. Во подолгиот говор тој ги обвини западните земји дека го уништуваат ОБСЕ.

Високите претставници на земјите-членки на безбедносната организација, му возратија со критики на руската инвазија во Украина, испратија пораки за поддршка на украинскиот народ и побараа мир.

ОБСЕ Скопје
Високите претставници на земјите-членки на безбедносната организација застанаа цврсто против руската инвазија во Украина, испратија пораки за поддршка на украинскиот народ и побараа мир. Фотографија: North Macedonia Government
Лавров сам против сите

Лавров рече дека ова што моментално се случува во ОБСЕ не е вистинскиот начин на кој треба да се третираат европските безбедносни прашања. Тој пред учесниците на Министерскиот совет истакна дека западните престолнини постапуваат така што го поткопуваат работењето на ОБСЕ. 

„Поделбите на континентот ја поткопуваат безбедноста што ја креира ОБСЕ и доблесната идеја на која почива процесот од Хелсинки“, рече Лавров.

ОБСЕ, според рускиот министер за надворешни работи, е претворена во организација која им служи на интересите на НАТО и ЕУ. Сегашните случувања, смета тој, го доведуваат во прашање и функционирањето на ОБСЕ како форум за објективно решавање на глобалните проблеми и го поткопуваат принципот на еднакви права на сите учесници.

„Со жалење можеме да кажеме дека ОБСЕ ја дочекува оваа годишнина во жална состојба, а нејзините перспективи се нејасни“, рече рускиот министер.

Сергеј Лавров
Сергеј Лавров во подолгиот говор тој ги обвини западните земји дека го уништуваат ОБСЕ.Некои од земјите-ученички го бојкотираа неговиот говорФотографија: Boris Grdanoski/AP Photo/picture alliance

По завршувањето на говорот тој ја напушти салата. Претходно на маргините на Министерскиот состанок на ОБСЕ во Скопје имаше билатерални средби со шефовите на дипломатиите на Ерменија и на Унгарија, Арарат Мирзојан и Петер Сијаро, како и блиц средба со шефот на австриската дипломатија, Александер Шаленберг.

Обединетост во поддршката за Украина

Наспроти говорот на Лавров, во обраќањата на останатите учесници на состанокот на ОБСЕ преовладуваше силна поддршка за Украина и ОБСЕ.

Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок порача дека соработката во ОБСЕ мора дополнително да се зајакне, иако Русија постави огромни пречки на патот на работата на организацијата во последните година и пол.  Бербок рече дека нема да ја дозволат играта на Русија да ги уништи организациите кои се потпираат на мирен соживот и соработка.

„Како ниедна друга организација, ОБСЕ се залага за безбедност на повеќе од 1,3 милијарди луѓе, што значи дека тие сакаат да живеат заедно во мир и безбедност и добар економски развој“, нагласи Бербок. Фактот дека Русија не успеа да го уништи ОБСЕ, според неа, „е важен придонес за нашиот мировен поредок“.

Аналена Бербок
Бербок рече дека нема да ја дозволат играта на Русија да ги уништи организациите кои се потпираат на мирен соживот и соработка.Фотографија: Sebastian Gollnow/AFP/Getty Images

Помошникот државен секретар на САД за Европа и Евроазија, Џејмс О’Брајан беше дециден: „Потребно е да упатиме сериозна критика за секој кој има намера да го блокира функционирањето на ОБСЕ, затоа што тоа би било директна закана кон нејзините основни вредности и заложби, но и кон животите на милиони луѓе кои се обидуваат да ги уживаат основните човекови права“.

Тој вели дека руската офанзива кон Украина е директна закана за слободата на цивилното население, за меѓународното право, како и принципите на оваа организација. „Русија продолжува да ги прекршува принципите на ОБСЕ. Се приклучувам кон гласот на моите колеги кои ја повикуваат Русија да ги сопре прекршувањата на основните принципи на организацијата. Верувам дека ОБСЕ ќе напредува и дека Малта како претседавач ќе може да заврши одлична работа во 2024 година“, додаде О’Брајан, откако Лавров оцени дека Молдавија е следната жртва во хибридната војна на Западот против Русија.

Руската офанзива како закана

Шефот на британската дипломатија Дејвид Камерон пред самитот порача дека Обединетото Кралство продолжува да ги поддржува Украина и ОБСЕ. Според него, Русија е одговорна за конфликтот и дека нивните постапки се неодбранливи и ги прегазиле сите десет начела на Хелсиншкиот завршен акт, врз кој почиваат односите меѓу државите.

И претседателката на Парламентарното собрание на ОБСЕ, Пиа Каума, смета дека влијанието на руската агресија врз Украина останува во фокусот на целиот регион.

„Суровоста и страдањата на украинскиот народ се во фокусот на нашето внимание. Не смееме да останеме слепи при очиглендата агресија и некоректното насилиство на Русија врз Украина. ОБСЕ се соочува со повеќе предизвици“, рече Каума.

Шефот на австриската дипломатија, Александар Шаленберг има целосно разбирање за „украинските пријатели кои одлучиле да не присуствуваат на состанокот“, во знак на протест поради присуството на шефот на руската дипломатија, Сергеј Лавров.

Но, тој порача дека „Западот не смее да се плаши да седне со Русите“.

„Ова не е дипломатска победа на Русија“

Силна поддршка за Украина изразија и шефот на македонската дипломатија и претседавач со ОБСЕ, Бујар Османи, како и премиерот Димитар Ковачевски.

„Руската воена агресија врз Украина ги прекрши сите правила на Организацијата, Финалниот акт од Хелсински и други клучни документи за европската сигурност и човековите права. Војната ги поктопа довербата, дијалогот и нашиот капацитет да испорачаме, а над се таа ги уништи животите на обичните луѓе, нивното право да живеат слободно, соочени со стравот од војната и создадените воени услови. Во рамки на ОБСЕ дијалогот и соработката беа заменети со поделби и поларизација“, рече Османи во обраќањето.

Бујар Османи
Руската воена агресија врз Украина ги прекрши сите правила на ОБСЕ, порача Бујар ОсманиФотографија: Thomas Peter/REUTERS

Ковачевски, пак, оцени дека доаѓањето на Лавров во Скопје и откажувањето на посетата на неколку земји поради него, не значи и триумф на руската дипломатија.

„Ова апсолутно не е никаква дипломатска победа на Русија. Ова е дипломатска победа на ОБСЕ, со оглед на тоа дека беше доведено во прашање функционирањето на ОБСЕ. Со ова ОБСЕ ќе продолжи да функционира и ќе продoлжи да биде гарант на обезбедување развој на демократските и на мирните процеси во Европа“, рече Ковачевски. Порачувајќи дека народот на Украина заслужува мир, тој укажа дека оваа војна ги поткопува темелите на ОБСЕ.

На најголемиот меѓународно-политички настан организиран во земјата од независноста присуствуваат шефовите на дипломатиите на најголем број од земјите-учеснички на ОБСЕ, меѓу кои првите дипломати на САД и на Русија, Ентони Блинкен и Сергеј Лавров, на Канада, Велика Британија, министри од земјите-членки на ЕУ и на НАТО, од Медитеранот, Блискиот Исток и Централна Азија.

Дводневниот собир се одржува во Спортскиот центар „Борис Трајковски“.

Извор: ДВ

Related posts

САД обвинети за повлекување од НАТО сојузникот Албанија, додека Русија сака да го зголеми регионалното влијание

admin

Нов однос кон Софија или загревање за избори?

admin

Резолуцијата на САД ги обедини СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ

admin

МУНДИЈАЛОТ ВО КАТАР МЕЃУ КОНТРОВЕРЗИТЕ И КВАЛИТЕТНИОТ ФУДБАЛ

ninja

ЗАКАНИТЕ НА АНГЕЛ ЏАМБАСКИ ГИ КРЕНАА ИНСТИТУЦИИТЕ НА НОЗЕ

ninja

Германски медиуми: За каква иднина се спрема Србија?

admin