10.8 C
Скопје
3 март, 2024
Inbox7.mk
АНАЛИЗА

Адвокатот на Брејвик

Тенка е линијата помеѓу анархија и систем, помеѓу држава и заробена држава. Па, ако сакаме држава, како истовремено “негуваме” анархија?

Пишува: Никица Корубин

Ретко кој не се сеќава на масакрот кој во 2011 го направи Андерс Брејвик, екстремен десничар, во кој уби 77 тинејџери во Норвешка. Но, ретко кој се сеќава на неговото судење, пресуда и судбина. И во ситуација кога и ние како општество, и тоа не по прв пат се среќаваме со страшни злосторства, и особено со гневот и немоќта која природно следи, добро е да го рационализираме дискурсот. Пред наративот целосно да не се “лизне” во “прек суд” и “јавен линч”.

“Адвокатот на Брејвик вели дека го води непоколебливото убедување дека во едно демократско општество како што е Норвешка, дури и сторителите на најгрозоморните злосторства имаат основно право на целосно правно застапување”.

И тоа е основата на демократијата, права имаат сите, исто како што и имаат и одговорности. Во редовни, секојдневни, но и во екстремни услови. Затоа постои “независна” судска власт, како една од трите власти и токму затоа треба да биде вистинска независна и објективна. Затоа што човековата природа не е добра сама по себе и развојот на цивилизацијата низ вековите е константно барање на систем на уредување на општеството, каде ќе има механизми на “контрола” на “доброто и лошото” и негов баланс.

“Колку и да е ужасно кривичното дело, обвинетиот мора да биде застапуван. Тоа е витална цигла во ѕидот на демократијата, и би рекол дека 99 отсто од Норвешка разбира дека тоа е апсолутно суштинско за здрав правосуден систем”, вели адвокатот на Брејвик. Симболот на правото и денес е римската божица Јустиција, која можете да ја најдете насекаде во современиот свет, како реминисценција што е тоа право, кое не секогаш е правда. Затоа што сигурно не е праведна ничија насилна смрт, ама право мора да има, за да нема бесконечен циклус на “барање правда”, која води до сеопшта анархија; циклуси кои историјата многу добро ги познава.

Таа, Јустиција, е со врзани очи, со меч во раката, за да може пред да пресуди, добро “да извага” на вагата, без притоа да гледа, што е на вагата, за да не биде пристрасно водена од емоциите, кого суди, кој е виновен, а кој не. Тежината на вагата ќе пресуди, а тежината се фактите и доказите по кои суди, преведено во нашиот демократски систем. И затоа, “правдата не е слепа” туку непристрасна, што ќе натежне, тоа ќе биде пресудата: добра или лоша. Но, вагање, односно судски процес мора да има. Како и немешање во ингеренциите, а најмалку “хранење” на емоциите на луѓето, кои бараат секаков начин да се справат со својата лична немоќ.

“Но, ако ги смениме правилата за една личност, го загрозуваме јадрото на демократијата. Луѓето мора да ги уживаат истите права и мора да бидат казнети со истите закони“, завршува адвокатот на Брејвик. И зошто никој кој е повикан не го кажува тоа, сега кога е најтешко, дека и овие осомничени, а наскоро и обвинети имаат права пред законот, кои се исти за сите? И дека законот треба да ги суди и осуди, а не “гневот на народот”? Затоа што ако не се држиме до законот, нема “сила” што ќе не’ заштити од било што. Не е популарно, не е опортуно, така “не сака народот”?

Каде се “сокрија” сега сите “партиски и партократски” адвокати, или комфорно е да се зборува за “пресумпција на невиност”, што дефакто значи закон за сите, само за безбедни теми, кој колку “пари украл” од заедничкиот буџет? Каде се нашите правни експерти и професори, да ја рационализираат и цивилизираат дебатата? Каде се сега сите здруженија за заштита на правата, кога јавно, вербално и декларативно се “суди, осудува и пресудува”? Од кое миље произлегоа осомничените и обвинетите, за ова злосторство, од “миљето на неказнивост” или од “миљето владеење на правото”? Ваши се (на системот на заробеното општество) или наши се (на граѓаните)?

Затоа што “владеење на правото” не се бесконечните јалови, преплатени проекти, студии и сигурни ламентации на “експертите” и “невладините”, туку владеење на правото е како да го процесуираш злосторството низ системот, за да не стане сеопшто. И само така и само тогаш ќе има права за сите во демократијата која сите ја посакуваме, ама не сите сакаме да ја практикуваме.

Ако нема цивилизиран одговор на варварска постапка, само прашање на време е кога секој ќе биде “осуден” за нешто. Тенка е линијата помеѓу анархија и систем, помеѓу држава и заробена држава. Па, ако сакаме држава, како истовремено “негуваме” анархија?

Related posts

Коридор VIII – кој губи и кој добива?

admin

Да беше Хичкок жив…

admin

Загрижувачкиот тренд на намален кредибилитет кај граѓанското општество во Северна Македонија

admin

САМОУНИШТУВАЊЕ

admin

Општетсвото да се бори повеќе за медиумската саморегулација

admin

ПАРАЛЕЛНИ СВЕТОВИ, ФАТАЛНАТА БЕЗДНА НА ПУСТОША

admin