20.8 C
Скопје
22 јуни, 2024
Inbox7.mk
ВЕСТИЕКОНОМИЈАНАСЛОВНА

Економијата во 2024: Има ли надеж за пооптимистички тонови?

Македонската економија остана закована на дното и во 2023 година која „изеде“ 5,3 милијарди евра. Без сериозни реформи, изборната 2024 ќе биде уште потешка и поскапа.

Гаснење социјални пожари наместо инвестиции во развој. Македонската економија преживеа уште една година која повторно помина во веќе познат амбиент. Со низок економски раст, намалена но се` уште висока инфлација,  малку инвестиции во поголеми инфраструктурни проекти и многу потрошени пари за повисоки плати и социјални трансфери.

Инфлацијата главен предизвик

Главниот предизвик и натаму останува инфлацијата, иако растот на цените е делумно подзапрен благодарение на мерките и интервенциите кои обезбедија каков таков мир, но кои ја урнаа и онака скромната развојна компонента на народната каса која преживеа ребаланс и прераспределба. Но и дополнително оптоварување со неодамна промовираниот деветти по ред антикризен пакет кој тежи 673 милиони евра и допрва ќе треба да се финансира.

Владата демонстрира задоволство и тврди дека актуелните политики обезбедиле стабилност. Но дали и колку таа и навистина се чувствува е дилемата? Дел од граѓаните се разочарани:

„За каква стабилност зборувате. Па погледнете само колку се зголемени цените буквално на се. Да ти е страв да влезеш во маркет, а камоли нешто друго да купиш. Ужас!……. Се фалат дека пораснале платите, ама за кого, за администрацијата? А за нас пензионерите само трошки. И тоа што ни покачија  не е ништо во споредба со цениве“, коментираат неколку граѓани со кои разговаравме пред еден од маркетите во скопски Карпош.

И експертската јавност не гледа многу причини за задоволство:

„2023 година е релативно слаба на економски план, година во која се соочувавме со висока инфлација, немање капитални инвестиции, одлив на работна сила и намалување на работоспособното население под притисок на економските активности односно неактивности. Ако ги надоврземе уште двата параметра кои и тоа како влијаат на економската активност, невладеењето на правото и институционалниот колапс на државната администрација, тогаш можеме да кажеме дека ова е една од послабите години во поновата македонска историја“, изјави за Дојче веле Лазар Јовевски, универзитетски професор.

Изборите пречка за растот!?

За експертската јавност е загрижувачки податокот дека македонската економија е во редот на ретките кои се` уште ја живеат кризата:

„За разлика од кај нас, во Европа, пред се во земјите од Европската унија како Германија, Данска, Франција, Белгија, веќе посткризно се случува стабилизација. Но кај нас многу е веројатно дека ќе имаме продлабочување на кризата. Ова го кажувам од аспект на многу голема веројатност и потребно е да се подготвиме за тоа што следува. Ако ги гледаме одредени законски решенија кои се однесуваат на тргање на одредени критериуми во однос на покачување на платите во јавниот сектор, инфлацијата која се` уште не е стабилизирана, исто така акцијата на нови вработувања која е во тек од октомври и кулминира на крајот на 2023 и веројатно ќе продолжи до формирањето на техничката влада со огромен број на нови вработувања, унапредувања и позиционирања на највисоки позиции. Сето тоа е дополнителен товар на економијата која и онака е во знакот на низок економски раст. И ова ќе биде дополнителен предизвик за која и да е нова Влада“, предупредува Јовевски.

Стоп за популизмот

Дел од експертите предупредуваат дека состојбите ќе беа доста поповолни доколку власта водела повеќе развојна, а помалку популистичка политика:

„Од сите земји во регионот најтешко се справуваме со кризата. Годината ја завршуваме со 9,4% инфлација. Се надевавме дека таа ќе биде пониска, но очигледно е дека и натаму се наоѓаме во многу незавидна ситуација, што се потврди и во извештаите на Светска банка и Меѓународниот монетарен фонд. Сите мерки кои се преземаа можеби беа донекаде и коректни, но беа и доста анахрони и хаотични во одредени ситуации. Не беа доволно интегрирани, хаотични, и со маржите и замрзнатите цени и на крај некако буџетски не се успеа многу работи да се истераат до крај што останува за 2024 година. Можеби последниот квартал ќе биде подобар, но не сум оптимист. Навистина сме во ситуација во која последни влеговме и најверојатно последни ќе излеземе  од кризата “,коментира за Дојче веле економистот Абил Бауш.

Она што се реализираше и допрва треба да се финансира според него не дава надеж дека состојбите можат набргу да се стабилизираат:

„Со инфлацијата може и да се справиме, иако морам да признаам дека сум малку песимист оти 2024 е изборна година кога се трошат буџетски средства. Затоа постојано велам дека она што ни треба е Влада која ќе штеди, но и која ќе инвестира. Но за жал гледаме дека ќе има зголемување на средтствата по основ на плати во јавната администрација, социјалните пакети ќе се зголемат, а од друга страна остануваат инвестициите нереализирани. Тоа ќе се види многу подобро во првиот ребаланс на буџетот и ова може да се предвиди уште сега. Како и да е заздравувањето ќе биде динамично, драматично и тешко“, предупредува Бауш.

Корупција и правна несигурност

Во годината на двојни избори предизвик ќе биде да се испорача и она што е предмет на константни критики. Корупцијата и правната несигурност која наспроти декларативните заложби за подобрување, добиваат загрижувачки размери:

„Ако имате извесност, владеење на право, почитување на законите, функционирање на судскиот систем, тогаш многу похрабро, побрзо и полесно се отвораат нови компании, се привлекуваат инвестиции и се отвораат нови работни места. Ако тоа го нема тогаш се оди многу побавно и понезивесно. Затоа сметам дека кај нас владеењето на правото е клучот по кој потоа можеме да зборуваме за економски раст. Ако ова не го средиме излишно ќе биде да разговараме за економски планови и економски развој. Тоа ќе биде за нас научна фантастика, затоа што ќе биде доведено во прашање функционирањето на општествениот систем“, смета професорот Јовевски.

Стопанството бара мораториум

Дека правната сигурност и корупцијата ја јаде развојната компонента на економијата и ги кочи инвестициите постојано предупредува и бизнис заедницата. Стопанствениците сакаат побрзо да заборават на 2023 година која им донесе доста проблеми, предизвици, но и многу непријатни изненадувања од типот на солидарниот данок кој ги остави покуси за 70 милиони евра од профитите, односно им ги поремети плановите за инвестиции. Оптимизмот е присутен, но сепак со доста доза на претпазливост и надеж дека државата конечно ќе има слух за нивните барања:

„Бараме стриктно да се почитува даночниот календар и предлагаме конкретни мерки за расчистување на прашањето на парафискалните давачки. Другиот комплекс на мерки е поврзан со она што значи ренационализација на државата и на државниот буџет, затоа што не можеме да најдеме други алокатори и извори на средства дополнителни освен во сопствените алатки со кои што располагаме а тоа е пред се буџетот. Тука ќе бидеме многу ригорозни во барањата, да ние можеме да испорачаме резултат, нови инвестиции и определен број на вработувања доколку се остварат тие претпоставки, а тие ќе бидат врзани воглавно за нашите барања за прогласување мораториум за вработувања во државната администрација и прогласување мораториум за непродуктивните трошења“, изјави за Дојче веле Бранко Азески, претседател на Стопанската комора, најголемата бизнис асоцијација во државата.

Предизборен или развоен буџет?

Желбите за 2023 во најголем дел останаа неостварени, па остануваат да се реализираат во 2024. Списокот е подолг, од подобра инфраструктура, поажурна администрација, повеќе кредити за фирмите, повисок стандард за граѓаните.

За сите овие проекти, во буџетот за 2024 година се предвидени 5,5 милијарди евра. Проекција која според опозицијата е скроена за предизборни цели и поткуп на граѓаните. За власта пак план кој треба да обезбеди стабилност и развој на економијата што се потврдувало и со предвидените 750 милиони евра за капитални инвестиции. Нивната реализација ќе биде сериозен предизвик ако се имаат предвид искуствата од минатите години во кои проектираното никогаш не се реализираше, но и поради фактот дека првите два квартала од 2024 ќе бидат во знакот на техничката влада, кампањата и двојните избори.

Она што повторно загрижува е фактот дека огромен дел од буџетот отпаѓа на плати и услуги и социјални трансфери. За плати се проектирани 41,2 милијарди денари, за стоки и услуги 25,3 милијарди денари, за тековни трансфери и субвенции 215,3 милијарди денари. За социјални трансфери се проектирани 161,1 милијарди денари, од кои за исплата на пензии 83,6 милијарди денари, за надоместоци за социјална заштита на најранливите категории граѓани околу 13,2 милијарди денари.

Проекциите се дека македонската економија во 2024 ќе порасне за 3,4%, со инфлација од 3,6%. Проектираниот дефицит за 2024 година е во износ од 33,5 милијарди денари. Отплатата на долговите во износ од 45 милијарди денари, од кои надворешниот изнесува 26,4 милијарди денари, а домашниот е 18,6 милијарди денари, ќе се финансираат преку домашно и странско задолжување.

Извор: ДВ

Related posts

СОВЕТОТ НА ЕВРОПА УСВОИ РЕЗОЛУЦИЈА ЗА ЗАШТИТА НА МАЛЦИНСТВАТА ВО МАКЕДОНИЈА

ninja

KРИЗА НА ЛИДЕРСТВО, ВИЗИЈА, МОРАЛ ИЛИ НА СЀ ЗАЕДНО?

ninja

Русија тврди дека германски и француски авиони се обидувале да навлезат во нејзин воздушен простор

admin

Даути-Комерц е нов Овластен економски оператор

admin

СО БЛОК ТАРИФИ ПРОТИВ „ИТАРПЕЈОВЦИТЕ“ МЕЃУ ГОЛЕМИТЕ ПОТРОШУВАЧИ НА СТРУЈА

ninja

ВМРО-ДПМЕ должи над 2 милиони евра, намален е за 6 милиони

admin