14.8 C
Скопје
13 октомври, 2024
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕПУБЛИКА

Згреши ли Фрчкоски со воздржаниот глас во ОН?

Вчудовиденост и осуда во јавноста преку слободни толкувања предизвика воздржаниот глас на нашиот амбасадор Љубомир Фрчкоски при изјаснувањето во Обединетите нации за резолуцијата за кризата во Газа. Македонија беше една од 45-те земји кои гласаа воздржано за резолуцијата која повикува на „итен хуманитарен прекин на огнот“ меѓу Израел и Хамас, на денот кога израелската армија најави „проширување“ на копнените операции во Појасот Газа.

Бројните домашни реакции содржеа неколку неразјаснети прашања за јавноста, како – зошто изразуваме воздржаност за прекин на воени дејствија во кои гинат цивили? Зошто не застанавме на страна на мнозинството од 120 земји, кои гласаа „за“ оваа резолуција? Македонија има и православно и муслиманско население, тогаш која страна е земена при ваквото гласање? Зарем антифашистичка Македонија е за војна?

Три дена молк

Три дена немаше никакво објаснување од македонската влада или кој било друг официјалец. Тоа остави простор за различни толкувања па и дезинформации, иако едно поопсежно пребарување можеше да одговори на овие дилеми. На некои основни прашања одговори премиерот Димитар Ковачевски, кој одговарајќи на новинарско прашање рече дека е поддржана резолуцијата во делот на хуманитарните прашања, но не и терористичкиот акт што Хамас од 7 октомври.
-Македонија го поддржува хуманитарниот аспект на Јорданската резолуција, неопходноста од заштита на цивилите и нивен пристап до основните животни потреби – струја, вода и лекови. Од друга страна, голема слабост на резолуцијата е неспомнувањето на терористичкиот акт на Хамас од 7 октомври кој ние веднаш најостро го осудивме, како и правото на Израел да се брани. Затоа и гласавме за канадскиот амандман на резолуцијата, рече Ковачевски.

Што содржи резолуцијата?

Во резолуцијата предложена од Јордан, се бара „заштита на цивилите и почитување на правните и хуманитарните обврски“. Генералното Собрание, исто така, побара сите страни „веднаш и целосно да ги почитуваат“ обврските од меѓународните закони за хуманитарни и човекови права, „особено во однос на заштитата на цивилите“.
Се бара заштита на персоналот на хуманитарните организации, хуманитарните објекти и средства, како и да се овозможи и олесни хуманитарниот пристап до основните материјали и услуги за да стигнат до сите цивили на кои им е потребна во Појасот Газа“. Генералното Собрание, исто така, повика на „итно и безусловно ослободување“ на сите цивили кои се незаконски заробени, барајќи нивна безбедност, благосостојба и хуман третман во согласност со меѓународното право.
Пред гласањето за резолуцијата, Канада предложи амандман, но не помина.
Со амандманот „недвосмислено би ги отфрлил и ги осудил терористичките напади на Хамас што се случија во Израел од 7 октомври 2023 година и земањето заложници“.
Токму овој амандман според Ковачевски, бил клучен за одлуката да се гласа воздржано за резолуцијата.
Проблематичниот дел за земјите кои гласаа против или воздржано, е што во резолуцијата конкретно не се споменува милитантната група која ја контролира Газа, Хамас, ниту пак нападот.

Светот е поделен

Универзитетскиот професор Методи Хаџи Јанев смета дека оваа резолуција покажа дека светот е многу поделен и сегментиран до крајност што може да биде исклучително опасна. Поради тоа, смета дека во овој случај македонскиот став да се гласа воздржано е исправен.
Тој повикува на претпазливост бидејќи работите секогаш имаат две или неколку перспективи.
„За да останеме коректни до крај би требало да укажеме дека и оние кои ја бранат Украина, а ги нападнаа муслиманските земји што не го поддржаа предлогот на Канада, не кажуваат дека проблемот за неприфаќањето на текстот не е поради терминот „терористички напади“, туку поради терминот „заложници“. Аргументите за ваквиот став имаат правна заднина. Имено, ако претпоставката е дека станува збор за вооружен конфликт, а тоа е факт во кој се втурнати палестинското и израелското население и ако Израел употребата на сила ја гради врз принципите на војувањето, тоа значи дека двете страни, или сите кои се во тој конфликт, прифатиле дека меѓународното право за вооружен конфликт се применува“, пишува Хаџи Јанев во неговата колумна.
Необврзувачката резолуција, која Израел и САД ја осудија затоа што не го спомна Хамас, доби 120 гласа „за“, 14 против и 45 воздржани меѓу 193-те членки на ОН. Македонскиот став беше различен од тој на САД и од некои од земјите членки на ЕУ, кои овој пат не беа едногласни.
За резолуцијата гласаа земјите од ЕУ – Франција, Шпанија, Ирска, Белгија, Луксембург, Малта, Португалија и Словенија, против беа Австрија, Хрватска, Чешка и Унгарија, а останатите земји од ЕУ беа воздржани.

„Благо кажано, постапките на Европската унија не се најсветли“, напиша Карл Билт, копретседавач на Европскиот совет за надворешни работи. Тој додаде дека „се плаши“ дека „затоа ЕУ ќе го изгуби кредибилитетот и во однос на другите прашања“.

Чешката министерка за одбрана Јана Чернохова по гласањето повика нејзината земја да ги напушти ОН бидејќи, како што вели, се срами што е во организација која поддржува терористи и не го поддржува основното право на самоодбрана. Додека хрватскиот шеф на дипломатијата, Гордан Грлиќ Радман , објасни дека неговата земја е против токму затоа што во неа не е вклучен тероризмот на Хамас.
Разногласие и на домашен терен

Од политичките партии во Македонија, Левица отворено избра страна во воениот конфликт. Пратениците на Левица до претседателот на Собранието, поднесоа предлог Декларација од девет точки за солидарност со палестинскиот народ и осуда на израелската окупација. Од Владата се бара да ја признае независната држава Палестина и да воспостави дипломатски односи на ниво на амбасади. Поради воздржаното гласање, Левица бара Претседателот Пендаровски веднаш да го отповика македонскиот амбасадор во ООН. АРМ да испрати свои војници во мировните мисии на ООН за пружање хуманитарна помош на Појасот Газа.

В.К.

Related posts

Мицкоски: Ќе донесеме закон со кој ќе ги намалиме платите на функционерите

admin

Мицотакис или Ципрас, кој ќе победи на парламентарните избори во Грција?

admin

Рама предложи план за формирање на Асоцијација, Курти нервозен

admin

Мицкоски: Владата го усвои предлогот за кредитот од Унгарија

admin

Што значи за РСМ стратешкиот договор со САД?

admin

ДАВА – стравот на Германија од „партијата на Ердоган“

admin