14.8 C
Скопје
1 мај, 2024
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕПУБЛИКА

Се испитува телефон, два пиштола и контактите на Палевски

Секоја индиција ќе се проверува до последно, за да се расчистат вакви криминални гнезда и дувла, рече министерот за внатрешни работи

 

На вештачење одат пронајдениот телефон на Вања Ѓорчевска и два пиштола најдени на локации кои не се соопштуваат, а ќе се истражуваат и контактите на Љупчо Палевски со засега непознат број на лица, кои продолжиле и по неговото бегство од Македонија.

Ова на синоќешната прес-конференција го најави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, откако соопшти дека во турскиот град Баликесир е приведен Љупчо Палевски -Палчо,  првоосомничен за убиствата на 14-годишната Вања Ѓорчевска и 74-годишниот велешанец Панче Жежовски.

Обвинителството вчера побара, а судија на претходна постапка им одреди по 30 дена притвор на четворицата осомничени во грабнувањето  и  убиствата на 14-годишната Вања Ѓорчевска  и 74-годишниот велешанец Панче Жежовски. Ова уследи откако заврши предистрагата, и Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за истражна постапка против пет лица инволвирани во случајот.

„Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против пет лица, од кои четворица како соизвршители сториле две кривични дела – грабнување од член 141 од Кривичниот законик, како и  две убиства на свиреп начин  (едно на малолетно лице  и едно од користољубие) заедно казниви по член 123 став 3 од Кривичниот законик. Петтиот осомничен им помогнал при извршување на кривичното дело – грабнување на малолетно лице“, соопшти ОЈО Скопје.

Вања Ѓорчевска
Обвинителството побара, а судија на претходна постапка им одреди по 30 дена притвор на четворицата осомничени во грабнувањето и убиствата на 14-годишната Вања Ѓорчевска и 74-годишниот велешанец Панче ЖежовскиФотографија: Nordmazedonien Innenministerium

На распитот кој почна синоќа околу дваесет часот а заврши по полноќ, 30-дневен притвор им е одреден на Велибор Манев, Влатко Кешишов, Боре Видевски и на таткото на Вања, Александар Ѓорчевски.

За првоосомничениот Љупчо Палевски, кој вчера беше уапсен во турскиот град, Скопскиот Кривичен суд еден ден претходно определи мерка 30-дневен притвор, која ќе биде спроведена по неговото пронаоѓање.

Бугарија не направила пропуст

Вчера беше приведен и 46-годишен скопјанец кој се сомничи дека му помогнал на Љупчо Палевски – Палчо од Србија да избега во Турција. Возилото „Ленд Ровер“ во кое бил и првоосомничениот, на втори декември било регистрирано како влегува во Бугарија на граничниот премин Калотина и излегува од земјата на граничниот премин Капитан Андреево кон Турција. Во моментов нема информации дали тоа лице знаело за вмешаноста на Палевски во убиствата кога му помогнало преку Бугарија да стигне до Турција.

Бугарскиот министер за внатрешни работи, Калин Стојанов, пред бугарски медиуми ги демантира наводите дека имало пропуст од страна на Бугарија во однос на лоцирањето на првоосомничениот за  двојното убиство во РСМ.

„Во моментот кога лицето влегло во Бугарија, не била објавена потерница по него. Неколку часа подоцна ги напуштил границите на Бугарија во правец на Турција“, ја пренесе БНР изјавата на Стојанов.

Македонскиот министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски, синоќа упати посебна благодарност за соработката најпрво до Република Турција, како и до Република Србија и Република Бугарија, низ чии територии водела патеката на движење на осомничениот, а се заблагодари и на Република Хрватска, која самоиницијативно известила дека веќе извршила проверки на нејзината територија.

Партија за дестабилизација

Со оглед дека тројца од соизвршителите се членови на партијата Десна, а првоосомничениот нејзин претседател, Спасовски се осврна на нејзината провиниенција и подложност на странски влијанија за дестабилизација, со став дека мора да биде дерегистрирана.

Љупчо Палевски -Палчо
Во турскиот град Баликесир е приведен Љупчо Палевски -ПалчоФотографија: DW

„Мирот, стабилност и сигурноста не може никој да ги загрозува. Вакво криминално гнездо какво што е направено, мора да се разбие до крај.

И такви политички партии, кои со не знам какви провиниенции ова го прават, како што е формирана таа мора да биде дерегистрирана (…) Секоја индиција ќе се проверува до последно, за да се расчистат вакви криминални гнезда и дувла,  кои преку правење политики и политикантство, коалиции и договори, влијанија секакви однадвор, сакале да направат дестабилизција“, рече министерот за внатрешни работи.

Прашан на какви влијанија од странство мисли, тој се осврна на јавно промовираните ставови на таа партија.

„Не знаеме лицето и таа партија какви ставови застапуваа? Не знаеме кои беа тие, и што правеа во изминатиот период? Не знаевме за неговите емисии во кои директно се спротивставуваа на напредокот на државата, НАТО, европскиот пат и така натаму? На тие мислам“, рече Спасовски.

Веб страната на оваа партија во моментов не функционира, со објаснување дека „сајтот е во изработка“, а во некои претходни објави на Фејсбук страницата на партијата се наведува дека Десна се подготвувала да прослави прва годишнина на 12-ти декември.

 

Извор: ДВ

Related posts

УКРАИНСКИТЕ БЕГАЛЦИ ВО МАКЕДОНИЈА: ЖИВЕЕМЕ ОД ДЕНЕСКА ЗА УТРЕ

ninja

Со поддршка на ЕБОР, ЕУ и WBIF во Осломеј се гради голема соларна централа

admin

ОЗНАКАТА “NMK” ЌЕ ГИ ЧИНИ ГРАЃАНИТЕ 11 МИЛИОНИ ЕВРА

ninja

Хан со повик: Зграпчете го моментот за во ЕУ

admin

Руската војска нема да купува оброци од фирмата на Пригожин

admin

Ќе продолжиме да го поддржуваме украинскиот народ, рече Бајден по телефонскиот разговор со Зеленски

ninja