Ќе бидете и зачудени од имињата, но правдата мора да го стигне секого, рече министерот Спасовски, наведувајќи дека лица од разни институции биле соработници на криминалната група од Грчец.
Ова е можеби една од најзначјаните истраги, со која се финишира кон целосно разбивање на криминалните групи кои делувале повеќе од 30 години на територијата на Град Скопје. Вака министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски ја опиша акцијата во село Грчец, по која 16 лица се сомничат за неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, убиства и обиди за убиства. Во акцијата се уапсени седум лица, од кои шест во земјата, едно во Шпанија, а другите подолг временски период се надвор од Македонија, но според Спасовски полицијата знае каде се и има соработка со Европол.
Сите биле членови на меѓународна организирана криминална група, а ги предводел Ш.М. (46) од село Грчец. Освен што се занимавала со набавка на кокаин од земјите на Јужна Америка, групата била формирана со цел вршење на убиство од одмазда и по порачка од користољубие. Лицата организатори на групата носеле одлуки и планови за тоа кој, кога, каде и на каков начин ќе биде лишен од живот, а одлуките ги спроведувале лично или преку припадници на групата. Плановите и договорите, за извршување на кривичните дела ги правеле преку непосредни контакти или со користење на енкриптирани телефони во кои била инсталирана апликацијата „Скај“.
Набавка на кокаин и убиства
Обезбедени се докази дека Ш.М. заедно со членовите на групата организирале и извршиле обид за убиство на лице од село Бардовци, убиство на албански државјанин чие тело беше пронајдено на 15-ти мај 2020 година во село Горна Матка и двојното убиство од 5-ти март 2021 година, кога во Скопје беа убиени А.Б. и Б.В.
Oд декември 2019 до март 2021 година групата организирала две набавки на кокаин од латиноамериканските држави до земјите од ЕУ и РСМ. Едната била набавка на 435 килограми кокаин од Бразил транспортирана по воден пат до пристаништето до Антверпен, Белгија, која била запленета од тамошните царински службеници, а дел од таа количина требало да заврши во РСМ. Другата набавка е на 106 килограми кокаин, кој од Перу пристигнал до Ротердам, Холандија, а потоа дел требало да биде пренесен во РСМ. Групата во еден случај организирала и транспорт на кокаин од Белгија во РСМ (шест килограми), а во два случаи и од Албанија во РСМ, кога биле внесени вкупно пет килограми кокаин.
Многу соработници
На новинарско прашање дали постојат сознанија за лица кои оддавале податоци за истрагите што претходно се одвиваа за оваа група, министерот рече дека има многу податоци.
„Има веќе многу податоци и утврдивме лица од институции на државата коишто ги пренесувале податоците, односно биле соработници на криминалните активности и ова е почеток на чистење на тие криминални структури во институциите на системот, а јакнење на довербата кај граѓаните. Ќе бидете сведоци во наредниот период за нови активности, некогаш ќе бидете и зачудени од имињата, меѓутоа правдата мора да го стигне секој. Сигурно дека ќе ги откриеме кога ќе дојде момент за таа работа“, рече Спасовски.
Информацијата не е изненадувачка, ако се има предвид дека многу малку беше пронајдено со акцијата „Планина“, спроведена во Грчец во март 2021 година. Тогашната шефица на ОЈО ГОКК, Вилма Русковска се пожали дека акцијата била пробиена.
„Имаме сознанија дека акцијата во село Грчец е пробиена и од тие причини и таму каде што имавме сознанија каде се чува дрогата беше сѐ исчистено, така што полицијата и инспекторите не успеаја да пронајдат поголема количина дрога“, рече тогаш Русковска.
До денес не се дозна кој бил „на линија“ со припадниците на криминалната група. Но, според сознанија по последната акција, министерот Спасовски вели дека има многу инволирани.
„Има инволвирани во многу институции – и во МВР, и во други агенции, и во министерства, и во судови, и во јавни обвинителства и така натаму. Има инволвирани многу, затоа реков – можеби ќе се зачудите во наредниот период, меѓутоа тоа еднаш мора да излезе. И мора да се покаже кои се тие кои во одреден момент самите викаа ‘држте го крадецот’, а во суштина биле истите“, рече Спасовски.
Тој најави дека истрагите продолжуваат и ќе се работат уште долго. На прашањето околу натамошниот тек на истрагата, со оглед дека ќе функционира техничка влада, Спасовски вели дека истрагите, борбата против криминалот и откривањето на кривичните дела не е работа на позиција и на опозиција.
„И тука не ме интересира ниту СДСМ, ниту ДУИ, ниту ВМРО-ДПМНЕ, ниту било кој друг. Ме интересираат колегите коишто работат. Ова го кажувам во име на целиот тим во МВР, кои работеа со години за да дојдеме до еден ваков резултат и јас немам никаков сомнеж дека тие колеги ќе продолжат и понатаму интензивно да работат на разоткривање на секој еден случај и секој еден што се вклучува во криминална активност. Не технички влади, свети технички влади нека има, овој процес не може да го стопира никој жив“, одговори Спасовски.
Клучна политичката волја
Сите докази, според Спасовски, се обезбедени благодарение на извонредната меѓународна соработка, пред сѐ со Европол. Тој им оддаде признание и на тимот од МВР, како и на ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција, кои, како што рече, направиле квантен скок во динамизирањето на сите активности.
„Многу е значајно тоа што сме вклучени во групата Лимит (истражен тим од земјите членки, Франција, Белгија и Холандија – н.з.), која работи исклучиво за користење на сите информации и податоци од базата на Скај-платформата, која ние не можеме сами да ја користиме, туку преку нашите соработници“, рече министерот.
Првиот клучен момент за успешната акција го лоцираше во политичката волја од 2017 година. За вториот клучен момент ја смета вклученоста на МВР во меѓународната соработка, за разлика од претходно, со оглед дека во минатото немало ниту една средба меѓу директор на Европол и министер за внатрешни работи. Според Спасовски, токму кредибилитетот на МВР бил клучен за да ги добијат податоците и доказите кои се обезбедени од апликацијата Скај, која ја користат криминалните структури не само од РСМ, туку и пошироко.
Ш.М. подолго време е надвор од РСМ и се сметаше дека престојува во во Шпанија, но, според последните податоци, наводно се засолнил во друга земја. Групата предводена од него се поврзуваше и со пукањето во Александар Палас од 2018 година. Припадниците на неговата група не дејствувале не само на национално, туку и на меѓународно ниво, а како резултат на нивните криминални активности се стекнале со значителни финансиски средства кои ги инвестирале во изградба на луксузни куќи, купување недвижности и изградба на луксузни угостителски објекти. Сите тие кои ќе бидат предмет на финансиски истраги со цел нивна конфискација.
Во еден угостителски објект во село Грчец, кој се смета за сопственост на Ш.М., полицијата во февруари 2022 година изврши контрола во координација со УЈП и Државниот пазарен инспекторат. Таму не го најде Ш.М., а беше констатирано дека објектот работи на диво: не бил регистриран како правно лице-фирма, по што бил запечатен.