Панче Тошковски, адвокат и претседател на Комисијата за правни работи во ВМРО – ДПМНЕ, е предлогот најголемата опозициска партија за министер за внатрешни работи во техничката Влада. Претседателот на партијата Христијан Мицкоски, во емисијата „Топ Тема“ на Телма ги соопшти имињата на предлозите за членови на Владата која треба да биде избрана во недела на 28 јануари, јавува Гласот на Америка.
Тошковски бил член на Централниот комитет на партијата, работел и во министерството за транспорт и врски а бил ангажиран и како адвокат на ЕСМ во времето кога Мицкоски раководеше со државната компанија.
Кои ќе бидат останатите предлози во МВР како и името на началникот на СВР Скопје кој треба исто така да биде на предлог на ВМРО – ДПМНЕ, Мицкоски не откри и додаде дека тој список сеуште се изговува во партиската комисија за безбедност.
„Со другите именувања во Министерството за внатрешни работи, согласно закон нели, 15 по вертикала и останатите отприлика десетина проценти од вкупниот број на службеници по хоризонтала ценам дека може да се состави добар тим за да се обезбеди колку толку изборниот процес да се одвива онака како што ние очекуваме, а и граѓаните“, рече Мицкоски.
Во министерството за труд и социјална политика ќе влезе Ѓоко Велковски кој дкоѓа од самото министерство. Во моментов работи како раководител на Секторот за поддршка на градоначалникот на општина Гази Баба и советник во советот на Чаир.
„Добро ја познава работата и структурата, едно време беше и секретар на Град Скопје, сега е дел од општина Гази Баба. Ценам дека како долгогодишен професионалец може да даде додадена вредност во овие 100 дена да обезбеди да имаме добро водење на министерството и да влијае да биде спречен поткупот кој знаете пред новогодишните празници на големо беше најавуван од страна на владата“, рече Мицкоски.
Дополнителен заменик министер за финансии ќе биде Елена Петрова која доаѓа од Управата за јавни приходи (УЈП) каде работи 25 години. Според Мицоски станува збор за професионалец кој ќе допринесе за „здрав конкурентен тим“ во министерството.
Во министерството за земјоделство, очекувано, предлог за дополнителен заменик министер е Цветан Трипуновски кој работи во министерството и во претходната техничка Влада ја извршуве истата функција и ја води партиската комисија за земјоделство.
Последниот предлог е Стефан Андоновски како дополнителен заменик министер во министерството за информатичко општество и администрација. Андоновски во моментов е меѓународен секретар на партијата а ја извршуваше и функцијата генерален секретар на Град Скопје пред ВМРО – ДПМНЕ и градоначалничката Данела Арсовска да ја прекинат соработката и поддршката.
„Долги години дел од УМС, дел од ИК, близок соработник, имаме големи планови во делот на дигитализацијата на Македонија веднаш по изборите како идна влада. Ценам дека и тој ќе биде разликата која ќе ја видат граѓаните во овие 100 дена“, изјави Мицкоски.
Мицкоски го потврди партискиот став дека пратениците од неговата партија нема да го поддржат изборот на Талат Џафери за премиер на техничката Влада.
„Нема да бидеме како СДСМ, ќе бидеме во собраниските клупи и ќе се воздржиме од гласање. Нема да гласаме за тоа што цениме дека Талат Џафери не заслужува да се гласа. Во вториот мандат, на пати тој го крши Деловникот, Уставот, законите итн. Цениме дека не може тој човек да биде човек кој што може да обезбеди еден процес во кој што сите ќе бидеме горди. Но, ете тој е резултат, плод на еден политички договор кој што го имале СДСМ и ДУИ. Јас да сум мандатар нема да прифатам таков лик да биде дел од мојот кабинет“, рече Мицкоски.
Премиерот Димитар Ковачевски денеска ќе ја депонира својата оставка со што во оставка е и комплетниот владин Кабинет а истото ќе го стории спикерот Талат Џафери. Со ова се отвара патот кон избор на нова техничка Влада која ќе има маднат од 100 дена и ќе треба да ги организира закажаните редовни претседатели и парламентарни избори кои треба да се одржат на 24 април односно 8 мај.
Во петок на седница на Собтранието ќе бидат констатирани оставките на Ковачевски и Џафери а за нов собраниски спикер ќе биде избран Јован Митрески, координатор на пратеничката група на СДСМ.
Во петок претседателот Стево Пендаровски и официјално ќе му го додели мандатот за премиер на техничката влада на Талат Џафери.
Во сабота на 27 јануари, Џафери до Собранието треба да достави програма и состав на Владата а во недела на 28 јануари ќе се одржи седницата за избор на техничката влада предводена од Џафери а со предлозите на опозицијата