5.8 C
Скопје
12 декември, 2024
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕГИОНРЕПУБЛИКА

Незири: Мешањето на Курти во Македонија – опасен преседан

Аналитичарот Џелал Незири смета дека поддршката за Курти е повеќе излив на незадоволство од корумпираните политичари, а не на платформата која што ја нуди.

Најавите дека косовскиот политичар Албин Курти има амбиции да стане дел и од политичката сцена во Северна Македонија, преку клон на Самопределување, ја бранува македонската политичка сцена во пресрет на пролетните парламентарни избори. Најраздвижено е во албанскиот кампус, каде најавите за нови партии според едни ќе доведат до поголем хаос, а според други се шанса да се освојат повеќе гласови и да се освои довербата на граѓаните.

„Основањето на партија од Албин Курти надвор од државата Косово може да биде опасен преседан во немирниот Балкан“, оценува за ДВ, аналитичарот Џелал Незири. Според него, поддршката за Курти е повеќе излив на незадоволство од корумпираните политичари, а не на платформата која што ја нуди.

Незадоволство

Незадоволство од мешањето на Курти во Македонија изрази и лидерот на ДУИ, Али Ахмети. Тој во понедeлникот (8.01) порачал дека косовскиот премиер Албин Курти се меша во политичката сцена на Албанците во Македонија.

„Тој се меша во политичката сцена на Албанците. Еди Рама на пример, не се меша во внатрешните работи на политичкото тело во Северна Македонија, вложи напори да ги зближи партиите во Северна Македонија и јас сум благодарен сум за таквиот пристап“, изјавил Ахмети на гостувањето во емисијата „Топ стори“ на ТВ Топ Чанел – Албанија.

Али Ахмети
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети смета дека косовскиот премиер Албин Курти се меша во политичката сцена на Албанците во Македонија. Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Ахмети исто така смета дека јавната подршката на Албин Курти за претеседателскиот кандидат на Албанската опозиција (Алијанса за Албанците и Алтернатива) во 2019 година беше мешање во политичката сцена во Северна Македонија.

„Не сме изразиле патриотизам, ниту емотивен, ниту патриотски, се договоривме со Стево Пендаровски, со Социјалдемократсиот сојуз, му дадовме поддршка, во театар може да прави претстава, но знаеме дека на крајот нема победник“, порачал Ахмети.

Тој вели дека по најавите за делување на „Самоопределување“ во Северна Македонија – интерес пројавила и меѓународната заедница. „Ме ставија во многу тешка ситуација. Зошто Курти се жали кога Вучиќ има политичка активност во Косово, како објаснувате? Ме оставија без зборови“, нагласува Ахмети.

Мешање во внатрешните работи

Албин Курти е косовски политичар, лидер на партијата Самоопределување и премиер на Косово од 22 март 2021 година. Курти беше лидер на студентското движење на Албанците во Косово, а поради спротивставувањето на режимот на Милошевиќ, беше приведен во април 1999 година во Приштина. Од мај до јуни 1999 година е држен во затворите во Липјане и во Приштина, а од 13 декември до 13 март 2000 година во затворот во Ниш. Во судскиот процес на 13 март 2000 година тој е осуден на 15 години затвор под обвинение „загрозување на територијалниот интегритет и суверенитет на Југославија“.

„Курти има голем број на следбеници и во Северна Македонија. Од страна на Албанците кои го поддржуваат, Курти е перцепиран како модерен политичар, интелигентен и непоколеблив во борбата против корупција“, вели аналитичарот Џелал Незири.

За голем број на млади етнички Албанци во Косово, но и во Северна Македонија и Албанија, Курти е модел на политичар кој треба да се следи и поддржи, додава Незири. Сепак, основањето на партија од негова страна надвор од државата Косово може да биде опасен преседан во немирниот Балкан.

избори гласање
Мешањето на Курти во македонската политичка сцена и учество на изборите може да биде опасен преседан во немирниот Балкан Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Преседан

„Тој веќе ја основал Самоопределување во Албанија, која на тамошните избори помина многу лошо. Сепак, тоа е директно мешање во внатрешните политички текови во друга држава. Нормално е да се градат соработки и стратешки партнерства помеѓу партии од различни држави, но директното учество на избори во друга суверена држава може да биде опасен преседан“, дециден е Незири.

Според истата логика, додава тој, утре Александар Вучиќ може да ја клонира неговата СНС во Косово, С.Македонија, Црна Гора, Босна и Херцеговина и да стане фактор кој одлучува за важни прашања во соседни земји.

„Мора да се имаат предвид меѓународните конвенции кои ја дефинираат модерната држава заснована на принципот на Вестфалискиот мир, кој подразбира немешање во внатрешните работи на друга суверена земја користејќи ги етничките или религиските сличности“, оценува аналитичарот.

Бранувањата околу Самоопределување ги подгреа претседателот на Демократско Движење, Изет Меџити, кој на крајот на декември информираше дека Курти стана четвртиот партнер во опозицискиот блок во кој има три партии на македонските Албанци, обединети во Европски сојуз за промени.

„Од денеска Европскиот сојуз за промени се состои од четири политички партии. Во овие четири е и Самоопределување. И програмата ја работиме заедно, и оваа канцеларија е заедничка, и кампањата ќе биде заедничка, и на листите ќе има претставници од Самоопределување“, изјави тогаш Меџити, со што пламнаа комбинаториките дека кадри на Самоопределување би можеле да се најдат на изборните листи во РСМ. / DW

Related posts

Крастев: МПЦ влегува во црковната игра на Русија – неизвесен исход на автокефалноста

admin

ВРАЌАЊЕ ВО РЕАЛНОСТА: ЧЕСТИТ 9 МАРТ!

ninja

Мајката на Коста К. опиша што се случило утрото на масакрот: Беше малку бавен

admin

Благ пораст на бројот на вработените во индустријата

admin

Сиљановска-Дафкова положи заклетва со старото име на државата

admin

ПО ИЗБОРОТ НА АБАЗИ, ТУПАНЧЕСКИ ВЕЛИ „СТОИ ПРАШАЊЕТО“ ЗА ГЕНЕРАЛЕН РЕИЗБОР ВО ПРАВОСУДСТВОТО

ninja