5.8 C
Скопје
12 декември, 2024
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕПУБЛИКА

Од дрвото не се гледа шумата, од партиите – идеологијата

Само во втората половина на минатата година беа основани четири нови политички партии.

До септември беа 63, дали до изборите таа бројка ќе се зголеми? Бројот на политички партии во Северна Македонија од независноста до денес никогаш не била мала, но бројот на оние што се одржале на главната политичка сцена е помал од бројот на оние кои по основањето набрзо згаснале.

Само во втората половина на минатата година беа основани неколку нови политички партии: во август беа формирани Демократското движење на пратеникот Изет Меџити (кој претходно беше потпретседател на ДУИ) и Европската демократска партија на Арјанит Хоџа (кој претходно беше заменик-претседател на Беса). Во септември беше основано Движењето „Попули“ на пратникот Скендер Реџепи, а во ноември „Движење ЗНАМ – За Наша Македонија“ на градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски. Минатата година имаше и едно ребрендирање – Партија за економски промени 21 (ПЕП 21) предводена од Билјана Јовановска, по десет години од нејзиното формирање беше преименувана во Десница. До денес останаа непотврдени информациите дали градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, ќе формира партија.

Во коалициски омнибус

Во последниот состав на парламентот застапени се 23 партии (и три независни пратеници) – податок кој ги вклучува и промените по ланското формирање на новите партии. Во пракса, најголемиот дел од нив влезот во парламентот го имаат обезбедено преку учество во коалициските омнибуси предводени од најголемите партии.

Бројката на политички партии во Северна Македонија не е поголема во споредба со земјите кои произлегоа од поранешната СФРЈ. Според јавно достапните податоци, најмногу партии има во Хрватска – 156, во Србија – 120, во БиХ – 96, во Словенија – 87 и 51 во Црна Гора.

Многу или малку? Се разбира, голем дел од нив повеќе функционираат на хартија отколку со суштинска релевантност на политичкиот спектар, односно квантитетот не влијаел секогаш врз квалитетот на понудата. Ако бројот на партиите се спореди со бројот на население, Црна Гора има најголем број партии по глава на жител, односно речиси по една партија на 1.000 жители, а во РСМ – по една партија на нешто помалку од 30.000 жители.

Можноста за брзо никнување на нови партии е во корелација и со законските услови за тоа. Во Хрватска за основање на партија се потребни 100 потписи, во Словенија и Хрватска 200, во БиХ 500, во Србија 10.000, но 1.000 за партии на национални малцинства. Во Северна Македонија за основање партија потребни се најмалку 1.000 потписи. Многу или малку? Со оглед на бројот на партии, изгледа дека квантумот на неопходи потписи е лесно достижен, но оние кои се обиделе да ги обезбедат тврдат дека „воопшто не е лесно без помош од постоечки партии“.

Тесно за Десна

Таквата братска помош, пак, ја зголемува пропустливоста на филтерот за разни партии кои подоцна може да се покажат како проблематични. До денес се уште нема одговор дали ќе почне постапка за дерегистрација на партијата Десна предводена од Љупчо Палевски, прашање кое прв го отвори министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски. Тоа се случи откако Палевски стана осомничен за двојно убиство, случај во кој и другите осомничени така биле членови на истата партија.

По бројните шпекулации – кој и помогнал на Десна да собере потиси за регистрација – претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, неодамна посочи каде да се бара одговорот: „Погледнете ги потписите на лицата кои што се потпишани и ќе го добиете одговорот“.

Според регулативата, политичката партија престанува да постои со бришење од Судскиот регистар врз основа на правосилно решение донесено од страна на Судот, кога ѝ е забрането дејствување со правосилно решение, и кога Уставниот суд ќе утврди дека програмата или статутот на политичката партија не се во согласност со Уставот. Постапка пред надлежен суд се води ако дејствувањето на политичката партија е спротивно на одредбите од Законот, односно ако повикува на насилно уривање на уставниот поредок, поттикнува или повикува на воена агресија или разгорува национална, расна или верска омраза.

Уставниот суд има надлежност да постапува само во делот дали партиските програми и статутот се во согласност со Уставот, но до средината на декември не била поднесена иницијатива за таква проверка, како што кажа претседателката на Уставниот суд, Добрила Кацарска.

 

Извор: ДВ

 

Related posts

Отворањето на Уставот како одење по жица

ninja

Колку се богати македонските пратеници?

admin

Која е тајната на францускиот економски раст?

admin

Османи се стретна со Кралот Чарлс Трети

admin

Незири: Мешањето на Курти во Македонија – опасен преседан

admin

Нула одговори за „Предатор“, а втора санкција за „Сајтрокс“

admin