Војната во Украина е најзастапената тема во медиумите околу која се пласирале најголем број дезинформации во 2023 година. Ова го покажува истражувањето на „Метаморфозис“ кое го открива ефектот на дезинформациите. Според Фондацијата ширење дезинформации не е само медиумски, туку и безбедносен проблем.
Фондацијата Метаморфозис следеле написи во домашните онлајн медиуми но и објави на социјални мрежи во периодот од јануари до септември 2023 година, за кои имало сомнежи дека содржат дезинформации поврзани со странски влијанија во земјава. Според анализата на теми на кои најчесто се шират дезинформации, воделе написите поврзани со војната во Украина.
За оваа тема имало 450 написи кои имале наратив на дезинформација, 350 биле антизападни, 250 поврзани со ЕУ – интеграцијата на земјава, 100 поврзани со ЛГБТ заедницата, а 50 за вакцинација и 30 теории на заговор.
Како поконкретни теми кои се препознаени како дезинформации се:
„Војната во Украина е војна меѓу НАТО и Русија“, „Русија не води војна во Украина, туку само спроведува специјална операција“, „Русија во Украина се бори против нацизмот“, „Украина регрутира деца на фронтот“, „Трговија со органи во Украина“, „Украина ја продава донираната воена помош на црниот пазар“.
„Се пренесуваат сите оние дезинформации кои ги лиферува Кремљ и нивните функционери, а често се пренесувани и од истакнати медиуми без да се објасни контекстот или да се објасни дека дадената изјава која се пренесува содржи елементи на лаги или манипулации. Ваквите дезинформации имаат големо влијание особено онаму каде граѓаните се веќе научени да прифаќаат одредени теории на заговор,“ вели Филип Стојановски директор во „Метаморфозис“.
Според истражувањето сите овие написи ја прикажуваат Украина во најлошо можно светло како слаба и корумпирана наспроти Русија која е супериорна и моќна. Од таму констатирале дека имаат цел да ја поткопаат довербата на граѓаните во одлуките на Северна Македонија што се во насока на помош и поддршка на Украина.
Истражувањето на метаморфозис не ги следи само дезинформациите кои доминираат во македонските медиуми, туку и каков ефект имале врза граѓаните. Па така се доаѓа до резултатот дека кај граѓаните сè уште преовладува мислењето дека Русија има поголема воена сила од НАТО. И покрај тоа што процентот опаѓа во споредба со претходната 2022 година, во 2023 година, 37 % верувале дека Русија има поголема сила од НАТО, наспроти 21 % што не веруваат во тоа, туку сметаат дека НАТО сојузот е посилен. Инаку, оваа перцепција се менува и откако Северна Македонија во 2020 стана членка на Алијансата.
За споредба во 2022 година 43 % од граѓаните го делеле ова верување, наспроти 18 % кои верувале во сосема спротивното.
Најголемиот број граѓани во земјава (49 %) веруваат дека војната во Украина е, всушност, војна помеѓу Русија и НАТО. Овој процент е највисок кај граѓаните со високо образование (50 %), наспроти граѓаните со средно образование (44 %) и граѓаните со ниско образование (35 %).
Дури 39 % од граѓаните веруваат дека во Украина постојат американски лаборатории за создавање биолошко оружје.
Руското влијание во Северна Македонија неодамна беше ставено и во контекст на процесот за уставни измени и внесувањето на Бугарите во Уставот, како дел од македонскиот евроинтеграциски процес.
„Токму за уставните измени, руските ботови и платени политичари и аналитичари шират лаги и хистерија дека со нив ќе се случи бугаризација и асимилација“, изјави тогашниот премиер Димитар Ковачевски.
Државниот врв пак во неколку наврати досега посочуваше дека Москва финансира некои политички субјекти во Македонија и се меша во внатрешните работи на земјата.
Кој шири и која е целта за дезинформациите поврзани со војната?
Во истражувањето од анкетираните граѓани било побарано анкетираните граѓани што веруваат дека во земјава има субјекти што активно ги промовираат руските интереси, да ги наведат без да им биде сугерирано кои се тие.
За разлика од претходната година, кога во најголем процент биле наведени тајните служби на други држави 11%, медиумите 10% и политичките партии 9%, оваа година во најголем процент тие ја посочиле политичката партија Левица. Од сите што сметаат дека во земјава се промовираат руските интереси, 15% тврдат дека таквите интереси се промовираат преку Левица.
Од останатите, 9% мислат дека јавни личности се промотори на руски интереси, одредени политичари 7%, одредени медиуми 5% и црквата со 5% биле исто така наведени како субјекти што ги промовираат руските интереси во земјава.
Во извештајот е утврдено дека најмногу проруски дезинформации до македонските граѓани доаѓаат преку српските таблоиди. Според истражувањето ова е затоа што Србија е земја која сè уште нема санкции кон Русија. Така е овозможено и руски државни медиуми да дејствуваат во земјата на локален јазик, па руските дезинформациски наративи слободно се шират до нашите граѓани преку српските медиуми.
Уште повеќе што граѓаните се повеќе склони да му веруваат на медиумски извор што доаѓа од земја за која веруваат дека има најпозитивно влијание за нашата земја, се вели во извештајот.
Според истражувачите на „Фондацијата Метаморфозис“ ширењето на дезинформации предизвикува голем број граѓани да веруваат во вестите кои имаат намена да ја претстават Русија како алтернатива на ЕУ, а на сметка на тоа да ја поткопаат довербата во Западот и процесот на евроинтеграција. Тие секојдневно се наоѓаат во медиумите и создаваат перцепција кај граѓаните дека помеѓу Русија и САД нема голема разлика.
„Граѓаните од една страна веруваат дека немаат голема доверба во медиумите, и се свесни дека дезинформациите се штетни, но од друга страна кај дел од нив се гледа дека не препознале одредени типови на дезинформации за што се потврда одговорите кои ги дале за ширењето на лаги во кои поверувале, вели Филип Стојановски, директор за партнерство и развој на ресурси во Метаморфозис.
Според анализата на Метаморфозис „странски малигни влијанија“ги користат дезинформациите и медиумските манипулации како алатка за да предизвикаат поларизација и конфузија. Ова според нив станува глобално прашање бидејќи има и негативно влијание врз кревката демократија на Северна Македонија, но и на земјите од Западен Балкан.
Граѓаните сметаат дека онлајн медиумите се виновни за дезинформациите
Како главни извори на дезинформации граѓаните ги посочиле онлајн медиумите, интернет-порталите и социјалните мрежи па според Метаморфозис ова ја наметнува потребата за регулација во оваа област, преку измена и дополнување на законите. Како препорака дадена е и да се подигне нивото на интегритет на медиумите преку зголемено почитување на професионалните и на етичките стандарди во новинарството, како и зголемена примена и видливост на механизмите за саморегулација.
„Медиумите треба да воведат интерни механизми со кои ќе ја зголемат сопствената отпорност на дезинформации преку воведување процедури за проверка на факти, а на ниво на уредувачки политики да го приоретизираат проактивното информирање за дезинформациските текови, заедно со промоцијата на медиумската и на дигиталната писменост“, се вели во препораките.
Истражувањето на јавното мислење за „Ефектот на дезинформациите и странските влијанија врз демократските процеси во Северна Македонија во 2023 година“ е извршено врз 1 100 испитаника од 34 општини во периодот од 20 октомври до 1 ноември 2023 година. Анализирани се и повеќе од 400 текстови од домашни и странски медиуми за кои имало сомнежи дека се извор на дезинформации на најразлични теми.
Инаку во февруари се навршуваат две години од руската инвазија врз Украина, а руските пропаганда, дезинформации и манипулации со информации во Северна Македонија уште во првата година имаа добро развиени и координирани мрежи на Фејсбук. До сега се промовирани некоклку студии и од други невладини организации кои покажаа дека во ширење на руската пропаганда во земјава се вклучени и „домашни актери“ кои го овозможуваат и засилуваат тоа, или ги пренесуваат пораките./РСЕ