6.8 C
Скопје
4 март, 2024
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕПУБЛИКА

Џафери во жешка фотелја: Кои се приоритетите на владата?

Новиот технички премиер порача дека владата ќе остане на патот кон ЕУ. Најави дека нема да прифаќа ултиматуми од никого, но и дека не му значи дали на работа ќе оди со мерцедес или не

 

Во Владата денеска се изврши примопредавање на функцијата меѓу досегашниот претседател на Владата, Димитар Ковачевски и Талат Џафери, претседател на преодната Влада. 

Премиерот во заминување, Димитар Ковачевски му остави аманет на наследникот да ги продолжи досегашните политики на Владата за заштита на граѓаните, спроведување на реформите, економско закрепнување по економската и енергетската криза изминатите две години, исполнување на обврските на патот кон ЕУ, како и спроведување на слободни, фер и демократски избори. Талат Џафери се обврза дека владата ќе остане на патот на ЕУ, како единствена алтернатива на државата.

„Уставот и законите ќе бидат основа врз основа на која ќе ја базирам секоја одлука што ќе ја преземеме како влада“, порача Џафери ветувајќи транспарентни, отчетни и ефикасни институции.

Со мерцедес или со приватно возило

Во наредните 100 дена вели дека нема да прифаќа ултиматуми од министрите, но и дека не му значат многу премиерските привилегии и возењето со луксузниот владин мерцедес.

„Немам комплекс дали доаѓам до мерцедес или приватно ќе си одам дома. Седум години сум бил претседател на Собрание, па никогаш не сум поставил прашање со што ќе си одам дома“, вели Џафери, кој сепак додава дека Владата треба да ги исполни законските предуслови за носителите на највисоките државни функции.

Прва задача

Џафери, кој по седум години го замени собраниското столче со фотелја во Владата, го очекуваат повеќе привилегии, но и зголемен број обврски и очекувања.

„Прво е скринингот на организацијата, функционирањето и поставеноста на владата. Бидејќи е нов состав, треба да се изберат комисии и работни тела за спроведување на обврските, како и планирање на првата конститутивна седница на Владата“, најави Џафери.

Тој ја презема премиерската функција само неколку дена откако министерот за информатичко општество, Азир Алиу, навести давање оставка во Владата, а како причина за тоа е недонесувањето на законите коишто тој ги имаше предложено со европско знаменце за реформите во јавната администрација. Ковачевски вети дека законите во најскоро време ќе се најдат пред пратениците, но Џафери денеска порача дека не прифаќа ултиматуми.

„Не сум човек што ќе постапи, ако некој се заканува. Не ми е својствено да прифаќам ултиматуми. Секој има слобода да постапува како сака, а за последиците нека мислат субектите од каде што доаѓаат и добиле номинација, без оглед на тоа кој од каде доаѓа“, вели Џафери.

Вториот проблем, на кој го потсетија медиумите на прес-конференција во Владата е отворањето на албанската паралелка во Чашка, што предизвика бојкот и незадоволство. Министерот за образование и наука, Јетон Шаќири, тврдеше дека се исполнети сите услови за формирање на паралелка на албански наставен јазик и најави дека ќе се заложи за смена на статутот на ООУ „Тодор Јанев“ во Чашка.

Џафери вели дека во моментот не знае што конкретно може да се преземе за решавање на ова прашање, но најави дека ќе се преземат сите мерки да се спроведат процедурите и законските обврски.

Приоритети на Владата

Но, како најголем приоритет на преодната влада остануваат обврските коишто треба да ги исполни земјата на патот кон ЕУ. Ковачевски предавајќи ја функцијата порача дека само „обединети можеме да го изодиме вистинскиот пат и да се постигнат сите цели, базирани на вредности и принципи“.

„Денес не е време на поделби, денес е време на заедништво. Проевропската владина коалиција на која се темели и новата Влада, покажа и докажа дека има и политичка волја и човечки капацитети да одговори на сите предизвици и одговорности. Организиравме и неколку изборни цисклуси оценети и дома и од меѓународната заедница како слободни фер и демократски и знам дека така ќе биде и на претстојните избори“, порача тој.

Поддршка доби и од Џафери, кој се согласува дека примарната задача на оваа Влада е подготовката и организирањето на слободни и фер демократски избори во директна отворена и законита процедура и соработка со Собранието на изборите. Тој најави одржување и унапредување на стартешкото партнерство со ЕУ, НАТО и САД, како стартешки цели поддржани од независноста на државата, а особено во актуелниот геостратешки момент.

Парламентарните избори ќе се одржат на 8 мај, а седмите претседателски избори на 24 април. До формирањето на нова влада до крајот на јуни, земјата ќе ја води техничка влада на чело со премиерот Талат Џафери./DW

Related posts

Орбан: Украина се уште не ги исполнила критериумите за влез во ЕУ

admin

Шкелзен Малиќи: Руските и српските служби стојат зад вооружените инциденти во Косово

admin

БАЈДЕН ОД КИЕВ НАЈАВИ ДОПОЛНИТЕЛНИ 500 МИЛИОНИ ДОЛАРИ ПОМОШ ЗА УКРАИНА

ninja

Кој ќе ги вкрсти копјата со Таравари?

admin

Холандскиот амбасадор Коп: Не чекате вие, ЕУ ве чека 15 години да ги спроведете реформите

admin

Специјален обвинител за истрагата на синот на Џо Бајден

admin