Министерката за Европа и надворешни работи на Албанија, Елиса Спиропали, ќе престојува во дводневна официјална посета на Северна Македонија на 22 и 23 декември, соопшти во саботата Министерството за надворешни работи.
За време на престојот во Скопје, Спиропали ќе оствари средби со претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, премиерот Христијан Мицкоски, претседателот на Собранието Африм Гаши и министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски.
Во понеделник во 11:30 часот, Спиропали и Муцунски ќе одржат заедничка прес-конференција.
Според соопштението, албанската министерка ќе ја истакне важноста од понатамошно унапредување на билатералните и регионалните односи и ќе ја реафирмира силната поддршка на Тирана за европската интеграција на Северна Македонија, оценувајќи го проширувањето на Европската унија како стратешки инструмент за мир, стабилност и демократска одржливост во Југоисточна Европа.
На агендата на разговорите ќе биде и проектот Коридор VIII, кој се смета за стратешки енергетски и безбедносен проект што го поврзува Медитеранот со Црното Море.
Спиропали ќе има работна вечера со заменик-премиерот за добро владеење и борба против корупцијата Арбен Фетаи и со вршителот на должност министер за интеграции Орхан Муртезани.
За време на посетата на Тетово, таа ќе се сретне со претседателот на Демократската унија за интеграција Али Ахмети, претседателот на Алијансата за Албанците Арбен Таравари, како и со лидерите на владејачката коалиција ВЛЕН – Изет Меџити, Билал Касами и Беким Сали.
Албанската министерка ќе оствари средби и со претседателот на Комисијата за надворешна политика на Собранието Муса Џафери, со пратенички од сите албански политички партии и со претставници на локалната власт.
Според соопштението, Спиропали ќе ја истакне клучната улога на албанскиот фактор во Северна Македонија во зачувувањето на стабилноста и унапредувањето на евроатлантските процеси, како и значењето на Охридскиот рамковен договор како основа за меѓуетничка хармонија и социјална кохезија.
Посетата ќе опфати и посета на Институтот за културно и духовно наследство на Албанците во Скопје, а ќе биде заокружена со разговор со студенти и професори на Универзитетот во Тетово.

