11.8 C
Скопје
14 октомври, 2026
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕПУБЛИКА

Лидерите на проширената група БРИКС се собираат на самит во Рио

Лидерите на растечката група БРИКС денеска се собираат во Рио де Жанеиро, при што повикуваат на реформирање на западните институции и ја позиционираат групата како браник на мултилатерализмот во се повеќе поделен свет.

Во услови кога Г7 и Г20 се парализирани од внатрешни поделби, а пристапот „Прво Америка“ на претседателот на САД Доналд Трамп дополнително го отежнува глобалниот дијалог, проширувањето на БРИКС отвора нов простор за дипломатска координација.

БРИКС сега опфаќа повеќе од половина од светската популација

„Во време на обновен протекционизам, на земјите во развој им припаѓа улогата да го одбранат мултилатералниот трговски систем и да ја реформираат меѓународната финансиска архитектура“, рече бразилскиот претседател Луиз Инасио Лула да Силва на бизнис-форумот на БРИКС во саботата.

БРИКС сега опфаќа повеќе од половина од светската популација и 40 отсто од глобалната економија, нагласи Лула.

Групата, основана во 2009 година од Бразил, Русија, Индија и Кина, подоцна беше проширена со Јужна Африка, а минатата година како полноправни членки беа додадени Египет, Етиопија, Индонезија, Иран, Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати. Ова е првиот самит на лидери на кој учествува Индонезија.

„Вакуумот што го оставаат другите, БРИКС го пополнува речиси моментално“, изјави бразилски дипломат кој побара да остане анонимен. Според него, иако Г7 сè уште има голема моќ, не ја поседува поранешната доминантност.

Но, проширувањето на БРИКС ја зголемува и хетерогеноста на групата, што отвора прашања за заедничката визија меѓу земјите членки, кои често се и регионални ривали.

Претседателот на Кина, Си Џинпинг, испрати премиер наместо да присуствува лично, додека рускиот претседател Владимир Путин ќе учествува онлајн поради меѓународната потерница од страна на Меѓународниот кривичен суд. Во Рио, сепак, пристигнуваат индискиот премиер Нарендра Моди и претседателот на Јужна Африка, Сирил Рамафоса.

Над 30 држави изразиле интерес за приклучување кон БРИКС како полноправни членки или партнери.

Зголемена моќ, поголеми предизвици

Бразил, кој во ноември ќе биде домаќин и на Самитот за климата на ОН (COP), ја користи можноста да нагласи дека земјите во развој сериозно се справуваат со климатските предизвици, за разлика од САД, каде Трамп ги суспендираше климатските напори.

Кина и Обединетите Арапски Емирати во средбите со бразилскиот министер за финансии, Фернандо Хадад, изразиле интерес за вложување во новиот фонд за заштита на тропски шуми „Tropical Forests Forever Facility“, според извори запознаени со разговорите.

Проширувањето ѝ дава поголема дипломатска тежина на групата, која се стреми да биде глас на Глобалниот југ, со фокус на реформирање на институции како Советот за безбедност на ОН и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ). Но, зголемената разновидност ја отежнува согласноста околу чувствителни геополитички теми.

Преговорите за заедничка декларација пред самитот биле закочени околу формулациите поврзани со конфликтите во Газа и меѓу Израел и Иран, како и реформата на Советот за безбедност, изјавија за Ројтерс двајца извори.

Со цел да се надминат несогласувањата меѓу африканските држави околу тоа која земја да ги претставува африканските интереси во реформираниот Совет за безбедност, групата се согласила да поддржи места за Бразил и Индија, додека изборот на африканскиот претставник останува отворено прашање.

БРИКС ќе ја продолжи и критиката кон трговските политики на САД. На министерскиот состанок во април, групата изрази загриженост за „неоправданите еднострани протекционистички мерки, вклучително и произволното зголемување на царините“.

 

 

 

 

Related posts

ЕДНА ТРЕТИНА ОД СТРУЈАТА ВЧЕРА ОБЕЗБЕДЕНА ОД УВОЗ

ninja

Мицкоски: Нема услови за отворање на Уставот, реформите на Уставниот суд ќе чекаат

admin

Грција подготвува нов притисок за проширување? Во Сараево се отвори прашањето за „солунскиот моментум“

admin

Дронови погодија два брода пред брегот на Бугарија, еден потона – Софија го повикува рускиот амбасадор

admin

Пекинг станува попопуларен, Вашингтон останува попотребен: Што навистина мисли светот за САД и Кина

admin

Нов бран СМС-измами во Македонија со лажни сообраќајни казни

admin