19.8 C
Скопје
30 август, 2026
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕПУБЛИКА

„Историски“ закон или козметичка реформа? Само 49 од над 1.300 институции под новите правила

Новиот закон за висока раководна служба, кој Владата го промовира како клучен чекор кон департизација и професионализација на јавната администрација, ќе се применува на помалку од пет отсто од институциите во јавниот сектор, покажуваат официјалните податоци, јави РСЕ.

Законот предвидува построги критериуми за избор на директори, вклучително најмалку седум години релевантно работно искуство и пет години раководно искуство, како и тестирање и интервјуа доколку има повеќе кандидати. Но, според Регистарот на Министерството за администрација, од вкупно 1.374 институции, новите правила ќе важат за само 49 директори и нивни заменици, 19 државни секретари и членови во 13 управни одбори.

Експерти и претставници на граѓанскиот сектор на јавната дебата за законот оценија дека предложеното решение е „добар, но недовршен чекор“, кој остава широк простор за политичко влијание, особено на локално ниво.

„Градоначалник назначува, градоначалник разрешува – тоа правило останува“, велат аналитичарите, укажувајќи дека 830 институции се под општинска надлежност и не се опфатени со законот, додека Владата е основач на 443 институции.

Професорот на Правниот факултет, Борче Давитковски, вели дека законот за првпат прави обид да се оддели политичката од стручната функција, но предупредува дека неговиот опфат е премногу тесен. „Потребна е реформа на целиот јавен сектор, особено на јавните претпријатија каде што Владата ги именува управните одбори и директорите“, изјави тој.

Од Министерството за администрација наведуваат дека ограничениот опфат е последица на принципот на децентрализација, додавајќи дека изборот на раководители во институциите под општинска надлежност останува регулиран со секторски закони.

Претставници на организацијата СИГМА, која работи со Европската унија на подобрување на управувањето, предупредија дека со законот не се опфатени клучни позиции, вклучително генералниот секретар на Владата, како и високите раководители во безбедносниот сектор.

Дополнително, експертите укажуваат дека Владата и натаму ќе има дискреционо право да избере еден од тројцата највисоко рангирани кандидати, што, според нив, остава простор за политички влијанија и повторување на конкурсите доколку „вистинскиот кандидат“ не биде избран.

„Клучниот проблем не се условите, туку отсуството на целосно транспарентна и меритократска постапка“, вели Неда Малевска Сачмаровска од Центарот за управување со промени, додавајќи дека без објективно тестирање и строга проверка на искуството, интервјуата може да останат главниот канал за политички притисок.

Една од позабележливите измени е укинувањето на задолжителните меѓународни сертификати за странски јазик за дел од директорските позиции, што, според Владата, е направено поради природата на надлежностите на институциите.

Експертите оценуваат дека професионализацијата на администрацијата ќе зависи од политичката волја да се ограничи контролата врз кадровските решенија, предупредувајќи дека селективната примена на правилата ризикува реформата да остане половично решение.

 

Related posts

Започна новата учебна година, Јаневска: Учебници ќе има за сите ученици

admin

Брисел ја турка Србија напред, но Холандија сè уште ја држи рампата спуштена

admin

Првиот вицепремиер Меџити упати честитка по повод 34-годишнината на независноста

admin

Иран започна масовен ракетен напад врз Израел по атентатите на Хамас и Хезболах

admin

Пукање од Косово кон ски-центар во Црна Гора: дипломатијата на нишан

admin

Си и Путин потпишаа 40 договори, но Кина ја оттурна Москва од клучен проект

admin