11.8 C
Скопје
4 мај, 2024
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕПУБЛИКА

СДСМ во Приштина, ЕСП во Вашингтон

пред 2 ч.

Во пресрет на парламентарните избори, се засилува декларирањето на позициите – кој е само номинално, а кој реално за европска иднина.

Шефот на албанската дипломатија дојде во Скопје, функционери на СДСМ заминаа во Приштина на средба со функционери на косовското Движење Самоопределување, а  опозицискиот Европски сојуз за промени (ЕСП) замина на средби во Вашингтон.

Фрагментирањето на  политичката сцена,  каде повеќе партии на Албанците се позиционираат во два опонентски блока со предзнак „европски“, ја изнесе на виделина и нивната битка за поддршка од главните центри на Албанците во регионот – Тирана и Приштина, односно поддршка за блокот кој најверодостојно  се залага за европска иднина.

Во амбиент кога се дебатира за проектираното влијание на духот на Курти врз парламентарните избори во РСМ, (откако ЕСП најави дека Самоопределување им е четвртиот партнер во блокот) вчера во Приштина се одржа средба и меѓу партиски функционери на СДСМ со функционери на Движењето Самоопределување на  косовскиот премиер Албин Курти. Генералниот секретар на СДСМ, Миле Зечевиќ, партискиот секретар за меѓународна соработка Бојан Маричиќ и претседателот на социјалдемократската младина Марко Михаилоски, се сретнаа со генералниот секретар на Самоопределување, Алим Рама и со секретарот за меѓународна соработка, Хајрула Чеку. На средбата се разговарало за понатамошната соработката меѓу двете партии, за регионалната соработка и дијалогот – како клучни столбови за стабилност и европската иднина на Западен Балкан.

„Взаемно беше истакната заложбата за продлабочување на соработката меѓу партиите во рамки на ПЕС, откако Самоопределување стана придружна членка на Партијата на европски социјалисти, но и помеѓу политичките подмладоци. Заеднички е потврдено дека европски вредности и дијалог за сите прашања се исклучително важни за државите во целиот регион и прогресивните партии треба да придонесат во јакнење регионалната соработка и стабилноста на Западен Балкан“, се наведува во соопштението од СДСМ.

И домаќините од Самоопределување на Фејсбук објавија фотографија од средбата, одржана во време кога нивниот партиски лидер Албин Курти е на Светскиот економски форум во Давос.

„На оваа пријателска средба се разговараше за политичките случувања во нашите две земји и во регионот во целост. Беше нагласена важноста на соработката меѓу нашите два ентитета, кои се и заеднички членови на различни социјалдемократски платформи ширум светот (…) Средбата ја завршивме со разговори за идни настани во кои ќе бидеме заедно и други чекори за продлабочување на соработката секогаш во светло на социјалдемократијата“, соопштија од Самоопределување.

Консолидирана сцена

Средбата се реализира неколку дена по изјавите на лидерот на ДУИ, Али Ахмети за албанска телевизија, дека премиерот на Косово, Албин Курти, се меша во политичката сцена на Албанците во Македонија и дека тоа не е првпат. Тој ја спомна јавната поддршка на Курти за претседателскиот кандидат во 2019 година (тогаш поддржан од Алијанса за Албанците и Беса) кандидат кој потоа стана министер во владата на Косово.

„Еди Рама не се мешаше во внатрешните работи на политичкото тело во Македонија, се обиде да ги зближи партиите во Македонија, благодарен сум за ваквиот пристап“, изјави Ахмети пред десетина дена за албанска телевизија.

Потпретседателот на ДУИ, Бујар Османи, вчера го релативизираше можното влијание на Курти врз политичката сцена на Албанците во РСМ.

„Такви обиди за директни поддршки и учества имало и порано од претседателскиот кандидат, кој потоа беше министер во владата на Косово, преку учество на високи експоненти на предизборните собирања и митинзи. И тоа покажа дека политичката сцена на Албанците во Република Северна Македонија е консолидирана, и не очекувам, како што не влијаеше претходно, да влијае и сега“, рече Османи одговарајќи на прашање на вчерашната прес-конференција со неговиот албански колега, Игли Хасани.

Потпретседателот на ДУИ, Бујар Османи
Потпретседателот на ДУИ, Бујар Османи, го релативизираше можното влијание на Курти врз политичката сцена на Албанците во РСМФотографија: Ministry for Foreign Affairs of North Macedonia

На истото прашање, министерот од владата на Еди Рама, одговори дека е тука како претставник на Албанија, за да ги поддржи прогресивните европски сили на Албанците и на Северна Македонија во нивните јасни ставови за европската иднина. Изрази уверување дека резултатите од претстојниот изборен процес нема да донесат промена во однос на посветеноста на земјата на европската иднина.

Фактор за европска интеграција

Посветеност кон европската иднина во Вашнготон искажаа и лидерите на опозицискиот Европски сојуз за промена, Африм Гаши, Билал Касами и Изет Меџити, кои заедно со советникот на премиерот Курти за Северна Македонија, Беким Ќоку, за време на нивната официјална посета на САД вчера реализираа средба со сенаторката Џони Ернст – копретседателка на групата за албански прашања на американскиот Сенат и претседателка на Комитетот на Републиканците за политиките во Сенатот. Како што соопштија од ЕСП, потврдувајќи го стратешкото партнерство со САД, на состанокот го изразиле јасниот став дека Албанците остануваат посветени на продлабочување на соработката со САД и ЕУ, како единствена опција која обезбедува мир и стабилност во регионот.

„Главна тема на разговор беше забрзувањето и финализирањето на интеграцијата на земјата во ЕУ и геополитичките влијанија во регионот. Во овој период, кога продолжува обидот на Србија да го дестабилизира Косово, не треба да се остави простор ова да создаде кризни зони на Балканот, бидејќи тоа им служи на руско-српските интереси, кои не сакаат добро за Албанците. Лидерите на Европскиот сојуз ја уверија сенаторката Ернст дека оваа коалиција ќе биде најсериозниот и единствен фактор кој ќе овозможи интеграција на земјата во ЕУ, со што ќе се промени статус-квото инсталирано во последните дваесет години“, објави на Фејсбук по средбата претседателот на Демократското движење, Изет Меџити.

Тешка одлука

Факторот „Курти“ и прашањето кој е само номинално а кој реално за европска иднина, не се единствените точки по кои се вкрстени копјата во албанскиот блок. Сѐ уште трае неизвесноста  дали Алијанса за Албанците (АА) ќе настапи самостојно или ќе се приклучи кон некој од двата блока, со оглед дека анкетите прогнозираат дека таа ќе биде „јазичето“ на изборната вага. Според извори во албанскиот блок, АА е пред тешка одлука, бидејќи крилото околу актуелниот партиски претседател Арбен Таравари наводно сметало дека треба да се приклучат кон здружениот опозициски фронт, додека крилото околу претходниот партиски претседател, Зијадин Села, не се согласувало со тоа, што пак резултира со шпекулации дека одлуката може да заврши со внатрешни поделби и фракција.

Лидерот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари (архивска фотографија)
Лидерот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари (архивска фотографија)Фотографија: DW/P. Stojanovski

На вакви наводи реагираше Генералниот секретар на АА и актуелен министер за правда, Кренар Лога, по оценката на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, искажана на ТВ 24 пред три дена. Говорејќи за можната изборно-резултатска разлика меѓу опозицискиот албански блок, наспроти ДУИ која ќе биде во коалиција со Демократската партија на Албанците, Мицкоски ги употреби зборовите „тоа што остана од нејзе (за ДПА) и тоа што ќе остане од Алијанса за Албанците“.

„Сонот на Мицкоски и на ДПМНЕ се уште стар сон на Груевски од 2016 за исчезнување на Алијансата на Албанците. Го немаше тоа задоволство, се обиде и на 27 април, но не успеа. Остатокот на Груевски можеби сонува уште, но и тој знае дека во АА нема и нема да има послушници на ДПМНЕ“, напиша Лога.

Извор: ДВ

Related posts

Реагира Алтернатива на Гаши: Оставките на ДУИ се ПР-сценарио, тонете во вашата кал

admin

„ОГНЕНИТЕ“ ЈА ДОБИЈА БИТКАТА, ДАЛИ ЌЕ ЈА ДОБИЈАТ И ВОЈНАТА?

admin

Еди Рама го напушти Опен Балкан: Иницијативата ја заврши мисијата

admin

Битка за статус кво или битка за промени

admin

Дишеме контаминиран воздух, јадеме токсична храна: Жешките еколошки точки ни ја уништуваат околината, а закана се и за здравјето

admin

Макрон предлага НАТО да испраќа трупи во Украина

admin