21.8 C
Скопје
13 октомври, 2024
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕПУБЛИКА

Алијанса за Албанците – колку е клучна за влада по изборите?

Алијанса за Албанците можеби и не е моќна да направи значаен резултат на изборите самостојно, но може да биде детерминирачки фактор за тоа кој ќе ја формира идната влада, сметаат аналитичарите. Таравари се залага за приклучување кон опозицискиот блок, а Села го повикува на одговорност. Кој пат ќе го фати партијата и може ли да дојде до нејзина поделба?

Јавните конфронтирања помеѓу актуелниот и поранешниот партиски лидер, физички пресметки помеѓу двата табора и оставањето порака со неиспукан куршум пред врата, изминатите два дена ги насочија сите погледи на политичката сцена кон Алијанса за Албанците (АА).

Ескалацијата на внатрепартиските тензии доаѓа во период кога партијата, која е актуелен партнер во владата, одлучува како ќе се позиционира за претстојните парламентарни избори закажани за 8 мај. На која страна ќе натежне вагата во Алијанса, сметаат политичките аналитичари, може да биде клучно за тоа кој ќе ја формира идната влада. Но, сето тоа под услов партијата да остане обединета што е ставено под знак прашалник ако се имаат предвид последните случувања.

Собирот пред куќата на партискиот претседател Арбен Таравари во Гостивар ноќта на 5 февруари, во знак на поддршка по пронајдениот куршум во неговиот двор, и пораките што тој ги испрати оттаму се последниот од низата настани кои сведочат за поделеноста во партијата на четири месеци пред избори.

„Промената започна“, „Знаев дека гласот на народот е за соработка со опозицијата“, порача тој уште еднаш искажувајќи го својот став за тоа како Алијанса за Албанците треба да се позиционира за претстојните парламентарни избори закажани за 8 мај.

Наспроти неговиот, пак, е таборот на претходниот лидер и актуелен претседател на партиското Собрание, Зијадин Села, чиј став е дека треба да се настапи самостојно што се толкува дека може да прерасне во отворена или скриена соработка со ДУИ.

Ваквите јавни расправии им одговараат на сите освен на Алијанса за Албанците, вели министерот за информатичко општество и администрација Азир Алиу кој доаѓа од редовите на оваа партија, во интервју за Радио Слободна Европа (РСЕ).

Но, што е она што и одговара на Алијанса и, уште поважно, зошто партијата може да биде одлучувачки фактор за идната влада?

Алијанса не е моќна, но може да е клучна за идната влада

Аналитичарот Владимир Божиновски од Институтот за политички истражувања, кој спроведува испитување на јавните мислења и ги мерки рејтинзите на партиите, смета дека важноста на Алијансата како трет играч во албанскиот блок политички партии произлегуваа оттаму што владејачката ДУИ води на анкетите наспроти обединетата опозиција, но не убедливо како што било претходно.

„Приклонувањето на Алијанса кон едни или други може да значи кој ќе влезе во следната власт. Алијанса не е толку моќна во моментов како што беше, да речеме, во 2020 кога беше главна опозиција. Но, има гласачко тело и може во голема мера да ги измести позициите. Ако отиде кон опозицијата може многу лесно да му се приближат на ДУИ. Може и со тоа нема да успеат да ја победат ДУИ, но од друга страна, нели не важи веќе тоа ’победник со победник‘ како што најави ВМРО-ДПМНЕ, и затоа тука има големи шанси ДУИ да не биде дел од идната власт“, вели Божиновски.

Соработката на Алијанса со ДУИ, пак, нагласува тој, би ја зголемило предноста на интегративците пред опозицијата и во таков случај ќе бидат многу мали можностите на опозициските партии да бидат идниот владин партнер.

Според него, самостоен настап би и донел одреден број на пратеници, но веројатно повеќе би освоила во коалиција зашто, оценува, има добри понуди и од едната и од другата страна.

Излегување сами на избори и според аналитичарот Џелал Незири е најлошата варијанта што би можела да ја избере Алијанса.

„Позицијата на Алијанса пред овие избори е важна како позицијата на ДУИ после изборите во 2016 и во 2020 година. ДУИ беше во таа позиција – после изборите да одреди кој ќе ја состави владата. А, Алијанса ја има сега таа позиција – да одлучи кој ќе ја состави владата после изборите. Ако оди заедно како цела со ДУИ и СДСМ на избори, сто проценти сум сигурен дека таа коалиција ќе добиеше најмалку 61 пратеник. Оваа позиција на Алијанса ја направи центар на некои збиднувања, притисоци, лобирања, сугерирања и сè уште е на таа позиција“, рече Незири во емисијата „Топ тема“ на Телма ТВ.

Разидување на патиштата?

Во кој правец ќе се движи партијата се очекува да стане јасно по седницата на Централното собрание која Зијадин Села ја свика за в сабота (10 февруари) кога, како што најави, ќе се одлучува за одговорноста на Таравари како претседател.

Аналитичарот Божиновски предвидува дека можно е и да дојде до разделување на патиштата – Таравари на една, а на друга таборот предводен од Села и актуелниот министер за правда и генерален секретар на партијата Кренар Лога.

„Она што е најверојатен исход, е дека најверојатно ќе има поделба – едните ќе отидат со опозиција, другите веројатно со ДУИ. Не верувам дека Села и Лога ќе отидат сами на избори“, вели Божиновски.

Можно разделување на патиштата, спомена и самиот Лога во објава на социјалните мрежи каде ги осуди насилствата меѓу партиските членови и оставањето куршум во дворот на Таравари.

„Додека сите заедно се трудиме да го изнајдеме правиот и вистинскиот пат, повикуваме на самоконтрола и смиреност. Ние сме поминале многу настани заедно, како радосни така и тажни. Заради тоа апелираме и да ни се разделат нашите патишта, ова да го направиме како цивилизирани луѓе и семејни луѓе“, посочи Лога.

Алиу: Мојата поддршка оди на сметка на претседателот на партијата

Лога е еден од тројцата министри на Алијанса за Албанците во владата, а кои се чини се поделени во поддршката за Таравари и Села. Меѓу од нив е и Азир Алиу, кој раководи со Министерството за информатичко општество и администрација, а кој во интервју за РСЕ вели дека треба да се почитува хиерархијата во партијата.

„Тој (Таравари) е избран легитимно од Собранието во нашата политичка партија и за мене таа хиерархија треба да се почитува сè додека е тој претседател на политичката партија. Ако имаме замерки, затоа постојат такви колективи и органи во политичката партија каде може да дискутираме, ако треба да се промени и да бараме нов лидер. Но, во моментов Арбен Таравари е претседател на АА и тој има и право и обврски да ја води политичката партија и утре да даде отчет за позитивни или негативни резултати кои ќе ги имаме како партија, а врз основа на одлуките што ги носел како лидер“, вели Алиу во интервју за РСЕ кое ќе го емитуваме в недела.

А дали тоа значи дека неговата поддршка оди на сметка на Таравари, министерот вели „мојата поддршката оди на сметка на претседателот на политичката партија, во моментов е Арбен Таравари и сè додека имаме органи претседател на политичка партија вие мора да го поддржите и да соработувате“.

Таравари се смета дека ја има поддршката и од третиот министер, Фатмир Меџити, кој раководи со ресорот здравство.

Јавните преписки меѓу него и Села почнаа откако тој побара поддршка од партиските органи да настапат на избори заедно со опозицискиот блок твдејќи дека има поддршка од две третини од партиското собрание. Набргу, во неделата (4 февруари) следуваше и прес-конференција на Зијадин Села, кој е актуелен претседател на собранието, а кој го повика Таравари „да се сноси со одговорноста и сите работи кои ги има правено врз грбот на членовите и партијата“.

Партиските несогласувања стигнаа и до страниците на црната хроника, кога во ресторан во Тетово во неделата беше нападнат Дритон Небиу, директор на Агенцијата за управување со одземен имот, а кој потоа во изјава за медиумите обвини дека бил нападнат од близок човек на Таравари.

Куршумот во дворот на Таравари, пак, во понеделникот беше продолжение на серијата настани.

„И да пукате тешка артилерија, промената започна и нема да запре“, порача тогаш партискиот претседател кој ова го оцени како „јасна мафијашка заканувачка порака“.

За потсетување, на повикот на Таравари за приклучување кон опозицскиот Европски сојуз за промени претходеше средба што тој ја имаше на 30 јануари во Приштина со водачите на оваа коалиција и со косовскиот премиер и лидер на тамошната партија Самоопределување, Албин Курти.

Пет дена пред оваа средба, пак, во медиумите беше пренесена изјава од претседателот на Алијанса на Албанците дека тој е за самостоен настап на парламентарните избори.

Дел од Европскиот сојуз за промени се Билал Касами (Беса), Африм Гаши (Алтернатива) и Изет Меџити (Демократско движење) кој до пред неполна година беше функционер во ДУИ. Со некои од нив, Алијанса за Албанците во своето речиси еднодецениско постоење веќе има искуство со пред и постизборна соработка.

Од власт во опозиција и обратно

Партијата беше формирана во 2015 година, а произлезе од Демократската партија на Албанците (ДПА) на Мендух Тачи. Зијадин Села тогаш иницираше движење за реформи во ДПА, а набргу потоа следуваше основањето на Алијанса за Албанците на чие чело застана тој.

На првиот самостоен настап на парламентарните избори во декември 2016 година, АА освои 35.118 гласови односно три пратенички места. По овие избори, партијата во 2017 година влезе во владина коалиција со СДСМ и ДУИ и доби две министерски места – Арбен Таравари стана министер за здравство, а Сухејл Фазлиу министер за локална самоуправа. Но, за помалку од една година, партијата тогаш ја напушти власта и премина во опозиција. Таравари, во меѓувреме, стана градоначалник на Гостивар по локалните избори во октомври 2017.

На следните парламентарни во 2020, Алијанса настапи во коалиција со Алтернатива и освои 81.620 гласа. Тоа на оваа коалиција и донесе 12 места во парламентот од кои осум ги пополнија пратеници од Алијанса. Партијата предводена од Села остана опозиција, а со коалицискиот партнер од пред изборите се разделија крајот на 2021 кога Алтернатива предводена од Гаши реши да влезе во владата на СДСМ и ДУИ, на местото на тогаш третиот владин партнер Беса.

Во февруари 2023, двајцата партнери си ги заменија местата – Алтернатива отиде во опозиција, а Алијанса влезе во власта.

Во својата партиска историја, Алијанса за Албанците досега имаше двајца лидери. Зијадин Села кој од почетокот застана на чело на движењето, а потоа и на партијата. Тој на два партиски конгреси (март 2018 и март 2022 година) ја доби довербата да биде претседател. Но, по вонредните избори за Советот во Општина Тетово во август 2022 година на кои Алијанса имаше лоши резултати, Села си поднесе оставка. Таравари тогаш беше назначен за в.д. претседател, а на 24 декември 2022 на партиски конгрес и официјално беше избран за претседател. Пред да застане на чело на партијата, тој беше и генерален секретар и потпретседател на Алијанса за Албанците. /РСЕ

Related posts

СО ПОВИСОКИ КАМАТИ СЕ ВРАЌААТ СТАРИТЕ ДОЛГОВИ

ninja

Што се разговарало на средбата Блинкен-Ковачевски? Ескобар вели дека корупцијата била главна тема

admin

ДЕЛ ОД ОПШТИНИТЕ „МУВА“ НЕ ГИ ЛАЗИ ЗА ШТЕДЕЊЕ

ninja

ЕУ ќе и додели на Турција 400 милиони евра за санација на последиците од земјотресите

admin

БОРЕЛ ОЧЕКУВА НАЦИОНАЛНО ЕДИНСТВО ЗА УСТАВНИТЕ ИЗМЕНИ

ninja

Уставниот суд тежи 2 милиони евра, Татјана Васиќ-Бозаџиева 10 пати побогата од Фатмир Скендер

admin