4 декември, 2024
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕПУБЛИКА

Во Куманово ќе се потврдува поддршката за Таравари

„Ќе се собереме во Куманово и ќе ја потврдиме поддршката за Таравари“, изјави пратеникот на АА, Халил Снопче. Опонентите на Таравари потсетуваат дека партиското собрание ќе се одржи в сабота

Што ќе се одржи вечерва во Куманово – само консултативен состанок или формална потврда од партиското собрание на поддршката за Арбен Таравари во неговата лидерска заложба Алијанса за Албанците извборно да се приклучи на опозицискиот Европски сојуз за промени.

„Во Куманово ќе одржам консултативен состанок со делегатите на Собранието на партијата“, изјавил Таравари за МИА.

Пратеникот на Алијанса за Албанците, Халил Снопче, кој му даде поддршка на Таравари во одлуката за изборен настап на АА со опозициските партии, во интервју за весникот „Лајм“ изјави дека во Куманово треба да биде потврдена политичката поддршка за актуелниот претседател Арбен Таравари. Според пратеникот, собраните над 80 потписи од делегатите на партиското собрание не биле потписи само за свикување на собранието, туку и за  повикот на Таравари  партијата да се приклучи на опозицискиот блок.

„Ќе се собереме во Куманово и ќе ја потврдиме поддршката за Таравари“, изјави Снопче.

„Таравари ја има политичката поддршка бидејќи го има апсолутното мнозинство на делегатите на Собранието на партијата  и (во Куманово – н.з.) само технички-формално ќе се верификува таа политичка поддршка што Таравари ја доби од делегатите на партиското собрание“, изјави пратеникот.

Тој смета дека најголемиот дел од делегатите ќе бидат присутни во Куманово, што значи дека ќе нема ни кворум на состанокот на партиското собрание на Алијанса кој е закажан за в сабота во Скопје, а на кое беше најавено дека ќе се бара одговорност од Таравари.

Собир и состанок

Од друга страна, опонентите на Таравари, ја информираат јавноста дека тоа што ќе се одржи вечерва во Куманово не е партиско собрание. Со цел да се спречат дезинформации, на официјалната Фејсбук-страница на партијата вчера беше објавено појаснување до партиското членство и до медиумите.

„Дел од членовите на Собранието на АА во текот на вчерашниот ден добиле порака за средба во Куманово, а потоа и за средба со претседателот на АА, Арбен Таравари. Она што сакаме да ве известиме е дека никој не треба да подлегне на дезинформации дека се одржува партиско собрание бидејќи, како што ќе заклучите од поканата, станува збор за собир и состанок. Партиското собрание, согласно Статутот на партијата, е закажано за в сабота во ресортот Буши во 13 часот“, е наведено на официјалниот Фејсбук-профил на партијата.

Во агендата на партискиот лидер Таравари,  сабота (10-ти февруари) е резервирана за друга активност. Освен вечерашниот собир во Куманово, Таравари на неговиот Фејсбук профил токму за в сабота најави собир во Гостивар, а три дена подоцна и во Тетово.

„Да се сретнеме и да кажеме благодарам и …промената почна“, порача Таравари во објавата.

Тешко да имате двојна позиција

Промената почна и кај кадри на АА во ешалоните на извршната власт. По завчерашното разрешување на двајца директори поддржувачи на Таравари, Алијанса за Албанците вчера соопшти дека одлучила да предложи нови кандидати за министри за здравство и за информатичко општество и администрација на местата на сегашните Фатмир Меџити и Азир Алиу, кои (o)станаа министри и во преодната влада, а му дадоа поддршка на Таравари.

За министер за здравство се предлага Илир Демири, актуелен директор на Клиничката болница во Тетово, а за министер за информатичко општество и администрација е предложен Наим Бајрами, магистер по политички науки.

Според правни експерти, премиерот Џафери ќе се најде во незгодна позиција, со оглед дека во ситуација на внатрешен раскол во партијата која е коалициски партнер во Владата, тој ќе треба „да проценува“ дали барањето за смена на двајца министри  го добил од овластен претставник на партијата.

„Доколку партија која членува во Влада побара нејзини членови на Влада да бидат заменети со други, тогаш нормално дека тие што се во парламент тоа ќе го предложат“, рече претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски во одговор на новинарско прашање.

„Тоа се случувало и од страна на други партии кои имале свои претставници во влада па потоа предлжувале други претставници во владата. Тоа е сепак барање на самите политички партии“, рече Ковачевски.

Првиот вицепремиер во техничката влада, Бојан Маричиќ, смета дека премиерот на техничката влада Талат Џафери ќе постапи согласно тоа што е политичка индикација.

„Прашањето за предлагање и разрешување на членови на Владата е во надлежност на премиерот, односно мандатарот. Мандатарот Талат Џафери го предложи составот на Владата, Собранието го поддржа и оттогаш сме членови на Владата, предводени од премиерот Џафери. Ќе видиме во однос на тоа што дошло од Алијанса. Претпоставувам дека премиерот на техничката влада Џафери ќе постапи согласно тоа што е политичка индикација“, изјави Маричиќ.

Тој посочи дека „Алијанса за Албанците е значаен партнер во Владата и треба да се чуе нивното мислење и нивните предлози“.

„Ако Алијанса влегла во техничката влада затоа што била дел од мнозинството и ги задржала истите места, тогаш така очекуваме и да се постапи. Доколку Алијанса или дел од Алијанса го промениле мислењето, тоа сепак зависи од внатрепартиските одлуки, ќе треба исто така да се изјаснат. Многу е тешко да имате двојна позиција во исто време“, рече првиот вицепремиер. /DW

Related posts

“Нема политички влијанија при избор или унапредување на обвинители”

admin

Кои македонски веб-страници „продаваат“ патриотизам во САД

admin

ВАРХЕЈИ – СОФИЈА И СКОПЈЕ ДА ГИ НАМАЛАТ ТЕНЗИИТЕ, ОДГОВОРНИТЕ ЗА ИНЦИДЕНТИТЕ ДА СЕ СООЧАТ СО ПРАВДАТА

ninja

СТРАНСКИТЕ ИНВЕСТИТОРИ ПОНЕЗАДОВОЛНИ ОД ЛАНИ

ninja

Емитувањето на „Русија денес“ во Босна и Херцеговина дополнително ја усложнува политичката ситуација

admin

ИНФОГРАФИК | Колку европејци живеат под кирија?

admin