4 декември, 2024
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕПУБЛИКА

„Најди ме“ како засилување на институциите – Како функционира првата страница за рано предупредување за исчезнати?

Исчезнувањето на малолетната скопјанка, Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски го актуелизираше прашањето за отсуството на организиран систем за алармирање за исчезнати лица и ги стави на тест капацитетите на македонските институции.

Откако македонската јавност ја разбрануваа информациите за исчезнувањето кои масовно се споделуваа на социјалните мрежи, и девојчето и 74-годишниот велешанец, беа пронајдени мртви.

Две недели подоцна, Македонија и официјално ја доби првата веб страница за рано предупредување за исчезнати.

Пишува: Вања Мицевска

 

Веб страницата „Најди ме“ која е достапна на македонски, албански и ромски јазик беше промовирана на крајот од 2023 – та година, на иницијатива на граѓанскиот сектор, но со поддршка на институциите.

Како функционира оваа страница, каква била соработката со надлежните, но и какво е искуството на соседните држави, одговори побаравме од Наташа Доковска, програмски директор на здружението Новинари за човекови права.

„Би кажала дека ние се формиравме во 1996 година како прва организација која имаше дневен центар за деца на улица. Уште од тогаш, нивните потреби и потребите на родителите, кај нас беа перцепирани. Некаде пред три години се роди идејата да го направиме овој превентивен систем, односно за ран систем на предупредување за исчезнати лица со акцент на деца. Целта е да влијаеме односно да помогнеме побрзо да се шири информацијата којашто ќе дојде до сите општествени чинители за да успееме што побргу да го најдеме исчезнатото дете односно лице“, вели Доковска во изјава за ММС.

Ширење на информацијата за исчезнувањето за олеснување на потрагата

За да се најдат информации за исчезнати на оваа веб страница, потребно е да биде креиран профил на лицето, откако за неговото исчезнување веќе е пријавено и во полиција. Првичната идеја била овој проект да ги опфати само исчезнатите деца, но сега се однесува на сите кои исчезнале независно од возраста.

-Ние не можеме да објавуваме информации без тие да бидат потврдени од МВР и во таа насока потпишавме меморандум за соработка. Со него сме обврзани да објавуваме само информации коишто се потврдени и за кои МВР ќе ни даде „зелено светло“ – додава Доковска.

Фото: Наташа Доковска / Приватна архива

Таа појаснува дека откако информацијата ќе пристигне кај нив, веднаш потоа ќе биде проширена до сите општествени чинители за да се олесни потрагата.

„Откако ќе биде објавена на нашата страница, информацијата ќе биде објавена и на банкоматите на Комерцијална банка, ќе стаса до сите возачи на Групацијата на такси возачи – Скопје, ќе стаса до Мрежата на ХОТАМ – здружение на угостителски објекти и хотели. Информацијата ќе стаса и до Јавното сообраќајно претпријатие кое ќе ја објави на нивните видео бимови коишто ги има ги има во дваесетина автобуси и до дел од медиумите кои се одважија и прифатија информацијата да биде објавувана и кај нив“, истакнува Доковска.

Здружението веќе е во преговори и со аеродромите во Скопје и во Охрид, но и со интернет провајдерите. Доковска вели дека веќе соработуваат и со други држави кои имаат вакви системи, а нивното искуство покажува дека на овој начин се пронаоѓаат 45 до 55 проценти од исчезнатите деца во првите шест часа од исчезнувањето.

„Ние генерално сме дел од Amber alert Europe којшто е востановен и кој се имплементира во Европа. Нивните податоци покажуваат дека преку овој систем има до 60 отсто изнаоѓање на деца коишто исчезнуваат на одреден период. Наш главен партнер е Австрија, но имаме соработка и со хрватскиот систем, со грчкиот, како и со албанскиот кој всушност сѐ уште не е започнат, но е во фаза на имплементација“, додава Доковска.

Над 70 малолетници пријавени за исчезнати во последните три години

Очекувањата се дека оваа веб страница несомнено ќе ги надополни капацитетите на домашните институции, кои се согласни дека на овој начин се прави чекор кон поголема безбедност.

„Ние работиме континуирано за воведување на овој систем и мора да се поминат сите чекори за да може да се имплементира во целост. Се разбира, презентирано е она што е досега сработено, а продолжуваме и понатаму интензивно да работиме за да биде финализирано до крај“, вели Тони Ангеловски, портпарол на МВР според чија статистика во последните три години, за исчезнати се пријавени 74 малолетници, а од нив пронајдени се 66.

Од оваа година, во потрагата по исчезнатите деца поинтензивно се вклучува и Министерството за образование и наука – најави ресорниот министер, Јетон Шаќири.

Тој информираше дека од ова полугодие, во новиот електронски дневник ќе има новини кои ќе овозможат родителите веднаш да имаат увид дали нивното дете дента стигнало во училиште и дали е внесено во е-дневникот.

„Сите поминуваат низ системот на образование, а тој игра клучна улога во раното откривање исчезнати деца. Наставниците и училишниот персонал често се првите што забележуваат кога детето е отсутно или, пак, детектираат кога тоа е во некаков ризик, кој се манифестира преку неговото однесување, изглед и слично. Од друга страна, пак, токму во училиштата и преку наставата и воннаставните активности децата се запознаваат со потенцијалните опасности што ги демнат. Така ќе биде и понатаму. Едукативните содржини поврзани со оваа тематика веројатно ќе стануваат сè позастапени“, рече Шаќири.

Тој најави поголема заложба за унапредување на безбедноста на учениците не само во рамките на училишните објекти туку и надвор од нив заедно со другите надлежни институции, како МВР, но и локалните самоуправи, самите училишта и партнерските организации.

 

Related posts

Мицкоски: Дали Бугарија ќе испорача услови и за Албанија?

admin

Конкуренција и инклузивност: Што предвидува Кластер 3 од преговарачкиот процес?

admin

НОВ СИЛЕН ЗЕМЈОТРЕС ВО ТУРСКО-СИРИСКИОТ ПОГРАНИЧЕН РЕГИОН

ninja

Мицкоски му одговори на Ахмети: Ние не играме фудбалчиња

admin

Отворен Балкан може да остане без угостители, земјоделци и градежници

admin

ЈА ГУБИ ЛИ МАКЕДОНИЈА БОРБАТА ПРОТИВ РАКОТ?

ninja