14.8 C
Скопје
3 мај, 2024
Inbox7.mk
ЕКОНОМИЈАНАСЛОВНАРЕПУБЛИКА

Дел од парите од кладилниците да завршат за заштита на македонското културно наследство

Пишува: Виктор Вукановски

Еден до два милиони евра од парите што ги врти бизнисот сo игри на среќа, да се наменат за зачувување на нашето домашно, македонско културно наследство. Вака гласи предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за игрите на среќа и за забавните игри поднесен до Собранието, кој според „Движењето за Антикоцкање“ е „обелување“ на образот на политичарите и сите што се дел од игрите на среќа. За приредувачите на игри на среќа, предлогот е прифатлив. Доколку се прифати предлогот, еден до два милиони евра годишно се наменуваат за заштита на културното наследство.

Пред пратениците кон крајот на 2023 година се најде вториот предлог закон за измена на дејноста што значајно ја бранува македонската јавност. Уредувањето на дејноста на приредување на игри на среќа веќе помина на расправа на пленарна седница на 27 декември. Со овој предлог од Владата, се прават значајни измени во дејноста, како поскапување на лиценците, ограничување на бројот на отворени места со една лиценца, ограничување на оддалеченоста на кладилниците на најмалку 500 метри од училишта и слично. Овој предлог закон помина во прво читање.

Во меѓувреме, додека овој предлог закон беше во собраниска процедура, доставен е уште една предлог – законска измена од пратениците на СДСМ, со која се предвидува дел од парите да бидат наменети во образование на дефицитарниот кадар во културата.  Целта да се создадат стручни кадри кои ќе бидат подготвени да ги спроведат сложените постапки на непосредна заштита на културното наследство, согласно највисоките меѓународни стандарди.

Културното наследство двигател на економскиот и туристичкиот развој

Според пратеничката  Лидија Тасевска, еден од пратениците – предлагачи на законската измена, на овој начин ќе биде обезбедено соодветно зачувување на културното наследство во неговата автентична и интегрална форма.

„Создавањето нов кадар за заштита на културното наследство и континуираната едукација на постојниот кадар во заштитата, нужно упатува на потребата од дополнителни финансиски средства со кои ќе се стипендираат кадри на сите три циклуси во образовниот процес. Ова е влог во човечкиот капитал и влог во чување и промоција на она што ни е дадно од минатото, односно она што мораме да го предадеме и на следните генерации“, вели Лидија Тасевска во изјава за ММС.

Предлагачите бараат јавна поддршка од сите пратеници за донесување на овие измени на законот,  затоа што, како што велат, придобивките се големи, ќе се надмине проблемот со кадровска дефицитарност на стручниот кадар во заштитата на културното наследство и ќе се унапреди неговата заштита.

Тасевска вели дека износот се определува на 50 отсто од вкупниот приход од игрите на среќа и забавните игри.

„Износот е утврден во претходната календарска година, но не помалку од 60 милиони денари и не повеќе од 120 милиони денари. Овие средства ќе бидат доволни за создадавање на стручни кадари кои ќе бидат подготвени да ги спроведат сложените постапки на непосредна заштита на културното наследсво, согласно највисоките меѓународни стандарди, но и ќе се зголеми бројот на заштитени културни добра, ќе се унапреди заштитата, управувањето и одржливото користење на културното наследство и ќе се придонесе кон зачувување на културното наследство“ истакнува Тасевска.

Гласот на граѓаните пред интересот на моќниците

За „Движењето за антикоцкање“ имплементација на овој закон, е всушност  „обелување“ на образот на сите што се дел од игрите на среќа, пред се’ чинителите од позицијата и опозицијата. Меѓутоа, потсетуваат на првиот предлог Закон од Владата, за што даваат целосна поддршка, според кој, се предвидува 500 метри оддалеченост надвор од градските средини и основните училишта.

„Го поддржуваме законот со европско знаменце, бидејќи веќе седум години се бориме за еден закон во интерес на граѓаните, бидејќи игрите на среќа повеќе предизвикуваат несреќа меѓу семејствата отколку било каков нивен бенефит. Се бориме и за доброто на младите, бидејќи животот во вакво општество ги прави зависни, им создаваат „порок“ поради кој го уништуваат својот живот уште пред да почне да се развива во вистинска и квалитетна насока. Сепак, ваквиот предлог-закон за пренамена на парите од даноците сметаме дека во дадени моменти ќе ги направи приредувачите на игри на среќа на некој начин и општествено одговорни субјекти, кои во очите на јавноста ќе изгледа дека придонесуваат кон подобро утре во општеството, а не дека емитуваат негативни последици кои всушност се вистинската реалност. Со ваквиот закон ќе се „исперат“ од одговорност и чинителите од македонската политичка сцена“, велат од „Движењето за Антикоцкање“.

Преку даноци до развој на културното наследство

Од Асоцијацијата на спортски обложувалници во изјава за ММС потенцираат дека ваквиот предлог е добредојден за целата држава, особено ако се има в предвид дека на овој начин ќе се вложи во развој на домашното културно наследство.

„Оваа прераспределба е замислена во рамки на постоечките даноци кои се прибираат од приредувачите на игри на среќа, а доколку истата има за цел да помогне во развој на одредена дејност за која државата смета дека е од општ заеднички интерес на сите граѓани, за нас е и повеќе од прифатлива“, велат од АСОМ.

Оттаму потсетуваат дека придобивките на државата од даноците на приредувачите на игри на среќа се големи, особено ако се знае дека на годишно ниво во државниот буџет се инкасираат над 280 милиони денари.

„Историски гледано, постоењето на игрите на среќа во организирана легална форма има за цел да придонесе во собирање на даноци кои државата ќе ги користи за своите непродуктивни трошења. Во различни историски периоди намената на овие средства се менувала, но во денешното современо општество овие средства се користат за помош на најранливите категории во општеството, како и за развој на одредени дејности кои се од општ интерес за сите граѓани. Токму вака е предвидено и во нашето законско решение кое не се разликува од светските трендови во оваа дејност.

За државата по 1 милион евра месечно од лиценци

Индустријата на игри на среќа е сериозна стопанска дејност од која во државниот буџет по сите основи од работењето на годишно ниво се прибираат повеќе од 280 милиони денари, а пак од нејзината работа индиректно зависат повеќе од 54.000 вработени.

Државата месечно инкасира по над 1 милион евра за лиценци за автомати и маси за коцкање, од издадените лиценци за 996 автомати за игри на среќа и 29 електронски рулети во автомат-клубовите и уште 1390 дозволи за автомати и 7 електронски рулети во казината.

Од друга страна, компаниите за игри на среќа според податоците од платформата БизнисМрежа.мк во 2021 година оствариле добивки кои поединечо по компанија се движат од 78.000 евра до 15,7 милиони евра. Најголема добивка остварила Државна видеолотарија – Касинос Аустриа ДОО Скопје од  15,7 милиони евра.

Согласно актуелното законско решение, дел од овие средства од данокот од игри на среќа се распределуваат на националните инвалидски организации, нивните здруженија и нивната асоцијација, на здруженија на граѓани за борба против семејното насилство и за Црвениот крст. Понатаму, средствата се користат и за финансирање на спортот, спортските федерации и клубови преку Агенцијата за млади и спорт, а се издвојуваат средства и за Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот во Македонија.

 

Related posts

„Бум“ на економијата на ЕУ, продолжува нагорниот тренд на раст (инфографик)

admin

Грција ги легализира истополовните бракови

admin

Османи: Ако има државно вмешување во случувањата на северно Косово, С.Македонија ќе го преиспита своето учество во Отворен Балкан

admin

ИНФОГРАФИКА/ КОЈА ОД ЗЕМЈИТЕ НА РЕГИОНОТ ИМА ПОГОЛЕМ ЈАВЕН ДОЛГ?

ninja

Пред да патувате дознајте во кои земји на ЕУ има најефтина облека, храна и престој

admin

ЕУ загриженa за безбедноста – пет карипски држави продале 88.000 „златни пасоши“

admin