30.8 C
Скопје
26 јули, 2024
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕПУБЛИКА

Првиот претседател беше избран од Собранието

Одржувањето на парламентарните заедно со претседателски избори се гледа како една од причините зошто има голем број кандидати, анализира РСЕ.

Од најголемите партии во македонскиот политички блок – СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, извесни се кандидатурите на актуелниот шеф на државата Стево Пендаровски и на пратеничката Гордана Силјановска-Давкова. Имињата се познати и во албанскиот кампус – ДУИ ќе трча со шефот на дипломатијата Бујар Османи, а опозициската коалиција Европски сојуз за промени со актуелниот градоначалник на Гостивар Арбен Таравари.

Левица ја промовираше професорката од Филозофскиот факултет во Скопје Билјана Ванковска, кандидатура најави и градоначалникот на Карпош и претседател на партијата ГРОМ Стевчо Јакимовски, а како независен планира да се кандидира и докторот Вело Марковски.

Актуелниот градоначалник на Куманово Максим Димитриевски, кој ја формираше партијата ЗНАМ – За наша Македонија, исто така, влегува во трката.

Утре (23 февруари) се очекува Бошњачкиот демократски сојуз официјално да ја промовира и граѓанската активистка Мерсиха Смаиловиќ за своја кандидатка.

Оваа листа од девет претенденти може да се прошири со уште неколку кандидати. Еден од нив може да дојде од партијата Нова Алтернатива која неодамна ја презеде градоначалничката на Скопје Данела Арсовска, а одлука дали ќе истрча со свој кандидат допрва треба да донесе и крилото на Зијадин Села во Алијанса за Албанците.

Фактот што вториот круг на претседателските избори ќе се одржи заедно со парламентарните, како и можноста за промоција на партијата се меѓу причините зошто граѓаните ќе имаат толку широка понуда за иден шеф на државата, сметаат политичките аналитичари и поранешни претседателски кандидати Имер Селмани и Тито Петковски.

Досега, граѓаните шест пати со излегување на гласачко место бираа претседател на државата. Првиот мандат на поранешниот претседател Киро Глигоров од 1991 година беше врз основа на избор од Собранието.

На првите непосредни избори во 1994, кандидати беа Киро Глигоров од Сојуз за Македонија и Љубиша Георгиевски од ВМРО-ДПМНЕ.

Во 1999, пак, на гласачкото ливче во првиот круг се најдоа: Тито Петковски (СДСМ), Борис Трајковски (ВМРО-ДПМНЕ), Васил Топурковски (Демократска алтернатива), Муарем Неџипи (ДПА), Стојан Андов (ЛДП) и Мухамед Халили (ПДП). Во вториот круг Трајковски победи во соочувањето со Петковски.

Четири имиња, пак, се најдоа во првиот круг на изборите во 2004: Бранко Црвенковски (СДСМ), Сашко Кедев (ВМРО-ДПМНЕ), Гзим Острени (ДУИ), Зуди Џелили (ДПА). По победата над Кедев во вториот круг, Црвенковски стана нов шеф на државата.

Во 2009 година имаше најмногу – седум кандидати: Ѓорѓе Иванов (ВМРО-ДПМНЕ), Љубомир Фрчкоски (СДСМ), Имер Селмани (Нова Демократија), Љубе Бошковски (независен), Агрон Буџаку (ДУИ), Нано Ружин (ЛДП) и Мируше Хоџа (ДПА). Тогаш, Иванов го победи Фрчковски во вториот круг.

Тој освои и втор претседателски мандат во 2014 кога во вториот круг се соочи со актуелниот шеф на државата и извесен кандидат на СДСМ за нов мандат Стево Пендаровски. Во првиот круг, покрај нив, на гласачкото ливче се најдоа и Зоран Поповски (ГРОМ) и Илјаз Халими (ДПА).

На претходните претседателски избори во 2019 кога Пендаровски и Силјановска-Давкова беа во трката, во првиот круг кандидат беше и Блерим Река (Алијанса за Албанците и Беса).

Related posts

ПРОСЕЧНО СЕМЕЈСТВО СО ПОТПРОСЕЧЕН ЖИВОТ

ninja

Незири за бугарската БНТ: Уставните измени ќе поминат, опозицијата нема да ги блокира

admin

Нови законски измени за распуштање на Судскиот совет, преседан за злоупотреба од секоја идна власт

admin

“Пратениците добро да размислат дали ќе гласаат за Европа или за изолација”, Ковачевски оптимист за уставните измени

admin

Свесноста – најважна алка во заштита на приватноста и на личните податоци

admin

Распишувањето на изборите ќе го „отклучи“ Избирачкиот список

admin