6.8 C
Скопје
4 март, 2024
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕПУБЛИКА

Предизборно ќе се решава проблемот со автобуси меѓу градовите

Од 2015 година до сега, двојно се намалил бројот на превезени патници со автобус на меѓуградски релации. Нема автобуски линии што со години е проблем за граѓаните од внатрешноста. Пред крај на мандатот пратеници поднесоа законски измени на само еден член со кој се враќа јавниот автобуски превоз.

Измена на само еден член од закон ќе го отвори патот за изнаоѓање решение за немањето јавен автобуски превоз од една општина до друга – проблем со кој дел од градовите, пред се во источниот дел на државата, се соочуваат изминатите години, некои речиси и една деценија.

Иако повеќе години некои градови се отсечени со немањето автобуси, пратениците кон промени на регулативата посегнаа пред крајот на мандатот односно неколку недели пред избори. Во собраниска процедура од минатата недела влезе измена на член од Законот за превоз во патниот сообраќај.

Во моментов, жител на Делчево, на пример, ако не е возач или нема сопствен автомобил, а треба да стигне до Скопје мора да одвои околу шест илјади денари за такси во двата правци, доколку нема други патници за да го сподели трошокот. Од Македонска Каменица до соседната општина Кочани која е на 30-тина километри оддалеченост, пак, превоз со такси чини 700-800 денари.

Такси, сопствено возило, одење со некој познаник или барање превоз по групи, кои во меѓувреме никнаа по социјалните мрежи, се опциите што граѓаните од овој крај ги имаат со години. Потребите кои ги имаат за патување се најчесто за лекарски прегледи, но и вадење документи, посета на блиски роднини…

„До Скопје на преглед мора да одиш со такси. Ми се има случено кога поради гужва не можам да завршам на време, таксистот да не ме чека. Среќа децата се таму, па имам каде да останам. Добро е што такси те носи до Клиника и од таму те зема, но лошо е што за враќање може и да не стигнеш на време. Порано кога имаше автобуски линии беше полесно зошто знаеш ако не стигнеш за еден, до вечерта имаш барем уште еден-два автобуси“, вели Тони С., жител на Македонска Каменица.

Најзасегнати се возрасните кои не може да возат, а имаат честа потреба од лекарски прегледи.

„Од градот луѓето не може да се движат во Кочани, Штип … Конкретно за болниците сакам да кажам. Тоа е многу скапо за пензионерите бидејќи мора да одиш со такси“, се пожали пензионерот Ванчо Ангелов од Делчево кога екипата на РСЕ го посети овој град на истокот на државата пред околу два месеци.

Измена само на дефиницијата за меѓуопштински превоз

Измените на Законот за превоз во патниот сообраќај кои би овозможиле воведување автобуски линии за првпат на собраниска седница се најдоа на 7 февруари, една недела пред распишување на изборите што треба да се одржат на 8 мај.

Предложена е измена на само еден член односно на дефиницијата за меѓуопштински линиски превоз на патници. Досегашната регулатива, како што објаснуваат и 16-те пратеници предлагачи на измените, предвидуваше дека е обврзувачки почетната и крајната станица да биде општина во која има категоризирана автобуска станица. Со измените, ваквиот услов ќе се избрише, па превозници ќе може да аплицираат и да добијат дозвола за меѓуопштински линии без притоа во градот да има категоризирана автобуска станица.

Делчево и Македонска Каменица се само дел од општините каде нема категоризирана автобуска станица. Како што е наведено во образложението на предлог-законот тука се и Виница, Берово, Демир Капија, Крушево, Пробиштип, Кратово, Пехчево, Македонски Брод, Ресен, Ростуше, Дојран, Центар Жупа и др.

„Од овие општини не можат заинтересирани превозници кои поседуваат лиценца за вршење на меѓуопштински линиски превоз на патници да аплицираат за нов возен ред кон Град Скопје или кон која било друга општина“, рече пратеничката на СДСМ Соња Михаиловска на собраниската седница кога објаснуваше зошто се поднесени предлог-измените.

Покрај неа, на официјалниот предлог се потпишаа уште 15 други пратеници на социјалдемократите и нивните коалициски партнери, а потребата да се направат овие измени во скратена постапка при гласањето ја поддржаа и пратеници од ВМРО-ДПМНЕ. Вкупно 77 гласаа „за“ и немаше ниту еден против или воздржан.

Во разговор со РСЕ, Михаиловска, која доаѓа од Делчево, вели дека до неа реагирале и граѓани зошто немаат ниту една автобуска линија до Скопје. На нашето прашање зошто од порано не се иницирале вакви измени ако е во прашање само еден член од законот, таа посочува дека подолг период е ангажирана за овој проблем. Вели дека имала и пратеничко прашање до Министерството за транспорт и врски, по кое следувало и автентично толкување на законот за да се увиди како може да се направат усогласувања за да се донесат измените.

„Одамна ја покренав мојата иницијатива за тоа – разговори со министерот, активности со превозници дали може да земат други автобуски линии, па да се поминува преку Делчево. Значи долго време, од почеток на мојот мандат сум во активно учество за решавање на овој проблем“, вели Михаиловска за РСЕ.

Предлог-измените на Законот за превоз во патниот сообраќај наредниот период треба да ги поминат филтрите на собраниската Комисија за транспорт, врски и екологија и на Законодавно-правната комисија и потоа да бидат изгласани на пленарна седница. Михаиловска очекува дека тоа ќе се случи навреме, за на конкурсот што треба да се распише во мај да може да аплицираат превозниците што се лиценцирани.

Интерес кај превозниците има

Кај дел од лиценцираните превозници, пак, интерес има за што сведочат и тие и дел од општините со кои разговаравме. На пример, во Општина Делчево барем во изминатиов период велат дека интерес пројавиле две фирми, но немањето категоризирана автобуска станица им било пречка.

Една од нив е фирмата „Тони 501“ која постои веќе три години и оттаму сакаат да аплицираат за линија до општините од соседството, како Македонска Каменица и Кочани. Елена Јанева од оваа компанија посочува дека во моментов за да имаат линија треба практично и да ја купат и отворат автобуската станица, што за нив како фирма е неисплатливо.

„Ако се реши проблемот би аплицирале за линија до соседните општини зошто луѓето имаат потреба да патуваат за да завршат некоја работа. До Скопје не ни е исплатливо зошто луѓето се навикнаа и се организираат со такси или превоз со други граѓани кои одат во ист правец и го носат до местото каде треба да отидат“, вели Јанева.

Во Берово, пак, има автобуси, но не е како некогаш кога оттаму до Скопје имало и по пет-шест линии. Порано, имало автобуси и до Западна Македонија, но сега ги нема. Долгогодишниот превозник од Берово, Јован Матеничарски од превозникот „Мат-транс“ кој е и претседател на Здружението на превозници „Траснпорт Легис“, иако посочува дека граѓаните се навикнати веќе да патуваат со такси, но тргањето на законскиот услов за категоризирана автобуска станица како почетна и крајна станица очекува дека ќе поттикне превозници да аплицираат за нови линии до други општини.

Меѓутоа, во Берово, посочува тој, постои и проблем што се уште на хартија постојат регистрирани линии од пропаднати превозници, па нема простор да се воведат нови до Скопје бидејќи правилата предвидуваат на релација од околу 120 километри да може да има автобус на секој еден час.

На другиот крај од државата, во Ресен кој во предлог-измените е наведен како уште еден град каде нема категоризирана автобуска станица, исто така, редуцирани се автобуските линии.

„Повеќето млади имаат автомобили, а оние кои немаат се прилагодија и бараат превоз преку групи. Не знам сега кој од нив би се возел со автобус. Иако не е како некогаш, се уште има линии кои транзитираат низ градот. Но, на пример, на моите родители кои се повозрасни и живеат таму ќе им биде од корист ако имаат повеќе линии кога имаат потреба да отидат до Битола или Охрид, а немаат кој да ги однесе“, вели ресенчанецот Никола П.

„Сузбивање на нелегалниот превоз“

Тоа што во меѓувреме граѓаните во недостаток на јавен превоз наоѓаа алтернативен превоз создаде простор низ годините бизнис да развијат и нелегални превозници што го констатираат и самите пратеници.

Граѓаните, наведуваат пратениците во објаснувањето на предлог-измените, се принудени да користат превоз со нелегални превозници „кои наплаќаат многу поскапа цена на билет за патување од реалната пазарна цела на билет за патување“.

„Тоа што нема јавен превоз во овие општини, само го стимулира незаконскиот превоз односно ’дивиот превоз на патници‘ во форма на ’диви таксисти‘, кои не плаќаат никаков данок на државата и сериозно ја загрозуваат безбедноста во патниот сообраќај“, пишува во документите за предлог-законот што се наоѓа во Собранието.

За трендот на опаѓање на превезени патници со автобус говорат и податоците на Државниот завод за статистика. Во 2015 година, на пример, бројот на превезени патници со автобус во меѓуградски превоз изнесувал 7 244. До 2022 бројот се намалил за повеќе од половина и изнесувал 3 036. За минатата година се уште не се достапни податоците за последното тримесечје, а во првите девет месеци со автобус биле превезени 2 449 патници. /RSE

Related posts

Протест во Тетово: одговорност и правда мора да има

admin

БОРИСОВ – ГЛЕДАМ ОБИД ЗА ВРАЌАЊЕ НА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА ПОД РУСКО ВЛИЈАНИЕ

ninja

БАЈДЕН ОД КИЕВ НАЈАВИ ДОПОЛНИТЕЛНИ 500 МИЛИОНИ ДОЛАРИ ПОМОШ ЗА УКРАИНА

ninja

БУЏЕТ ЗА ОДРЖУВАЊЕ НА ЕКОНОМСКИОТ РАСТ ЗА ВРЕМЕ НА КРИЗА И ЗАБРЗУВАЊЕ НА СРЕДЕН РОК

admin

ЕУ со над 1 милион лица со нелегален престој, се заоструваат мерките за влез во Унијата

admin

КДП ДОЗНАВА: МЕТЛА ВО ДУИ, СМЕНА НА РАКОВОДСТВОТО ВО 11 ОГРАНОЦИ

ninja