22.8 C
Скопје
28 април, 2024
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕПУБЛИКАХРОНИКА

Нарко-кланови се прегрупираат, партиите се обвинуваат

ОЈО Скопје ја проверува евентуална поврзаност на убиството во Блаце и пожарот во угостителски објект во Чаир. Одговорноста околу расчистувањето на случајот ги раскара и партиите

Дали по јануарската полициска акција е блиску финишот во разбивањето на криминалните групи во Скопје, (како што пред еден месец изјави Оливер Спасовски), или тие само уште побрзо се регрупираат и вешто се адаптираат на новите состојби на теренот?

Прашањето се наметна по вчерашниот случај, кога по 18 часот во близина на локалниот пат од Долно кон Горно Блаце, Н.Т. го пронашол неговиот брат З.Т. (56) без знаци на живот, со прострелни рани од огнено оружје. Наводно, З.Т. бил убиен додека работел на нива.

Иницијалите ништо не значат, доколку не се знае дека убиениот З.Т. бил татко на Гани Туша (Марку), лице кое е осомничено за минатогодишното убиство на Орхан Бајрами – Оки во грчкото приморско гратче Ханиоти. Орхан Бајрами беше посочуван како неформален водач на нарко-кланот „Дуќанџик“, а убиството – како пресметка меѓу ривалски групи. Гани Туша е осомничен и за вмешаност во убиството на Јетон Кривањева – Жила и Енис Исени Љаци во угостителски објект во Старата скопска чаршија во март минатата година, исто така како чин на борбата за превласт врз пазарот со наркотици на тeриторијата на Скопје. Тој е во притвор, а го посочуваат како припадник на групата Барон, во која доминираат повратници од боиштата на Блискиот Исток, кои се обидуваат да земат дел од колачот на нарко пазарот.

Угостителскиот објект „Шиша Бар“ во Старата скопска чаршија беше сцена на двојно убиство во март 2023 година
Угостителскиот објект „Шиша Бар“ во Старата скопска чаршија беше сцена на двојно убиство во март 2023 година Фотографија: P. Stojanovski/DW

Кој е виновен?

Случајно или не, пред убиството на таткото на Гани Туша, вчераутро имало пожар во кафулето „Барон” во Чаир. Поради фактот што такво е и името на групата чиј припадник е Гани Туша, се истражува можна поврзаност меѓу опожарувањето и убиството во Блаце. Јавен обвинител од ОЈО Скопје извршил увид на местото каде било пронајдено телото на убиениот, подигнатите траги ќе бидат предмет на вештачење, а издадена е и наредба за обдукција. Во однос на пожарот во угостителскиот објект, обезбедени се снимки од видео надзорот. „Според првичните сознанија, пожарот е подметнат. Се постапува за откривање на сторителите и за проверка на евентуална поврзаност на двата настани“, соопшти ОЈО Скопје.

Случајот стана предмет и за меѓупартиска пресметка. ВМРО-ДПМНЕ и Тошковски немаат капацитет да расчистат случајот, обвини СДСМ во партиско соопштение.

„Убиство и запалено кафуле во Скопје само за неколку часа. Министерот и началникот на СВР Скопје, кадри на Мицкоски и ДПМНЕ покажуваат голема некадарност во водењето на МВР. Најважното, безбедносна на граѓаните се загрозува со тоа. Го очекуваме денеска Ковачки да излезе пред МВР и да побара одговорност од Тошковски, а од ДПМНЕ – да излезе во јавноста со обвинување за него дека ја направил Македонија како Колумбија во 90-тите“, се вели во соопштението на СДСМ.

Панче Тошковски, актуелен министер за внатрешни работи
Панче Тошковски, актуелен министер за внатрешни работиФотографија: Petr Stojanovski

Срамно е СДС го обвинува Тошковски, убиството вчера е продолжение на нарко пресметка на клановите кои почнаа во времето кога Спасовски беше министер за внатрешни работи, одговорија од ВМРО-ДПМНЕ.

„Таквата сила на тие кланови доаѓа поради фактот што Спасовски, Заев и Ковачевски го ставија МВР на услуга на криминалците, а со помош на нарко клановите ДУИ и СДС добиваше гласови на неколку последователни изборни циклуси. Застреланиот го нашол братот полицаец чие име се спомнува во структурата на фирмата која продава јаглен на ЕСМ и РЕК Битола. А, јавна тајна е дека ЕСМ и РЕК се златните рудници каде црпи пари врвот на СДС и ДУИ“, се наведува во соопштението.

Брзо прегрупирање

Ривалитетот во скопско почнува од 2010 година со првата поделба во некогаш монолитни групи, и почнува да ја полни „црната хроника“ со инциденти, убиства и фрлени бомби меѓу меѓу поделените кланови, запалени возила, одмазди… Со мали и краткотрајни затишја, пресметките се заострија од 2013 година и траат до денес. Грчец, Дуќанџик, Беланоца, Кондово, Барон, се само дел од имињата на групите кои се спомнуваат во контекст на поделбата на и контролата врз нарко пазарот. Некои од нив во периоди кога останувале без водство, привремено стапувале во синергија со други.

Според соговорници упатени во битката со овие групи, она што ги одликува е „брзо прегрупирање и прилагодување на промените настанати по полициски акции кои им ја разбиле структурата или по ривалски пресметки и убиства на нивни водачи, како и брзото наоѓање нови заштитници во институциите”.

Продолжува борбата на криминалните групи за превласт врз пазарот со наркотици на тeриторијата на Скопје.
Продолжува борбата на криминалните групи за превласт врз пазарот со наркотици на тeриторијата на Скопје. Фотографија: Ralf Hirschberger/dpa/picture alliance

Инволвирани во многу институции

За такви врски на криминалните групи со институциите говореше и министерот Оливер Спасовски пред еден месец, веднаш по големата јануарска акција на МВР во скопско Грчец. Тогаш со докази обезбедени преку соработка со Европол и групата Лимит (истражен тим од земјите членки, Франција, Белгија и Холандија), 16 лица се сомничеа за неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, убиства и обиди за убиства.

Спасовски изјави дека „тоа е можеби една од најзначајните истраги, со која се финишира кон целосно разбивање на криминалните групи кои делувале повеќе од 30 години на територијата на Град Скопје“.

На новинарско прашање дали постојат сознанија за лица кои оддавале податоци за истрагите што претходно се одвиваа за оваа група, Спасовски рече дека има многу податоци.

„Има веќе многу податоци и утврдивме лица од институции на државата коишто ги пренесувале податоците, односно биле соработници на криминалните активности и ова е почеток на чистење на тие криминални структури во институциите на системот, а јакнење на довербата кај граѓаните. Ќе бидете сведоци во наредниот период за нови активности, некогаш ќе бидете и зачудени од имињата, меѓутоа правдата мора да го стигне секој. Сигурно дека ќе ги откриеме кога ќе дојде момент за таа работа“, рече Спасовски.

Тој наведе дека има инволвирани во многу институции – во МВР, агенции, министерства, судови и јавни обвинителства.

„Има инволвирани многу, затоа реков – можеби ќе се зачудите во наредниот период, меѓутоа тоа еднаш мора да излезе. И мора да се покаже кои се тие кои во одреден момент самите викаа ‘држте го крадецот’, а во суштина биле истите“, рече Спасовски.

Доскорешниот министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски (втор од лево)
Доскорешниот министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски (втор од лево) Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Како што е познато, поранешната шефица на ОЈО ГОКК, Вилма Русковска, во март 2021 година се поажали дека тогашната акција „Планина“ спроведена во Грчец  била пробиена и токму поради тоа инспекторите не успеале таму да пронајдат поголема количина дрога.

Од надлежните засега нема одговор дали има конкретни резултати резултати во детектирањето на врските меѓу припадници на криминалните групи и лица во институциите. /DW

Related posts

Џафери кажува колку ќе трае собраниската седница за уставните измени

admin

Талат Џафери од 28 јануари ќе биде технички премиер

admin

Предложен новиот амбасадор на ЕУ во Скопје: Заминува Гир, доаѓа Рокас

admin

Милошоски: Резолуцијата на Бундестагот е добра, е резултат на реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ

admin

ИСЛАМ АБАЗИ ЌЕ ЈА НАСЛЕДИ ВИЛМА РУСКОВСКА ВО ОБВИНИТЕЛСТВОТО

ninja

ЕКСТРА ДАНОКОТ ЗА ЕДНИ СПАС ОД КРИЗАТА, ЗА ДРУГИ ГЛАВОБОЛКА

ninja