8 мај, 2024
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕПУБЛИКА

Пинг-понг со измените на Законот за рестриктивни мерки

Откако Владата ги повлекла од Собрание предлог-измените на Законот за рестриктивни мерки, чија цел е македонски државјани од т.н. црни листи на стратегиските партнери да се процесираат и дома, остануваат многу нејаснотии

 

Многу најаснотии останаа откако Владата ги повлекла од Собрание предлог-измените на Законот за рестриктивни мерки, чија цел е македонските државјани од т.н. црни листи на стратегиските партнери на РСМ  да се процесираат и дома.

Иако Министерство за правда дало негативно мислење за предложените измени на 26-ти декември 2023 година, а тие беа остро критикувани и од претставници на правната фела, сепак Владата на 26-ти јануари соопшти дека пречистениот текст на Предлогот на закон за изменување и дополнување на  Законот за рестриктивни мерки  е доставен до Собранието.

„На 221-та владина седница одржана на 16 јануари 2024 година, Владата на РСМ, со консензус, едногласно, изрази политичка волја до Собранието на РСМ да поднесе Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за рестриктивни мерки, кој ќе биде усогласен со македонското законодавство“, беше наведено во тогашното соопштение.

На таа седница била донесена одлука МНР како предлагач да го усогласи текстот на предлогот со Кабинетот на вицепремиерката задолжена за политики на добро владеење, со министерствата за правда, финансии, информатичко општество и администрација, со Секретаријатот за законодавство и другите надлежни институции. По усогласувањето со сите институции, предлогот бил доставен до Собранието.

Драфт или официјален предлог?

По ваквата информација, од Министерството за правда за медиуми потврдија дека не се откажале од негативното мислење за предлог- законот, по што остана нејасно како бил изграден „консензусот“ кој Владата го потенцираше во соопштението.

Сегашното повлекување на предлогот од Собранието, од Владата го образложуваат со административни причини.

„Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за рестриктивни мерки, поради изборот на новата влада, административно оди на ново одобрување на наредната владина седница и ќе биде доставен до Собранието на Република Северна Македонија“, навеле од Владата.

Пред да биде избран за премиер на преодната влада, Талат Џафери во интервју за поткастот „Политиканти“ рече дека таков предлог до Собранието стигнал како драфт.

„Даден е како драфт а не како официјален документ, и мојот став се совпаѓа со ставот на експертската фела. Искрено, не сум за таква варијанта да се вметне како законско решение, затоа што не може да биде дел од правниот систем. Тоа е слово на Уставот. Се знае како меѓународни акти стануваат дел од правниот систем. Тој треба да е билатерален, мултилатерален договор, врз принципи на меѓународно право, и истиот треба да се ратификува двострано или мултилатерално, па со тоа да стане дел од правниот поредок“, рече Џафери.

Меѓународна правна помош

Иако бројката на назначени македонски државјани на американските листи за санкции почна да расте, ниту еден правосуден орган или институција досега не се заинтересираа, ниту се обратија до соодветните институции во САД за да побараат споделување на доказите поради кои тие лица се ставени на црната листа.

Министерството за правда, кое во допис до Владата дало негативно мислење за предложените измени, со образложение дека истите се во спротивност со Европската конвенција за човекови права, со Уставот, со принципот на владеење на правото и правната држава, наведува дека таа проблематика би можела соодветно да се реши со примена на постојниот Закон за меѓународна соработка во кривична материја. Со тој закон е утврдена меѓународна правна помош меѓу РСМ со други држави, во однос на доставување списи, посмени докази и предмети што се во врска со кривичната постапка. Со тоа, доколку одреденa држава има докази или сознанија за одредени кривични дела за наши државјани, може истите преку каналите на меѓународна сорботка во кривичната материја да ги достави до надлежните домашни органи и обратно.

Агелер: Го поздравуваме секој напор

Амбасадорката на САД во РСМ, Анџела Агелер, во вечерашното интервју за ТВ 24, во контекст на предложеното  законско решение за рестриктивни мерки,  рече дека го поздравуваат секој напор, секој закон и секоја активност со која  се бара отчетност кај луѓето.

„Ако таму се луѓето кои  ние ги прозиваме за корупција,  искрено ја поздравуваме иницијативата за раководството, судството, обвинителите и чуварите на законот и редот да ги имаат и нив  предвид. Затоа што од луѓето треба да се бара одговорност. Ние немаме претставници на законот овде, ниту тоа би било соодветно. Мислам дека врз основа на она што го слушнав од луѓето ширум земјата и тие го поздравуваат ова. Како и да е, донесување на закон сам по себе, нема да смени ништо. Мора да го спроведете тој закон. Откако ќе биде донесен, се надевам дека потоа ќе реагира судскиот сектор, дека обвинителите ќе го направат она што им е работа и ќе испитаат, дека и тие ќе најдат докази за злоупотреба, како што најдовме и ние“, рече Агелер.

Амбасадорката не знае дали ќе има и  нови имиња на црната листа  до изборите.

„Не знам дали ќе има нови имиња пред 9-ти мај. Но, постојат шанси да има. Можам да кажам дека  голем број на имиња се разгледуваат  и дека проценките се прават“, изјави Агелер.

Беса: Паднаа маските

На повлекувањето на предложените измени на Законот за рестриктивни мерки од страна на Владата, вчера реагираше опозициската Беса.

„Талат Џафери го повлече законот со кој треба да се казнат сите оние функционери и бизнисмени на владата на СДСМ – ДУИ, кои САД ги ставија на црната листа поради нивната вмешаност во финансиски криминал, главно со злоупотреба на позициите и се збогатија на грбот граѓаните. Многу бргу на ДУИ им паднаа маските. На виделина е фактот дека техничкиот премиер Талат Џафери решил технички да ги спаси криминалците потврдени и од САД. Тоа докажува и еден факт, дека Талат Џафери е секогаш таму каде што мора да се брани ДУИ и нејзиниот криминал“, се наведува во соопштението. / DW

Related posts

Во Северна Македонија се одржуваат претседателски и парламентарни избори

admin

Руски дипломат протеран од ЕУ во чистка на шпиони сега е набљудувач на ОБСЕ на изборите во Србија

admin

ЕУ ЈА ИСПОРАЧА ВЕТЕНАТА ПОМОШ – 80 МИЛИОНИ ЕВРА СЕ ДОСТАПНИ ЗА ДРЖАВАТА

ninja

Телефонски разговор Ковачевски – Денков: Потребен е конструктивен пристап

admin

Власта со Буџетот ветува повисоки плати, синдикатите гледаат кратење

admin

Ирска, Данска и Луксембург со најголема куповна моќ, Романија, Бугарија и полска со најмала

admin