Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека вооружениот конфликт во Македонија во 2001 година не може да се смета за „разумен и праведен“, реагирајќи на ставот на првиот вицепремиер Изет Меџити, кој борбата на Ослободителната војска на Косово (ОВК) во Косово, Прешево и Македонија ја опиша како „чиста“.
„Не може некој кој од заседа и кукавички одземал животи да биде дел од праведна војна, барем не во Македонија,“ рече Мицкоски во изјава за медиумите. Тој истакна дека убивањето на припадници на МВР и Министерството за одбрана во тој период не може да се оправда и нагласи дека темите од 2001 година се затворени со Охридскиот рамковен договор. „Апелирам до сите политичари да не играат на картата на ДУИ и на оние кои сакаат да нѐ вратат 25 години назад,“ додаде тој.
Реакцијата доаѓа по изјавата на Меџити, кој е прв вицепремиер и кандидат за градоначалник на претстојните избори во октомври, дека војната во Косово, Прешево и Северна македонија била праведна и чиста. Иако не присуствуваше на протестот оддржан во приштина на 7-ми август, Меџити објави на „Фејсбук“ дека „целосно и без резерва ја поддржува“ акцијата. Тој рече дека не сакал да ја „злоупотреби големата кауза за тесни кампањски интереси“ и ја опиша борбата на ОВК во Косово, Прешево и Македонија како „праведна, оправдана и чиста“ – за државност, еднаквост и заштита на албанскиот идентитет.
„Косово денес има консолидиран суверенитет, институции кои функционираат на целата територија и интеграција во меѓународните организации,“ напиша Меџити, додавајќи дека сегашното политичко раководство не прави „пазар со територијата, компромис со судот или трговија со државната сопственост“.
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, присуствуваше на протестот и во своето обраќање до демонстрантите рече дека ОВК се придржувала кон меѓународните закони за војување, никогаш не таргетирала цивили и дека нејзината единствена цел била ослободување на Косово. „Косово ја доби својата победа и независност благодарение на оваа борба, која донесе стабилност и просперитет во регионот,“ рече тој, додавајќи дека поранешните команданти „несправедливо се држат во Хаг“.
Протестот во Приштина, на кој присуствуваа илјадници граѓани, беше поддржан и од косовските лидери Мемли Красниќи (ПДК), Рамуш Харадинај (ААК) и Фатмир Лимај (НИСМА), како и од албанскиот премиер Еди Рама и претседателката на парламентот Елиса Спиропали, кои ја критикуваа работата на Специјализираните совети во Хаг.
Специјализираните совети беа формирани со поддршка на Европската унија за процесирање на наводни злосторства извршени од ОВК за време и по конфликтот во 1998–1999 година. Обвинетите, меѓу кои и поранешниот косовски претседател Хашим Тачи, се изјаснија за невини. Поддржувачите велат дека судот неправедно ги таргетира поранешните борци, додека организации за жртви и човекови права повикуваат на почитување на судската независност.

