8.8 C
Скопје
24 април, 2024
Inbox7.mk
ВЕСТИЕКОНОМИЈАРЕПУБЛИКА

Зелениот картон не е пред укинување, но дали ќе поевтини?

Над 21 милион евра платиле македонските граѓани за зелен картон за осигурување на возилата при патување во странство. Додека со години се заговара намалување на цената преку спојување со домашното автоосигурување, проверивме дали навистина наскоро ќе се случи очекуваната реформа на осигурителниот систем. Тоа што го дознавме, не ветува многу.

„Зелениот картон пред укинување“ – е само еден од надежните наслови што изминатиот период осамнуваа низ македонските медиуми. Надежите се подгреваат повеќе од една година, откога беше објавено дека комисија ја разгледува опцијата за спојување на домашното осигурување со авто осигурувањето во странство, што всушност е зелениот картон. Тоа практично значи дека кога ќе се регистрира возилото се добива единствен документ со кој ќе може да се патува и во странство. Меѓутоа, прашањето е дали спојувањето ќе значи поевтинување што го бараат граѓаните? Другиот аспект, според првичните проекции е дали на сите сопственици на возила им одговара спојувањето, бидејќи не сите патуваат во странство.

Едно или две осигурувања?

Зелениот картон е задолжително осигурување од автомобилска одговорност во странство. Тоа е начин да се покријат евентуалните штети што можат да настанат во меѓународниот сообраќај, и да се покријат исто како што се прават во сопствената држава. Тоа е осигурување кое служи за обештетување на трети лица доколку се случи сообраќајна незгода или несреќа во странство. Специфика на зелениот картон е тоа што во некои земји нема утврдена максимална сума за човечки жртви во сообраќајна несреќа. Во таков случај осигурителната компанија што ја издала зелената карта ќе исплати износ без ограничување.

Споредбите што се прават со другите држави, пред се’ земјите од Европската унија е што во едно се споени двата видови на осигурување – домашното и тоа при излегување во странство. Односно кога се регистрира колата во еден износ се пресметуваат двата вида на осигурување. Оваа пракса е усвоена и во соседните земји – Србија, Босна и Херцеговина и Албанија.

Во Германија на пример, без осигурување од одговорност за автомобил, што е единствена ставка,  не е дозволено да се управува моторно возило на јавни патишта и е задолжително. Осигурувањето се докажува  со електронска потврда за осигурување (eVB). Всушност, секаде во земјите од ЕУ се применува електронската потврда и се планира единствен електронски систем на гранично управување со внесување на податоците за осигурените возила. Кај нас, се’ уште доказот за осигурување е во хартиена форма, специјално изработен формулар, што исто така се плаќа.

Наместо поевтинување како што бараат граѓаните – формирана е комисија

Во Македонија од крајот на 2022 година беше формирана комисија за подготовка на анализа за оправданоста на спојувањето на двете осигурување (домашното и тоа за во странство) од автоодговорност. Беше најавено дека тие анализи ќе траат неколку месеци, но и по една година нема информација што е епилогот од работата на оваа комисија.

Од Министерството за финансии, кое ги одобрува цените на осигурувањето, на прашањата на Канал 77 одговорија дека се’ уште се прават анализи.

-Од страна на Агенцијата за супервизија на осигурувањето, Министерството за финансии и осигурителниот сектор се иницирани постапки и се прават анализи за воведување на единствена премија за осигурување на возилата во земјата, што пак со актуелното законско решение во земјата е предвидено да се воведе во моментот кога РС Македонија ќе стане полноправна членка на ЕУ.  Либерализацијата е процес за кој е потребна соодветна подготовка на пазарот, а се со цел од неговото спроведување да се почувствуваат позитивните влијанија, одговорија од Министерството.

Тоа практично значи дека засега нема ништо од најавата за укинување на зелениот картон, ниту од барањето за негово поевтинување. Одолговлекувањето Министерството за финансии во одговорот го објаснува со тоа дека треба да се најде најсоодветниот модел на единствена премија за осигурување на возилата кој ќе биде применлив кај нас.

-Искуствата во земјите од регионот каде е воведен единствена премија за осигурување на возилата се различни и затоа е многу важно да се направи тоа низ инклузивен процес и дискусија на сите засегнати страни, објаснуваат од Министерството.

За и против единствена премија

Воведување на единствената премија на осигурување би значела дека осигурувањето во странство би го платиле и би го имале и старите возила, возилата на пензионери кои никогаш не патуваат надвор од државата, што според првичните анализи може да наиде на отпор, брифираат од комисијата.

Граѓаните кои плаќаат и по сто евра за зелен картон, со години реагираат, па дури беа потпишувани петиции за укинување на зелениот картон. Во една од иницијативите се бараше ако веќе не се укинува зелениот картон, барем да се направи осигурувањето да не се врзува со датумот на регистрација, туку да важи од датумот на купување. Но, и тоа не е во разгледување.

Осигурителните компании пак, кои сите заедно добиле 21 милион евра само од зелен картон, имаат поинакво гледање на работите. На оваа сума наплатена за осигурување, го спротивставуваат износот од околу 15 милиони евра што го исплаќаат секоја година за штети. Проценката е дека само за сообраќајната несреќа на македонскиот автобус во Бугарија, се исплатени штети на семејствата од околу две милиони евра, додека по завршувањето на сите побарувања, тој износ би можел да изнесува и до 5 до 6 милиони евра.

Агенцијата за супервизија во осигурувањето неодамна соопшти дека сопствениците на возила во 2023 година вложиле 87 милиони евра во осигурување од автомобилска одговорност. Во вкупните вложувања, зелениот картон учествува со 21 милиони евра. Во текот на 2023 година сите 11 осигурителни компании издале 260.815 зелени картони – осигурување неопходно за возење во странство. Бројот на издадени зелени карти лани е зголемен за речиси 20.000 односно 8 отсто повеќе од 2022 година. Осигурениците во зелени карти во 2023 година вложиле 1,3 милијарди денари или 21,16 милиони евра.

В.К.

Related posts

ДАЛИ НА ЗАПАДОТ МУ СНЕМА МУНИЦИЈА?

ninja

Пендаровски стави параф на законите за коридорите, Груби ја поздрави одлуката

admin

БУГАРИЈА НА ПАТ КОН ПРЕТСЕДАТЕЛСКИ СИСТЕМ?

ninja

Г7 бара продолжување и проширување на договорот за извоз на украинско жито

admin

Извинувањето е доблест, но ретко се слуша

admin

КАКО НА ДРИСЛА Ѝ БИЛО ДОЗВОЛЕНО ДА ИЗГОРИ ИЛЈАДНИЦИ КИЛОГРАМИ ОПАСЕН ОТПАД?

ninja