24.8 C
Скопје
15 октомври, 2024
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕПУБЛИКА

Се олеснува пристапот до работа во Македонија, Србија и Албанија: Што ќе значи новата мерка за македонските работници, а што за газдите?

Македонските работници, но и оние од Србија и од Албанија веќе може да ја користат мерката слободен пристап до пазарот на труд во рамките на Отворен Балкан.

Со меѓународните договори што ги потпишаа трите држави, работниците електронски ќе може да аплицираат за одобрение за работа, без да им требаат дополнителни процедури или дозволи. Надлежните се пофалија дека „исходот“ од ова ќе биде економски просперитет, но познавачите апелираат дека мерката е меч со две острици.

Пишува: Вања Мицевска

Што ќе донесе оваа нова мерка за нашите работници, дали и каков бенефит ќе имаат македонските компании – разговараме со  Зоран Кочоски, сопственик на агенцијата „Коузон“ за посредство при работа во странство.

Парлалено надвор од оваа мерка, Хрватска, но и Црна Гора и понатаму остануваат атрактивни за нашите работници иако хаосот со новите пасоши веќе се одразува врз вадењето работни дозволи за таму.

„Мерката е само можност, но во пракса тешко ќе биде применлива за граѓаните, освен за компаниите кои имаат работни договори во некои од соседните држави па да можат лесно да ги мигрираат своите вработени. Такви компании од Македонија има малку, поточно во Македонија повеќе доаѓаат регионални компании од Албанија и од Србија да изведуваат работни активности отколку што македонски компании учествуваат на пазарите на трудот во Србија или во Албанија. Чисто се сомневам дека бројката од Македонија ќе биде голема. Можеби добар дел од популацијата која живее во западна Македонија ќе се обиде летово да биде вработена на албанското приморје, а и веќе има најави дека би заминале или би мигрирале околу 1000 до 1500 млади“, вели Кочоски.

Според него, кога станува збор за индивидуалните барања за работа, од Албанија кон Македонија нема да има никаква миграција.

Македонија со помалку атрактивни работни места и помал бенефит од новата мерка

За жал, вели тој, Македонија не е привлечна држава по основ на можностите за работа, но сепак има српски компании кои отвораат работни места кај нас.

„Мислам дека многу поголем би бил бројот на лицата кои од Србија би го регулирале статусот на престој и работа во Македонија со новата мерка, отколку од Македонија во Србија. Колкав ќе биде бројот на Македонци кои ќе се одлеат и ќе бараат одредени работни ангажмани во Србија, за жал тоа во моментот никој од нас не може да го предвиди бидејќи понудите за работа во Србија се сведуваат на плати кои се блиску до платите во Македонија. Оттука, не верувам дека би имало некои посериозни заминувања освен миграцијата која би настанала по основ на одредени работни проекти кои се поврзани со учество на наши компании на српскиот пазар. Најчесто тоа се градежни компании компании од областа на трговијата“, објаснува нашиот соговорник.

Тој оценува дека бенефитот кој би го имала Македонија ќе биде помал од оној на Србија, поточно на тамошниот бизнис сектор.

„Лично ценам дека Македонија нема да има никаков бенефит. Кажав, можно е Србија да има делумно одреден бенефит од самата мерка, а најмногу интерес ќе имаат компаниите кои ќе понудат поевтина работна сила во одредени проекти кои ќе се изведуваат во Македонија. Тоа значи дека ако некоја од соседните држави (Албанија или Србија) која има полиберална пракса за увозна работна сила од странство, донесе работници од далечниот Исток, а потоа со таа работна сила конкурира на пазарот на трудот во Македонија за одредени проекти, сигурно дека нивната понуда би била далеку подобра отколку понудата која би ја имале македонските компании“, смета Кочоски.

Ваквите негови оценки се должат на зголемениот стандард на плати во земјава.

И покрај мерката за слободен пазар, Кочоски посочува дека Македонија има премногу бирократизирана постапка за увоз на работна сила, а тоа треба да се промени час поскоро.

„За разлика од нас, соседните држави го имаат либерализирано пазарот на трудот, со што увозот на работна сила е десеткратно поефикасен и побрз. Јас кажав дека доколку се отворат пазарите на трудот како што се отвораат со дадената мерка, странските компании ќе можат регуларно да вработат лица во тие држави кои претпоставуваме дека ќе бидат од странство. Потоа ќе може да конкурираат на македонската берза на трудот со поевтина работна сила. Затоа што ако македонскиот стандард на плати во моментот рапидно се зголемува, странските држави бараат странска работна сила особено од Далечниот Исток особено од Африка, чии работници се спремни да работат со пониски плати, а да понудат поголема ефикасност“, вели Кочоски.

Тој укажува дека законската регулатива во земјава треба да претрпи измени бидејќи како што оценува, денес е полесно да добиете шенген работна виза за лица од третиот свет, отколку влезна виза за престој и работа во Македонија.

Иако домашната легислатива не го регулира престојот на странци во земјава по основ на вработување, новата мерка во рамките на Отворен Балкан сепак ќе им овозможи на граѓаните на Србија и Албанија едноставен пристап до нашиот пазар на труд.

Во меѓувреме, нашите работници ќе може да ја користат истата погодност во однос на двете соседни држави.

Какви се чекорите ако сакате да аплицирате за Одобрение за слободен пристап до пазарот на трудот во соседните земји?

Од Владата информираа дека ова ќе овозможи слободно движење на луѓето и во писмено соопштение ја образложија постапката која ќе се одвива целосно електронски, а ќе трае до 30 дена.

Заинтересираните граѓани за слободен пристап до пазарите на труд на Северна Македонија, Албанија и Србија најпрво треба да извадат Идентификациски број на Отворен Балкан на порталот за е-услуги во својата држава, со што потоа аплицираат за Одобрение за слободен пристап до пазарот на трудот во останатите две држави – соопштија од Владата.

Граѓаните можат да ја користат оваа погодност на следниот начин: Прво треба да се најавата на порталот uslugi.gov.mk и да поднесат барање за издавање Идентификациски број за Отворен Балкан (OB ID), кое веднаш се генерира, следен чекор е со тој број да аплицираат за Сертификат за слободен пристап до пазарот на труд во Србија https://euprava.gov.rs/ или во Албанија https://e-albania.al/.

Oдговорни институции за спроведување на мерката во Северна Македонија се Министерството за информатичко општество и администрација преку порталот uslugi.gov.mk во делот на издавање Идентификациски број за Отворен Балкан, Министерството за внатрешни работи во делот на издавање матичен број за странци и центрите на Агенцијата за вработување во делот за издавање сертификат за слободен пристап до пазарот на труд, со кој се овозможува вработување во Република Северна Македонија.

Очекувањата на надлежните се дека договорите кои ги потпишаа ќе ги зголемат инвестициите на Западен Балкан, а лицата кои ќе добијат Идентификациски број ќе имаат непречен престој од две години, период во кој ќе имаат право да најдат работа.

Хаосот со пасошите го искомплицира заминувањето на работа во Хрватска

Додека надлежните во Македонија се „фалат“ дека нашите граѓани сега ќе имаат полесен пристап до можностите за работа во Србија и Албанија, сериозен број на работници од овде планираат да заминат за Хрватска. Нивното мигрирање за сезонска работа, сепак сега е искомплицирано од хаосот со вадењето пасоши – вели во изјавата за ММС, сопственикот на агенцијата Коузон, Кочоски.

Тој ги доловува и последиците кои веќе се чувствуваат:

„Мислам дека ќе има задоцнување на некоја бројка која сигурно е над 1000 до 2000 лица кои планирале да заминат да работат сезонски во одредена држава, а кои ќе останат принудени во Македонија до добивањето на новиот пасош. Ако своевремено во Хрватска за македонските граѓани, добивањето на статусот со работна дозвола траеше во просек од четири до шест недели, оваа сезона трае и до три месеци. Така што, ако некој не извадил навреме пасош и не аплицирал за сезонска работна дозвола за Хрватска во периодот декември-февруари и чека да аплицира по добивањето на пасошот, пример во март или април, тешко дека ќе стигне навреме да ја отвори сезоната и да работи шест месеци во Хрватска“.

А што е тоа што оваа држава ја прави привлечна за работниците? Кочоски вели дека токму таа и консумира најголема работна сила од сите балкански држави.

Фото: Илустрација / Pexels

„Скоро и да не постои друга балканска држава која може да конкурира на бројноста на понудите за работа во Хрватска.  Тоа се должи на силната туристичка индустрија во Хрватска и отвореноста на хрватскиот пазар за прием на работна сила од Македонија. Имајте предвид дека за ова лето Хрватска најави потреба за вработување на околу 150 илјади странци. Ако земете дека една Србија има побарувачка на околу 55 илјади, Албанија околу 35 илјади странци, Црна Гора има ограничени можности за вработување странска работна сила помеѓу осум и 12 илјади. Грција и натаму е на ниско ниво за потреба на странска работна сила на отворениот пазар, тие имаат потреба од околу 40 илјади работници, така што ако ги пресметаме сите овие бројки нашиот регион надминува понуда која е околу 300 до 350 илјади лица“, додава Кочоски.

Каде ќе одат Македонците зависи најмногу од тоа што знаат и што сакаат да работат. Според досегашната пракса, и ова лето нашите работници најмногу ќе заминуваат за Хрватска.

„Претпоставките се дека ќе биде помеѓу 10 и 14 илјади Македонци кои ќе мигрираат времено да работат во Хрватска. Добра бројка сигурно ќе има натаму и во Црна Гора. Бројката таму вообичаено се движи меѓу 1500 и 2000 Македонци“, вели Кочоски.

Тој заклучува дека од споменатата бројка на Македонци кои би мигрирале кон Хрватска, добар дел би останале и по завршување на сезоната. Кочоски сепак смета дека таа бројка нема да биде поголема од две до три илјади лица кои би биле ангажирани во градежниот, или пак во секторот на услужна дејност.

 

Related posts

Груби – Гарсија: Шпанија го поддржува европскиот пат на Северна Македонија

ninja

Претставник на Стејт департментот поднесе оставка политиката на Бајден за војната меѓу Израел и Газа

admin

Тензиите на Црвеното Море погубни за глобалната економија

admin

Кој ќе го наследи Димитар Ковачевски во СДСМ?

admin

Видео од Украина се користи за да се прикаже употреба на фосфорни бомби во Газа, во „игра“ и видео од игри

admin

Спречена блокада на сите полетувања и слетувања на скопскиот и охридскиот аеродром

admin