8.8 C
Скопје
24 април, 2024
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕПУБЛИКА

Собранието ги врати државните кампањи во медиумите

Медиумските здруженија кои укажуваа на штетните ефекти од враќањето на владините кампањи во медиумите, ја алармираа ЕУ и бараат од претседателот Стево Пендаровски да не го потпишува законот.

Непосредно пред завршувањето на нивниот мандат, пратениците на власта и опозицијата во Собранието здружено го вратија државното рекламирање во медиумите. Собранието по скратена постапка во средата (28.02) ги усвои измените на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги со кои се предвидува повторно воведување на државно рекламирање во земјата.

Владините кампањи во медиумите беа укинати во 2017 година, како предизборно ветување на СДСМ. Седум години подоцна,  она што некогаш беше критикувано како „груевистички принцип“ за корумпирање на медиуми се враќа во законот.

Медиумските здруженија се незадоволни што ја изгубија битката која што ја водеа со години наназад за да го спречат враќањето на владините реклами од времето на порашениот премиер Никола Груевски. Тие сметаат дека воведувањето на државното рекламирање во приватните медиуми значи враќање на клиентелистичките и коруптивни практики од минатото, со исклучително штетни последици за независноста на медиумите и пошироко за слободата на изразување. Претседателот на ССНМ, Павле Беловски за ДВ вели дека веќе ја известиле делегацијата на ЕУ во земјата, како и претседателот Стево Пендаровски, за носењето спо скратена постапка, на законот кој се оценува како штетен.

Клучот е кај Пендаровски

„Клучот е сега кај претседателот Пендаровски. Очекуваме тој да го врати законот во редовна постапка, а не да помине и овој со употреба на европското знаменце, како што беше случајот и со други закони изминатиов период, како на пример законот за игри на среќа“, вели Беловски.

Предлог-законот зад кој стои потписот на поранешниот министер за информатичко општество, Азир Алиу, како што се наведува во образложението за неговото носење, има цел да „обезбеди транспарентен, независен, ефикасен и отчетен јавен радиодифузен сервис и транспарентно, независно, ефикасно и отчетно регулаторно тело во областа на аудио и аудиовизуелните медиумски услуги“. Од таа причина се јавува потребата на уредување на кампањите на државно и на локално ниво, изборот на нивното идејно решение како и спроведување и финансирање на истите. Исто така се јавува потреба од дорегулирање на одребите кои се однесуваат на операторите кои реемитуваат програмски сервиси, се наведува во законското решение.

Најмалку една државна кампања годишно

Со него се предвидува Владата во текот на една година да спроведе најмалку една државна кампања на државно ниво. Во државна кампања не се дозволени теми поврзани со политички и дипломатски активности, теми кои ги промовираат услугите или политиките на органите на државната или локалната власт, ниту теми поврзани со партиски активности, а при спроведувањето на државната кампања не смее да се користат имиња на политички партии, партиски слогани, симболи или ознаки, да се упатува на активностите на политичките партии, на нивните веб страници, публикации и други материјали и да се промовираат членовите на Владата или претставниците на другите органи на државната управа и на единиците на локалната самоуправа.

Македонија Стево Пендаровски
Ќе ги потпише ли Пендаровски измените во законот за медиуми Фотографија: Präsidentenbüro Nordmazedonien

Професионалните новинарски здруженија и граѓанските организации од медиумскиот сектор не отстапуваат од позицијата дека се против повторното воведување на праксата на трошење јавни пари во приватните медиуми, што во минатото се покажа како погубна за независната уредувачка политика на овие медиуми, за независното новинарство и за состојбата на медиумскиот пазар.

Тие се против законски решенија кои го фаворизираат само интересот на дел од приватниот медиумски сектор и ја занемаруваат критичката улога на новинарството во демократијата и јавниот интерес на сите граѓани.

Непочитување на европските стандарди

Овие законски решенија, според медиумските здруженија, се спротивни на стандардите на Европската комисија, а особено на новата предлог – Регулатива за слободата на медиумите во која е јасно наведено дека европскиот пазар се нарушува со нетранспарентната и неправична распределба на јавни средства за државно огласување, особено кога тие средства преференцијално се доделуваат на водечки национални медиуми или се користат за тајно фаворизирање или субвенционирање на медиуми кои пренесуваат ставови блиски на актуелната власт. Бидејќи сметаат дека законското решение е донесено на нетранспарентен начин без експертска поддршк, надежите се дека претседателот Стево Пендаровски нема да даде зелено светло за овој закон и ќе го врати по редовна постапка. /DW

Related posts

Секое второ дете во Македонија е математички „неписмено“

admin

Кои министерства и општини трошат струја прекумерно?

ninja

Ништо од декемврискиот самит на ЕУ: Пендаровски песимист

admin

НАТО и регионот: Наместо тензии, потребен е мир и дијалог

admin

НИНИСТО- ТУРЦИЈА ДОНЕСЕ ОДЛУКА ЗА ЧЛЕНСТВОТО НА ФИНСКА ВО НАТО

ninja

СДСМ, ДУИ и Алијанса на три ума за една предизборна листа

admin