Со недонесувањето на новиот Изборен законик не пропаднале само околу четири милиони евра европски средства, туку е зачуван системот преку кој најголемите политички партии ќе поделат околу 10 милиони евра од државниот буџет за платено политичко рекламирање, соопшти во четвртокот опозициската Левица.
Партијата ги обвини владејачката ВМРО-ДПМНЕ и опозициската СДСМ дека со неуспехот на преговорите фактички си обезбедиле продолжување на моделот што им дава најголем дел од јавните средства за медиумско претставување во изборните кампањи.
„Не пропаднаа четири милиони евра. ДПМНЕ и СДСМ си обезбедија 10 милиони евра за политичка пропаганда“, се наведува во соопштението на Левица.
Изборниот законик беше дел од реформските обврски на Северна Македонија кон Европската унија, но партиите не постигнаа договор во предвидениот рок. Несогласувањата се однесуваа на бројот на изборни единици, финансирањето на кампањите и начинот на гласање на дијаспората.
Левица соопшти дека во текот на четиримесечната работа на работната група се залагала за воведување една изборна единица и за укинување на платеното политичко рекламирање финансирано од државата.
Според партијата, овие две промени би ја намалиле предноста на најголемите партии и би им овозможиле поправедна политичка конкуренција на помалите учесници на изборите.
Левица тврди дека ВМРО-ДПМНЕ во завршната фаза од разговорите го поставила гласањето на дијаспората како главен услов за усвојување на законот, иако тоа прашање, според партијата, не било централна тема во претходните месеци работа.
Владејачката партија бараше на иселениците да им се олесни гласањето електронски или по пошта. Опозициските партии предупредуваа дека таквите модели мора да имаат јасни механизми за проверка, безбедност и надзор.
Левица соопшти дека понудила компромис според кој гласањето по пошта би се тестирало само на претседателските избори, доколку ВМРО-ДПМНЕ го прифати воведувањето една изборна единица.
Според партијата, власта не го прифатила тој предлог.
ВМРО-ДПМНЕ претходно тврдеше дека е подготвена да прифати текст усогласен меѓу опозициските партии, под услов во него да биде вклучено поедноставено гласање на дијаспората.
Левица соопшти и дека ги повикала сите опозициски партии на заедничка средба за усогласување на позициите, но дека СДСМ не присуствувала.
СДСМ претходно изјави дека нема обврска да преговара одделно со другите опозициски партии и дека власта е одговорна да обезбеди широк политички консензус за изборните правила.
Неуспехот на партиите да постигнат договор значи дека на сила останува постојниот Изборен законик, според кој земјата е поделена на шест изборни единици.
Останува и моделот на платено политичко рекламирање, при кој средствата од државниот буџет се распределуваат според законски утврдени квоти и најголем дел завршува кај партиите со најголема парламентарна застапеност.
Левица оценува дека токму овој систем создава нерамноправна изборна трка и ја зацврстува позицијата на најголемите политички партии.
Партијата најави дека и по истекот на реформскиот рок ќе продолжи да бара една изборна единица и укинување на буџетското финансирање на политичките реклами.
„Истекувањето на рокот не значи дека реформите повеќе не можат да се спроведат“, соопшти Левица.

