23.8 C
Скопје
1 мај, 2024
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕПУБЛИКА

Уставни измени, стратешки инвестиции и пакет реформи во наследство на новото Собрание

Вкупно 130 закони и одлуки останале недонесени од пратениците во овој парламентарен состав. Ноите пратеници ќе работат по нов Деловник, а како наследство од претходниот состав ќе добијат незавршени задачи односно ќе треба да донесат стратешки одлуки за државата и нејзините реформи.

Градоначалниците Рамиз Мерко и Стевчо Јакимовски, како и поранешните функционери Кочо Анѓушев, Сашо Мијалков, Никола Груевски, Катица Јанева, Љубе Бошковски и Мендух Тачи се само дел од функционерите кои беа ставени на американската „црна листа“ на санкции поради корупција. Тие засега нема да бидат дополнително казнети по македонските закони, затоа што пратениците од овој парламентарен состав не ги разгледале измените на законот за рестриктивни меркикои ги предложи министерот за надворешни работи Бујар Османи. Со законските измени се предвидуваше проширување на македонската листа на санкционирани со лица кои се веќе ставени на американската, европската и британската „црна листа“.

Потребата од измени на законот со кој се проширува македонската црна листа беше ефективно спроведување на рестриктивните мерки во однос на црната листа на санкции на Соединетите Држави со која се посочуваат актерите за дестабилизирачко и коруптивно однесување низ Западниот Балкан.

Но, измените на овој закон, не се единствени кои во наследство ќе треба да го добијат новите пратеници по спроведувањето на парламентарните избори закажани за 8 мај годинава.

Уставни измени

Еден од клучните фактори во преговорите за владејачкото мнозинство ќе биде и донесувањето на уставните измени со кои Бугарите и пет други етнички малцинства треба да станат дел од македонскиот Устав. Измените на Преамбулата се услов со кој ќе се овозможи продолжување на преговорите со Европската Унија.

Албанскиот политички блок во земјава, како клучен услов за коалицирање со македонски партнер во Владата по изборите го наметнува донесување на уставните измени веднаш по конститутивната седница во Собранието која ќе треба да се одржи најдоцна до 29 мај.

Процесот за уставните измени во Собранието беше започнат на 18 август минатата година, но тогашниот собраниски спикер Талат Џафери ја прекина седницата затоа што вледејачката коалиција на СДСМ и ДУИ не успеа да го обезбеди двотретинското мнозинство неопходно за отворање на Уставот.

„Никој нема да може да формира Влада без да обезбеди европски пат за државата. Еве хипотетички, никој нема да може да формира Влада ако во наредните три месеци од таа Влада не обезбеди уставни измени. И тоа не е никаква закана како што може повторно некој да рече, туку такви се околностите геополитички. Еве, ова се снима, го потпишувам дека тоа така ќе биде“, изјави неодамна актуелниот министер за надворешни работи Бујар Османи од ДУИ.

Енергетика

Новиот пратенички состав ќе треба да одлучува и за стратешките инвестиции во енергетиката за кои Владата преговараше повеќе од две години, но до Собранието ги достави кон крајот на мандатот.

Администрација

Една од најголемите реформи која се подготвуваше со години се однесува на администрацијата и на обидот да се спречи партиското вработување во јавниот сектор. Пакетот од пет закони за администрацијата, остана заглавен во собранието со месеци. Овој пакет закони кој го изготви Министерството за информатичко општество стана „жртва“ на политичката пресметка меѓу Алијанса за Албанците и владејачкото мнозинство по одлуката на лидерот Арбен Таравари да се кандидира за претседател.

Пакетот закони го изработуваше Министерството за информатичко општество од 2017 година и со нив се предвидуваше реформирање на принципот на вработување и унапредување во јавниот сектор по мерит систем, со што требаше да се реши една од најчестите критики од Европската Комисија за партиски вработувања и да придонесе за професионална и деполитизирана администрација.

Донесувањето на Законот за висока раководна служба според најавите на властите, требаше да донесе стандарди за професионализација на високата раководна служба и чекор кон решавање на долгогодишен проблем со назначувањето на директори и раководители во земјава.

Еден од членовите во предлог законите е и забрана за вработување на раководни места преку Агенција за привремени вработувања, принцип со кој честопати се заобиколуваа законите и на раководни позиции се вработуваа „партиски војници“.

„Затоа инсистиравме во законот да биде оневозможено еден службеник или директор, министер да вработува на тој начин и затоа дадовме преодна одредба да биде забрането таков тип вработување. Јас веќе имав средба годинава со сите агенции кои се занимаваат со тој тип бизнис, да размислат да најдат нов начин или да се адаптираат на новиот начин врз основа на законите кои постојат“, изјави за РСЕ поранешниот министер за информатичко општество Азир Алиу.

Сајбер напади

Централизираната борба против сајбер нападите ќе биде уште една тема за која ќе треба да расправа новиот пратенички состав, затоа што предлогот на актуелната влада за формирање на Агенција за дигитализација остана заглавен во собраниските фиоки. Агенцијата за дигитализација, според властите требаше да биде одговорна за заштита на сите институции во Северна Македонија од потенцијални сајбер напади.

Охрид – Унеско

Незаштитено останува охридското културно наследство за кое Владата минатото лето донесе итни мерки со кои требаше да бидат спроведени препораките на УНЕСКО. Уривање на дивоградбите и ограничување на градбите во старото градско јадро на Охрид беа само дел од задолженијата што им ги даде Владата на надлежните институции по препораките на УНЕСКО.

Но, спроведувањето на тие задолженија зависеше од предлог измените на законите за прогласување на Старото градско јадро на Охрид и Охридското езеро за културно наследство од особено значење кои останаа во собраниските фиоки.

„Во Законот се содржани одредби со кои е утврден специфичен режим на заштита на Старото градско јадро на Охрид и на неговата контактна зона, чија цел е да спречат дејства, појави и влијанија со кои се врши или може да настане оштетување, уништување, неповратно видоизменување или деградирање на споменичната целина, односно негативно се влијание на автентичноста и интегритетот на целината“, е напишано во предлог измените на законот кој остана заглавен во собраниските фиоки.

Здравство, бесправни објекти…

Меѓу постарите предлог-закони кои од поодамна „фаќаат прашина“ во собраниските фиоки е и тој за проектот за нов Универзитетски клинички центар, кој беше поднесен пред три години, од претходната влада предводена од Зоран Заев.

Недонесен остана и законот кој предизвика многу контроверзии во јавноста, а тоа е предлог-законот за регулирање на статус на бесправно изградени објекти со кој требаше да се легализираат дивоградбите изградени до 1 јануари 2021 година.

Од точките на дневен ред кои останаа неразгледани од актуелниот собраниски состав се и измените на Законот за посебните права на припадниците на безбедносните сили и на нивните семејства. Со него требаше да се обештетат десетина воени инвалиди како и петнаесетина семејства на загинатите припадници на безбедносните сили.

Обештетување на бранителите, за потсетување, беше и причината Стојанче Ангелов со неговата партија Достоинство неодамна да излезе од коалицијата со СДСМ.

Иако како предлози се најдоа на собраниските седници, пратениците во заминување не успеаја да го прогласат и кањонот Матка за споменик на природата, а Студенчишко Блато за парк на природата.

Како неразгледани точни во собраниските архиви останаа и повеќе годишни извештаи за работата на неколку институции, како на пример на Судскиот совет, Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер, Комисијата за спречување и заштита од Дискриминација, Агенцијата за цивилно воздухопловство, Агенцијата за електронски комуникации…

Дел од овие годишни извештаи се однесуваат дури за 2020 година.

Новитет за идниот пратенички состав во Собранието ќе биде и новиот Деловник кој актуелниот состав го изгласа во дијалогот „Жан Моне“ кој траеше неколку години.

Со новиот Деловник ќе се ограничи траењето на конститутивната седница на само три дена, со што ќе се избегне одолговлекување на процедурата на предавање на власта по изборите. Конститутивната седница ќе треба да се одржи најдоцна до 29 мај, 21 ден по одржувањето на парламентарните избори. Од 4 април кога и официјално стартува изборната кампања, пратениците нема да одржуваат седници се до 12 мај кога се очекува на седница да биде инаугуриран новиот претседател на државата.

Извор: Радио Слободна Европа 

Related posts

Долгогодишниот советник на Меркел се соочува со критики поради коментарите за Израел и Хамас

admin

Албанската опозиција со жена кандидат за претседател

admin

Зеленски разочаран од НАТО, се среќава со Бајден

admin

Пендаровски и Мицкоски во кавга за рејтинзите и изборите

admin

На Германија ѝ фалат голем број информатичари и техничари

admin

Мицкоски: Треба да се знае дека не одлучува Ахмети дали ДУИ ќе ја напушти владата

admin