16.8 C
Скопје
23 мај, 2024
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕПУБЛИКА

Билјана Ванковска: Против сите договори

Портрет Билјана Ванковска, претседателски кандидат на Левица: Договорот со Бугарија, Охридскиот и Преспанскиот ги смета за „бермудски триаголник“ за земјата.

Пред десет години не успеа да собере потписи како независен кандидат, но од примерот на нејзината колешка Гордана Силјановска-Давкова ја научила лекцијата дека тоа е полесно со партиска поддршка. Не е член на Левица, а со партијата што ја поддржа нејзината кандидатура ја поврзувале две нишки – патриотизам, преплетен со левата идеологија. Билјана Ванковска (64), професорка на Филозофскиот факултет на УКИМ не е непозната за македонската јавност. Зад себе има богата научно-истражувачка работа, активизам во иницијативи и во домашни и странски организации на цивилното општество, како и голем број колумни во домашни и странски медиуми, кои сведочат дека не премолчела ниту една важна тема во општество.

Професорката и мајка на три возрасни ќерки никогаш не била на политичка или јавна функција. Овојпат реши да излезе од мирната зона на академска работа и да се појави на претседателскиот мегдан. И, како што пратениците на Левица објаснуваа со какви прашања „ќе го реметат парламентот однатре“, во сличен стил Ванковска ветува субверзивност кон општиот мејнстрим за темите за кои е постигнат национален консензус, како на пример, членството во НАТО.  Професорката на Мировни студии никогаш не го криела своето анти-НАТО позиционирање. Смета дека НАТО придонел за небезбедноста во светот и дека не е „доброто момче“ ни глобално, ни во регионот. Во дебата со шесте ривали ќе го тестира вештачкиот наратив дека „нема друга алтернатива“, кој таа го смета за догма.

Уверена е дека „НАТО е сила на западниот империјализам“ и дека „ЕУ е променета, не е таа што била“… Родена во време на Движењето на неврзаните, смета дека тоа е добра политика и се залага за пријателство и мирољубива коегзистенција. Ако стане претседателка, односно врховен командант, ќе ја прекине помошта за Украина. „Зошто даваме помош за продолжување на една војна во која досега загинаа половина милион луѓе?“, прашува во јавни настапи.

Се залага за силна дипломатија и прекин на огнот и во Украина и во Газа. Нејзините ставови се одразуваат и на нејзиниот аутфит. Честопати е нагрната со кефија – шамија симбол на палестинскиот отпор. Откако Бујар Османи од сите противкандидати само неа и Стевчо Јакимовски не ги покани на ифтар, луцидно искоментира дека „останала сама со кефијата околу неа“. Гоштевањето на ифтар во време кога деца умираат од глад во Газа го оцени како непристојно и нечовечно.

Потсетува дека според Уставот претседателот има овластување да покрене постапка за излегување од меѓународна организација, како што е НАТО, а бидејќи одлука за тоа носи Собранието, таа би се залагала да се создаде клима за разговор на таа тема. Под слоганот „Го враќаме достоинството на нацијата“, се залага да се раскине Договорот со Бугарија, кој заедно со Охридскиот и Преспанскиот ги смета за „бермудски триаголник“ за земјата. Македонија ја гледа во мултивекторска отвореност кон сите што сакаат да ѝ бидат пријатели, а не тутори и да ја третираат како колонија.

„Имам визија за Македонија како независна држава и алка во мултиполарниот свет во кој што белите мугри се раѓаат на исток”, порачува Ванковска. Вели дека нејзината заложба како човек, интелектуалец, професор и политичар е идентична: земјата не треба да фаќа страна, бидејќи за една мала држава алтернатива е неутралноста. /DW

Related posts

Европа во криза за вода, ресурсите стануваат се поретки

admin

Вашингтон најави санкции откако Путин ги призна отцепените региони на Украина

ninja

Украина ја нападна Русија, погодени згради во Москва

admin

Четири нови дестинации на Визер од Скопје

admin

АХМЕТИ: СЕ ДЕБАТИРАШЕ ЗА СИТЕ ТЕМИ, ПРИОРИТЕТ УСТАВНИТЕ ИЗМЕНИ

ninja

Шолц и Макрон ќе одржат тајна вечера во Париз пред посетата на Кси

admin