16.8 C
Скопје
23 мај, 2024
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕПУБЛИКА

Претседателски кандидати – кој колку троши на социјалните мрежи?

За платената изборна кампања на сите претседателски кандидати на социјалните мрежи потрошени се најмалку 10 илјади евра, покажуваат приближно пресметките на РСЕ од 4-ти април до 09 април. Најмногу потрошил Пендаровски, а по него во име на промоција на Силјановска се Мицковски и Николовски. Додека традиционалните медиуми мерат секунди, политичките пораки на „ѕидот“ на Фејсбук, Инстаграм и Тик Ток се „сива зона од рекламниот колач“.

 

Ако го пиете утринското кафе со телефонот во рака, прва работа што ќе ја видите се како претседателските кандидати купуваат бурек, со полни кеси зеленчук во рацете на пазар разговараат со продавачите, како се шетаат низ чаршија, се поздравуваат со граѓаните или пак држат говор на некој митинг, а со фотографии се обидуваат да прикажат помасовна поддршка од членството.

Социјалните мрежи се полни со кратки видеа со политички пораки искажани од седуммината претседателски кандидати. Дел од овие видеа се спонзорирани, односно платени со пари за политичка кампања од кандидатите или коалицијата која стои за претседателскиот кандидат.

Според пресметките на Радио Слободна Европа за споделените спонзорирани постови на социјалните мрежи Фејсбук и Инстаграм за само 6 дена од кампањата за сите 7 претседателски кандидати потрошени се вкупно околу 10 илјади евра за нивната политичка порака да пристигне до што поголема публика.

Според политичките аналитичари, финансираното објавување на политички пораки на социјалните мрежи влегува во „сива зона “, затоа што во изборниот законик овој сегмент не е регулиран. Кандидатите за претседатели и лидерите на политички партии почнале да се промовираат на платформите и пред официјалниот почеток на кампањата.

Политичкиот аналитичар Џелал Незири вели дека во најмала рака овој вид на промоција е нефер кон традиционалните медиуми кои мерат секунди во објавени политички пораки.

„Мислам дека кога станува збор за кампања на социјални мрежи и интернет секогаш е тоа не докрај регулирано со домашните закони, и тој дел од трошоците не сум сигурен дека се пријавува во конечните извештаи за политичките кампањи на партиите и се согласувам дека тоа спаѓа во сива зона“, вели Незири.

Тој додава дека се создава еден амбиент на нефер конкуренција во објавите на политичките реклами кон традиционалните медиуми кои ако не почитуваат изборни правила може да бидат казнети, додека интернет порталите и социјалните платформи не се мониторираат и честопати го прекршуваат и изборниот молк.

Фејсбук транспарентен за разлика од Тик Ток

Колку пари се трошат за изборни реклами на социјалните платформи се јавно достапни само за Фејсбук и делумно за Инстаграм, додека за Тик Ток платформата нема јавно достапни податоци.

Најмногу пари за реклами на социјалните мрежи Фејсбук и Инстаграм за овие шест дена потрошил претседателскиот кандидат на владејачката СДСМ Стево Пендаровски кој за 27- те спонзорирани постови, како што може да се прочита, платил до 2.700 евра, покажуваат податоците на официјалната фејсбук страница „Стево Пендаровски – нашиот претседател“. Ова се однесува на финансирање на постови и видеа со што би се зголемил бројот на публиката до која треба да пристигне политичката порака од од 100 до 500 илјади профили. Овие постови се спонзорирани од 4 април до денеска ( 9 април).

Неговата Фејсбук страница ја следат 103 илјади профили, додека Инстаграм профилот го следат над 26 илјади.

Им помагаат и партиските лидери

Неговата соперничка од коалицијата “Твоја Македонија“ предводена од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска Давкова на нејзината Фејсбук страница од почетокот на кампањата има само еден спонзориран пост во вредност до 100 евра.

Но, од Фејсбук страниците на лидерот на партијата, Христијан Мицкоски и потпретседателот на партијата Александар Николовски, кои ја придружуваат во кампањата, се објавени вкупно постови во вредност од околу 1.500 евра. Политичката порака до граѓаните е дека „промените во земјава ќе започнат со нивната кандидатка за претседател Гордана Силјановска Давкова“. Според податоците од Мета базата, максималната публика до која може да пристигне на „ѕидот“ на фејсбук се движи од 100 до 500 илјади профили.

Слична е состојбата и со политичките пораки со кои спонзорирано се промовира и Пендаровски од Фејсбук страницата на лидерот на СДСМ Димитар Ковачевски. Таму дел од пораките кои се спонзорирани се дека на претседателските избори ќе победи „прогресивниот претседател “.

Додека другиот дел се видео извадоци од политички говори и интервјуа на лидерот на партијата Ковачевски. Мета податоците покажуваат дека за сиве овие реклами на Фејсбук и Инстаграм објавени од 4 април до сега СДСМ потрошиле најмалку 4 илјади евра.

Трет на „ранг листата “ на „трошачи“ на социјалните платформи е претседателскиот кандидат на „Европскиот фронт“ предводен од владејачката ДУИ, Бујар Османи. За спонзорирани постови на неговата официјална Фејсбук страница потрошил најмалку 1.500 евра. Неговата официјална Фејсбук страница ја следат 44 илјади профили, а неговите кратки видеа објавени на „ѕидот“ имаат и по десетици илјади прегледи. Дел од тие видеа се исечоци и неговиот поткаст кој се емитува на Јутјуб повеќе од еден месец.

Свои официјални Фејсбук страници имаат и претседателските кандидати Стевчо Јакимовски од партијата „Гром“ и Максим Димитриевски од партијата „Знам“. Но според мета податоците Јакимовски има само два спонзорирани постови кои чинат до 200 евра, додека Димитриевски нема спонзорирани постови.

Претседателските кандидат на коалицијата „Вреди“ Арбен Таравари и на „Левица “ Билјана Ванковска немаат свои официјални Фејсбук страници, па нивните промотивни видеа и фотографии ги објавуваат од своите профили.

Претседателски кампањи прв пат на Тик ток

За разлика од платформите Фејсбук и Инстаграм, на платформата Тик Ток сликата е поразлична. Таму претседателските кандидати почнаа да објавуваат промотивни видеа од моментот на објавување на кандидатурата, односно од почетокот на март.

Нивните видеа достигнуваат и до сто илјади прегледи на Тик Ток. На оваа платформа се објавени кратки видеа во кои се пренесуваат политички пораки за нивните опоненти, женските права па се до склопување на детски релаксатор.

Комуникологот Бојан Кордалов вели дека социјалните медиуми се платформа на која е легитимно да се води кампања и која треба да биде регулирана. Тоа што него му пречи е што во рекламната кампања на социјалните платформи е најчесто гола пропаганда на кандидатите, профилирање и преплавување со пораки, но недостасува она што е клучно, дијалог, дебата вклучување на луѓето во тој процес.

„Каде сме ние луѓето во визијата на претседателските кандидати“, вели Кордалов.

Според анализираните постови од почетокот на кампањата до сега, забележливо е дека речиси истата содржина се објавува на трите платформи. Кордалов додава дека најчестата стратегија на политичарите на социјалните медиуми е „копи пејст“ и со тоа пропуштаат да пренесат суштинска порака до публиката.

„Политичарите со појавувањето на социјалните медиуми, мислат дека таму се појавуваат на сцената како ѕвезди, како да му недостасувале некому, заборавајќи дека идејата на социјалните медиуми е многу поразлична од тоа да се биде дел од дневната политка која не опкружува сите нас. За тоа е потребна посебна стратегија за тоа каква публика има на социјалната мрежа“, вели Кордалов.

Дополнителен тренд во оваа изборна кампања во пренесувањето на политичките пораки е тагнувањето на тие кои што ги следат политичарите со цел поголема видливост на пораката која во нотификација пристигнува на „ѕидот“ на Фејсбук.

Кампањата за претседателските избори започна на 4 април и ќе трае до 22 април, кога почнува предизборниот молк кој трае до 24 април – денот на гласањето. Изборната кампања за парламентарните избори, пак, почнува на 18 април и ќе трае до 6 мај.

Извор: Радио Слободна Европа 

 

 

Related posts

ДАНОЧНА РЕФОРМА БЕЗ НОВИ ДАНОЦИ

ninja

Дали се реални ветувањата за повисоки пензии?

admin

Македонските ќебапи од Гарфилд, Њу Џерси најбарани во САД

admin

Дали е при крај војната во Украина? Ердоган со стратешки пристап

admin

Протести против насилството во Белград: “Премиерке, што е смешно?”

admin

Новинарот на АЈ го изгуби и синот-новинар

admin