7.8 C
Скопје
2 декември, 2024
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕПУБЛИКА

ВМРО-ДПМНЕ и „Вреди“ договараат нова Влада, други чекаат покана

Извесно е дека коалицијата „Вреди“ е сигурен партнер на ВМРО-ДПМНЕ за новата влада. Според математиките за освоен број пратеници, трета партија може, но и не мора да влезе во Владата. Мицкоски веќе ја испрати ДУИ во опозиција, но во партијата чекаат исход од преговорите што ги почнува мандатарот

Со денешната средба меѓу претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и мандатар Христијан Мицкоски и лидерите на 21 партија во коалицијата „Твоја Македонија“ почнуваат преговорите за состав на новата влада на Северна Македонија.

Од понеделник Мицкоски најави разговори со партиите од опозицијата кои би нашле заедничка точка на поврзување со ВМРО-ДПМНЕ со намера „на секого да му дадат шанса“.

„Граѓаните ќе се гордеат со новата влада. Ќе преговараме со сите опозициски партии, но тоа не значи дека сите ќе бидат дел од новата влада“, рече Мицкоски во обраќањето по победата на двојните избори на 8 мај.

Според роковите во Уставот, Владата би требало да биде предложена најдоцна до крајот на јуни. Таа треба да биде изгласана со мнозинство од 61 пратеник од вкупно 120 во Собранието.

Мицкоски е уверен оти ќе ја формира Владата во најкус можен рок.

Математиката во корист на ВМРО-ДПМНЕ

Извесно е дека новата Влада ќе ја сочинуваат ВМРО-ДПМНЕ со 58 пратеници и „Вреди“ („Влен“), коалицијата на опозициските партии на Албанците со освоени 13 пратенички мандати.

Според Мицкоски, коалицијата „Вреди“ со резултатот од 107.000 гласови на парламентарните избори на 8 мај е кредибилиен партнер во идната Влада.

Убедлива победа на ВМРО ДПМНЕ и Гордана Сиљановска

Но, Мицкоски има и друга математика – тој очекува до 28 мај(до кога треба да се конститурира Собранието) да консолидираат 61 пратеник. Некои избрани пратеници во Собранието, поединци од други коалиции, веќе пратиле „сигнали“ дека сакаат да се приклонат кон ВМРО-ДПМНЕ.

На тој начин, коалициите на ВМРО-ДПМНЕ и на „Вреди“ заедно би имале 74 или 75 пратеници во Собранието.

„Нашата цел е да имаме како влада поддршка од две третини во парламентот. Тоа ни е потребно да направиме реконструирање во самата влада, во самиот владин кабинет за да можеме да одговориме на потребите на граѓаните и на новото време“, рече Мицкоски во емисијата „Само интервју“ на телевизијата Канал 5 во гостување на 9 мај.

Тој веќе ја испрати ДУИ Во опозиција.

Техничкиот премиер Талат Џафери од ДУИ, по обраќањето по повод 100 дена влада, не коментираше дали ДУИ е подготвена за опозиција по повеќе од 20 години на власт.

„Ќе видиме според калкулациите какви ќе бидат разговорите меѓу субјектите. Јас сум премиер и сум фокусиран на обврските од мандатот што треба да го завршам, а тој трае до конституирањето нов мандат“, рече Џафери на 10 мај.

Одговарајќи на прашањето дали со ЗНАМ и со Левица би разговарале да бидат дел од владата, Мицкоски рече дека разговорите би се воделе во два правци – би разговарал со сите партии кои се дел од опозицијата, како и со сите пратеници за визиите и за политиките што идната влада планира да ги спроведува.

И во ВМРО-ДПМНЕ и во „Вреди“ велат дека досега не разговарале за конкретна поделба на ресори и за имиња на министри во идната влада. Во таа смисла, неизвесно е дали на функциите ќе останат министрите од ВМРО-ДПМНЕ кои сега се во техничката влада.

Ќе има ли трет партнер?

Максим Димитриевски, лидер на ЗНАМ, речиси се понуди како трет партнер во Владата.

„Учество во влада да, но исклучиво под наши услови. Секогаш ќе бидеме на располагање на која било идна власт кога се во прашање државните и национални интереси, но дополнително партиското раководство ќе ги разгледа сите можности и опции за коалицирање или да работиме како конструктивна опозиција“, изјави Димитриевски на последниот ден од кампањата.

Тој рече дека во влада ќе учествува ако таму не е ДУИ, а нема ништо против да биде „Вреди“ со која соработува на локално ниво.

И „Знам“и „Левица“ освоија по шест пратенички мандати.

Александар Кржаловски, политички аналитичар
Александар Кржаловски, политички аналитичар

Политичкиот аналитичар и извршен директор на МЦМС, Александар Кржаловски смета дека контурите на новата Влада веќе се исцртани.

„Мислам дека е веќе прилично јасно и без оглед на тоа што ДУИ победи во условно речено албанскиот блок, иако тоа веќе не е албански блок бидејќи има партии и од повеќето други етнички заедници. Од ВМРО-ДПМНЕ потврдија дека „Вреди“ е префериран партнер. Најверојатно таа е извесната коалиција. Прашање ќе е само дали и „Знам“ ќе се приклучи во таа нова коалициска влада или ќе останат само ВМРО-ДПМНЕ и „Вреди“, вели Кржаловски за РСЕ.

Принципи на идната владина коалиција

Претходно,ВМРО-ДПМНЕ ја постави рамката врз која ќе го гради коалицискиот потенцијал со останатите партии.

Во неа има три постулати: eкономски силна држава, фронт против криминалот и корупцијата и реализација на стратешкиот интерес за европски интеграции.

Во првото интервју по изборите, тој најави и финансиски пакет од милијадра евра во соработка со влада на една држава, со исклучително поволни услови, како и странска инвестиција во енергетиката од околу 500 милиони евра.

Мицкоски кажа дека би сакал Владата да функционира како едно семејство и дека во неа ќе нема министер кој не би одговорал пред премиерот, туку „пред други центри на моќ“.

Такви изјави дека одговораат само пред лидерот на партијата, даваа поранешни министри на ДУИ.

Но, новата Влада би требало да постави и заеднички принцип за уставните измени, со оглед на тоа дека во предизборните програми ВМРО-ДПМНЕ и „Вреди“ има различен став за ова прашање.

„ВМРО-ДПМНЕ е свесна дека ќе го наследи тешкиот товар на неодговорниот однос на власта, кој произведе сериозни проблеми во евроинтеграциите и ја стави државата во потчинета положба. Во овој контекст, ВМРО-ДПМНЕ останува на ставот за неменување на Уставот под диктат на трета држава….Одложената примена на уставните измени претставува валидна алтернатива која е целосно во согласност со досегашната практика на сите држави, кои пред самиот чин на нивно пристапување во полноправно членство вообичаено ги прават неопходните или условени уставни измени, или во таа фаза истите влегуваат во сила“, пишува во програмата на ВМРО-ДПМНЕ.

Таравари - Нема друга алтернатива за европскиот пат, освен уставни измени

Арбен Таравари, пак, како претседателски кандидат на „Вреди“, велеше дека нема друга алтернатива за европскиот пат на Северна Македонија, освен уставни измени.

„Штом веќе тоа се прифати и помина во Парламентот, факт е дека ако сакаме да почнеме преговори, а јас колку што гледам, никој не кажува дека има друга алтернатива, ние ќе мораме да ги направиме уставните промени и да го продолжиме европскиот пат на Македонија, бидејќи не постои, ви велам, друга опција. Да постоеја други опции, тогаш во ред, би можеле да разговараме“, кажа Таравари во интервју за РСЕ.

Кржаловски не очекува уставните измени да бидат пречка за коалицискиот договор меѓу ВМРО-ДПМНЕ и „Вреди“.

„Веројатно веќе и интензивно разговараат, ако веќе не се и договориле како сето тоа ќе се изведе. Очекувам во овие шест месеци да има интензивна работа на проблемот и надминување и евентуално усвојување на уставните измени со некакви измени од она што беше преговарачка рамка. Дали ќе успее ВМРО-ДПМНЕ во тоа и што ќе прифати на крај како конечно решение ќе видиме, но очекувам придвижување до крајот на годината“, рече Кржаловски.

Коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ освои 436.036 гласови на парламентарните избори на 8 мај, речиси тројно повеќе од коалицијата на СДСМ, кој ја предводеше Владата на Северна Македонија по последните седум години.

Ако Мицкоски стане премиер, ќе биде 11 на оваа функција доколку не се земе предвид Никола Кљусев кој беше на чело на експертска влада (1991-1992) по отцепувањето од поранешна Југославија.

Извор: Радио Слободна Европа

Related posts

Идеја на ЕФ: Уставен поредок според демографската реалност

admin

Маричиќ: Датумот за идно проширување ја оправдува нашата стратегија за брз влез во ЕУ

admin

Израел и и германскиот државен резон: Што значи тоа?

admin

Реформи на линија со ЕУ-стандарди, а не со неказнивост

admin

Договорот со „Бектел и Енка“ ги „потона“ антикорупционерите

admin

Брајб-Гејт: Вотергејт на Бајден?

admin