14.8 C
Скопје
9 октомври, 2024
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕПУБЛИКА

На повидок жешко политичко лето

Протести, актуелизирање на документ потпишан од пет лидери на партии на Албанците, или и нешто повеќе? Се чека Ахмети да ги каже демократските механизми со кои ќе водат битка за легитимитет.

 

Ниедна од партиите во Европскиот фронт предводен од ДУИ засега не обелоденува низ кои форми ќе ја водат „битката за легитимитет“ чиј почеток го најавија завчера. Таму се незадоволни, бидејќи не била испочитувана изборната волја на граѓаните кои со нивниот глас го издигнале Европскиот фронт во победничка коалиција и во втора сила во земјата, но без можност таа волја да биде претставена во институциите. Не кажуваат повеќе ни функционери и пратеници од ДУИ, кои во јавни настапи само штуро повторуваат дека битката ќе ја водат со „сите демократски механизми и средства“.

Одговорите од партијата најчесто гласат „наскоро јавноста ќе биде запозната“ или „ќе ги соопшти претседателот на партијата Али Ахмети“. Ахмети на завчерашната прес-конференција, од која ги повика граѓаните да им се придружат во напорите за заштита на гласот, легитимитетот и духот на Охридскиот догвор, не објасни како ќе се реализираат тие напори.

Блерим Беџети од ДУИ, кој градоначалничката фотелја во Општина Сарај ја замени со функцијата пратеник, вчера само кратко и без дополнителни детали најави жешко политичко лето.

„Битно е што ние победивме на изборите. Имаме одредени политички теми кои ги споделувме со јавноста, со граѓаните, па ќе биде жешко политичко лето. Ако е 38 (степени – н.з.) ќе биде 45, плус. Легитимно е тој што победил да си ја брани победата. Кукавички би било да се повлечеш, да не ја браниш“, рече Беџети на ТВ Канал 5.

Извори од ДУИ се воздржуваат да посочат барем едно демократско средство со кое фронтот ќе ја води битката, што во јавни коментари резултира со оценки дека и во ДУИ можеби не се сосема сигурни што ќе прават. Од друга страна, во медиуми во соседна Албанија може да се прочитаат изјави на новинари/аналитичари од РСМ, кои повикувајќи се на неофицијални информации изјавуваат дека „Европскиот фронт планира да организира протести и да поднесе барања за организирање дводомен парламент“.

Документот на маса

Според други шпекулации, Европскиот фронт наводно ќе се обиде да изврши притисок и обид за привлекување на вниманието на меѓународниот фактор, за да укаже кој е вистински посветен партнер во евроинтегративниот процес на земјата, но и на предизборните ветувања. Според неофицијални информации, тоа прашање би го актуелизирале врз основа на документот кој наводно го потпишале Али Ахмети, Изет Меџити, Арбен Таравари, Билал Касами и Африм Гаши, дека нивен услов за влез во идната влада ќе биде спроведувањето на уставните измени. Таравари во една изјава призна постоење на таков документ, но во повеќе други прилики го ословуваше само како „џентлменски договор“.

Уставните измени се програмски приоритети и на Коалицијата Вреди, но со флексибилен рок за нивно спроведување, вербално дефиниран „до крајот на годината“, со кој би се добило време за барање модалитети кои би биле прифатливи и за Скопје и за Софија. Но, наводно потписите на тој документ подразбирале друг, ран тајминг за ефектуирање на условот, и се очекувало ДУИ да го користи тој адут во тврдењето дека не е испочитувана ниту изборната волја на гласачите, ниту ветувањето/потписите дадени пред изборите, за непречено продолжување на интеграцискиот пат.

Многу опции во игра

Она што засега е извесно, според изјави од функционери на ДУИ, е дека ќе бидат присутни со чести прес-конференции, соопштенија и со „масовна поддршка“, исто така без објаснување во каква форма би била видлива таа. Според министерот за економија и член на ДУИ, Крешник Бектеши, демократските механизми што ги најавува ДУИ се темелат на фактот што Европскиот фронт добил поголема доверба од страна на Албанците, со над 30 илјади гласови повеќе од Коалицијата Вреди.

„Бараме да се почитува духот на Охридскиот рамковен договор и од страна на мандатарот, во случајот тоа веројатно ќе биде Христијан Мицкоски. ДУИ секогаш се покажала како државотворна партија и ќе ги користи сите демократски механизми. Не зборувам механизми дека сакаме да го уплашиме народот. ДУИ и нејзниот лидер се идеолозите на Охридскиот рамковен договор. Таму се дава духот и насоката како треба да се движи државата со цел да се креира и меѓуетничка хармонија и внатрешна во општеството, за да имаме стабилна држава“, рече Бектеши на ТВ Сител.

Ни тој не ги соопшти чекорите кои ДУИ ќе ги преземе за спречување на „мајоризацијата“, освен дека тие се плод на голем сет од идеи.

„Кај нас, како членови на претседателството на ДУИ доаѓаат идеи од страна на интелектуалци и луѓе кои придонеле многу за државата. Не само Албанци, туку и од другите етнички заедници. Веќе имаме разговарано за одредени опции. Има многу опции, но до крајот на неделата ќе има конкретни чекори што ќе бидат преземени и ќе ги обелодени претседателот на партијата Али Ахмети“, најави Бектеши. / DW

Related posts

Николај Крастев: Партијата на Палевски беше една од двете антибугарски формации

admin

Столтенберг го убедува Ердоган да не го попречува членството на Шведска во НАТО

admin

СДСМ: ДУИ покажа одговорност, на потег е ВМРО-ДПМНЕ

admin

Уставот на раскрсница: „Ако веќе се отвора…“

admin

Интегрален текст на Манифестот за ЕУ: Собранието да ги усвои уставните измени

admin

Трнлив пат на Скопје да стане европска престолнина на културата

admin