16.8 C
Скопје
23 мај, 2024
Inbox7.mk
АНАЛИЗА

ШТО ЌЕ СЕ СЛУЧИ ПО 8 МАЈ?

Пишува: Џелал Незири

Првиот, логичен одговор на ова прашање е: ќе дојде 9 мај.

И ова е важен ден бидејќи го означува почетокот на изградбата на Европската унија (ЕУ) со усвојување на Шумановата декларација. Овој документ беше претставен од францускиот министер за надворешни работи Роберт Шуман на 9 мај 1950 година. Тој предложи создавање на Европска заедница, чии членови ќе го здружуваат производството на јаглен и челик. Основачи на аваа Европска заедница беа Франција, Западна Германија, Италија, Холандија, Белгија и Луксембург. Заедницата беше првата од низата наднационални европски институции кои на крајот ќе станат денешната „Европска унија“.

9-ти мај го одбележува и поразот на нацизмот. Вообичаено со најмногу активности се слави во Москва, Русија.

Вториот одговор за тоа што ќе се случува по 8 мај е поврзан со парламентарните и претседателските избори.

На овој ден политичките партии ќе ја добијат пресудата на суверенот. Со овие резултати во рака, партиите ќе се свртат кон големиот постизборен пазар за формирање влада. Тука започнува последната фаза од изборниот процес или второто полувреме од натпреварот. Во политичкиот табор се очекува победа на ВМРО-ДПМНЕ и во тој случај нејзиниот лидер Христијан Мицковски да го преземе мандатот за формирање влада. Од другата страна на албанскиот политички камп се очекува победа на блокот Европски фронт, предводен од ДУИ на Али Ахмети. Но, Мицковски инсистира на создавање коалиција со блокот ВЛЕН, на чело со Арбен Таравари, без разлика на изборниот резултат. Ова може да создаде фрустрации во Европскиот фронт, доколку неговата победа не биде земена предвид од идниот мандатар. Уставот на Северна Македонија не го санкционира формирањето влада со победничката партија на етничките Албанци (како во случајот со Косово, каде што победничката партија на етничките Срби учествува во владата), но има тенденција да стане демократска традиција, исто како и вклучување на албанска партија во владината коалиција. Само во 1998 и 2006 година во владата беше вклучена албанската партија која не победи на изборите кај етничките албанци. Во двата случаи една ваква одлука донесе партијата ВМРО-ДПМНЕ.

По 8 мај ќе се знае судбината на уставните измени кои произлегуваат од Францускиот предлог, кои се услов Брисел да ги продолжи преговорите за членство со Скопје.

Овој документ, кој го отстрани бугарското вето, може да биде и предуслов и на албанските партии да станат дел од владата. Одбивањето на ВМРО-ДПМНЕ да ги поддржи овие измени резултираше со неколку обвинувања на нејзина адреса дека на овој начин оваа партија индиректно работи за Русија. Доцнењето на почетокот на преговорите, придружено со тонови на етнонационализам што оваа партија ги користи во својот јавен дискурс, резултираше со историски помала поддршка за процесот на интеграција во ЕУ. Всушност, некои анкети покажуваат дека речиси половина од етничките Македонци сметаат дека е време да се бара алтернатива за евроинтеграциите.

По 8 мај ќе го дознаеме името на новиот претседател на државата.

Во вториот круг поминаа двајцата кандидати со најмногу акумулирани гласови: Гордана Силјановска – Дафкова од ВМРО-ДПМНЕ, која доби близу 360.000 гласови и актуелниот претседател Стево Пендаровски, кој бара втор мандат како кандидат на СДСМ, кој доби 180 илјади гласови. Големото водство на Силјановска-Дафкова најавува сигурна победа за неа како следен претседател. Петмина кандидати ја завршија трката во првиот круг, меѓу кои Бујар Османи од Европскиот фронт и Арбен Таравари од албанската опозициска коалиција ВЛЕН. Претседателските избори за кандидатите Албанци беа само „мерило на политичка сила“ за парламентарните избори. Фокусот на политичките партии е ставен на парламентарните избори бидејќи од таму потекнува вистинската власт – законодавна и извршна. Претседателот на државата е церемонијална функција без големо влијание во креирањето или спроведувањето на политиките. Како таква, не е толку привлечна ниту за партиите, ниту за гласачите. Затоа вториот круг гласање е закажан на датумот на парламентарните избори, за да се исполни законскиот праг од 40 отсто излезност за да биде валиден изборот на претседател на државата.

По 8 мај започнува големото финале поврзано со формирањето на владата и нејзините приоритети.

Сега нема дилема дека на парламентарните избори на 8 мај ќе победи ВМРО-ДПМНЕ. Ако изборниот резултат е донекаде јасен, она што останува со многу прашалници е постизборниот период. Со кој албански политички блок ВМРО-ДПМНЕ ќе формира влада? Дали Европскиот фронт и ВЛЕН ќе го условат формирањето влада со уставните измени, како што ветиле со тајно потпишување на писмена декларација? Ќе има ли договор меѓу двата албански блока за тоа кој ќе треба да почне преговори со мандатарот и каде се нивните црвени линии? Дали е веројатно државата повторно да оди на парламентарни избори доколку ВМРО-ДПМНЕ не успее да формира влада? Сите овие дилеми ја враќаат маглата на несигурноста во Северна Македонија, ги заоструваат меѓуетничките односи и го зголемуваат нивото на евроскептицизам.

Периодот по 8 мај може да се означи и почеток на политичка криза која повторно би создала простор за раст на малигните влијанија од Русија, Кина и другите источни земји. Криза слична на онаа од 2015-16 година, кога земјата беше спречена да го реши проблемот со името со Грција за да стане членка на НАТО. Во време кога интеграцијата во ЕУ се претвора во геостратешка ургенција, овие влијанија се повеќе бараат соодветен терен за да го оневозможат заокружувањето на Унијата со шесте земји од Западен Балкан.

Related posts

За митот за „анти-македонскиот заговор“

admin

ЕВРОПЕИЗАЦИЈАТА ДА ЗАПОЧНЕ ОД ПОЛИТИЧКИТЕ ПАРТИИ

admin

ТЕМПИРАНА БОМБА

admin

ТРЕТАТА МАКЕДОНСКА РЕПУБЛИКА?

admin

Штетни надворешни влијанија се присутни и во медиумите во Северна Македонија

admin

ЌЕ ИМА ПРЕДВРЕМЕНИ ИЗБОРИ ВО 2023 ГОДИНА?

admin