Подвигот на светите браќа и понатаму да бидe наш патоказ и морална и духовна вертикала за достоинствено и исполнето живеење, творење и создавање, се вели во честитката на македонската претседателка.
Песни за буквите, учење на најмладите за значењето на азбуката и јазикот, трибини и свечености се дел од активностите со кои се заокружува денешната прослава на 24-ти мај, Денот на сесловенските просветители, Светите Кирил и Методиј. Првата честитка за празникот стигна од претседателката Гордана Сиљановска Давкова.
„Од сè срце ви посакувам празникот да го поминете во добро здравје, љубов и хармонија, исполнети со радост и со среќа што имаме можност да ги ползуваме плодовите на великото дело на солунските браќа. Благодарение на нив, словенските народи добија можност да ја развиваат својата духовност, култура, образование, наука. И македонската јазична и културна самобитност, но и светогледот и космополитизмот се втемелени од нивната работа и достигнувања, и од нивното човекољубие“, се вели во честитката.
Претседателката повикува подвигот на светите браќа и понатаму да бидe наш патоказ и морална и духовна вертикала за достоинствено и исполнето живеење, творење и создавање.
„Светите Кирил и Методиј покажаа дека со знаење, жед за вистината, правдољубивост, посветеност, хуманизам и благородност, можат да се надминат ограничувањата и да се победат неправдите. Историјата на Европа и на светот нема премногу примери на така влијателни личности коишто имаат оставено печат на своето време, но и патоказ за иднината и кои се светилници на човечката цивилизација. Затоа нивното дело и по еден цел милениум не бледнее и не губи на значење“, се наведува во честиткатата.
Разминување
Папата Јован Павле Втори со Апостолското послание „Egregiae Virtutis”, на 31-ви декември 1980 година ги прогласи светите Кирил и Методиј за коопокровители на Европа, заедно со Свети Бенедикт.
По повод манифестацијата „Македонија во чест на Св. Кирил“, Сиљановска од завчера со државно-црковна делегација престојува во посета на Италијанската Република и Светиот Престол, каде вчера имаше аудиенција кај Папата Франциско. Денеска во базиликата „Сан Клементе“ ќе присуствува на молебен во чест на Свети Кирил, а потоа ќе ја посети базиликата „Санта Марија Маџоре“, каде ќе положи венец на спомен-плочата на македонски јазик во чест на делото на Светите браќа Кирил и Методиј. Таа ќе оствари и тет-а-тет средба со претседателот на Италија, Серџо Матарела, по што е предвидена пленарна средба на делегациите на двете земји.
Истите базилики претходно ги посети и Румен Радев, претседател на Бугарија, која 24-ти мај го преименуваше во „Ден на светите браќа Кирил и Методиј, на бугарската азбука, просвета и култура и на словенската книжовност“.
Патишта на Радев и Сиљановска не се вкрстија во Рим. Тој се сретна со италијанскиот колега Матарела два дена претходно, а денеска ќе присуствува на официјална церемонија пред Националната библиотека „Св. Кирил и Методиj“ и споменикот на двајцата светители во Софија и на изложба посветена на 200-годишнината од издавањето на првиот бугарски светски буквар на д-р Петар Берон. Вечерта ќе биде домаќин на традиционален прием по повод празникот во софискиот Национален историски музеј.
Вчера свечено одбележување на празникот имало и во Генералниот конзулат на Република Бугарија во Битола, каде била претставена изложба подготвена од Кирило-Методиевскиот научен центар при Бугарската академија на науките.
„Денес е лесно да бидеме како сите други. Тешко е да бидеме различни. Имено, кирилицата е таа што се претвора во повик да ја развиваме културата на единственото, да ја збогатуваме Европа со нашето културно и историско наследство – со нашата азбука, фолклор и со нашата духовност“, рекол во обраќањето генералниот конзул на Бугарија во Битола, Николај Димитров.
Афирмација на јазикот, стожер на постоењето
Во пресрет на денешниот празник, владина делегација предводена од министерката за животна средина и просторно планирање, Каја Шукова и дополнителниот заменик министер за внатрешни работи, Митко Бојмацалиев, вчера положи цвеќе на споменикот на Светите Кирил и Методиј, на платото пред Универзитетот кои го носи нивното име и им оддаде почит на просветителското дело од темелно значење за македонскиот јазик, идентитет и култура.
„Владата на Република Северна Македонија во изминатите години со низа активни политики го заштити и унапреди македонскиот стандарден јазик, обезбедувајќи го неговиот континуитет. Од пред две години македонскиот јазик е на рамноправно рамниште и со официјалните јазици во институциите на Европската Унија. И во оваа насока, Владата го потенцира значењето на мудрите и проактивни политики, со цел натамошна афирмација и интеграција на македонскиот јазик, идентитет и култура, во демократските семејства на јазици, народи и култури“, се наведува во владиното соопштение.
Свеченост денеска ќе има и во црквата Св. Богородица во Калишта, Струга, а во нејзини рамки ќе се одржи трибина под наслов “Св. Кирил и Методиј, стожер на постоењето!” на која ќе се обратат членот на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Љутков, професорот на Православниот Богословски факултет Св. Климент Охридски, Ѓоко Ѓорѓевски, професорот на Институтот за национална историја при УКИМ, Митко Панов, а свечен говор пред присутните ќе има и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Свеченост и во македонската амбасада во Пекинг
На иницијатива од Катедрата за македонски јазик при Универзитетот за странски студии во Пекинг, вчера и во македонската амбасада во Кина се организираше свеченост по повод Денот на сесловенските просветители. Амбасадорот Сашко Насев во име на вработените во македонската амбасада и подарил книги на библиотеката од Катедрата за македонски јазик. Под раководство на лекторката Рената Пенчова студентите ги рецитирале песните „Глаголица“ од Анте Поповски, „Букви“ од Гане Тодоровски, „Везилка“ од Блаже Конески, „Раѓање на зборот“ од Ацо Шопов. Во свеченоста се вклучила и македонската заедница, која живее и работи во Пекинг, при што се интерпретирале македонски народни песни.
Кога станува збор за песните, популарниот хит на Влатко Стефановски „Кирилица“ доби нова визура преку интерпретацијата на актерот Јовица Михајловски, специјално за настанот „Боцкаме на Кирилица“ во организација на Трн во чест на Денот на сесловенските просветители.
„Најважно од се е – а, б, в, г, д, ѓ, е…“, гласат дел од стиховите на оваа песна на Стефановски. / DW