Американската амбасадорка Анџела Агелер вели дека е воодушевена и ја поздравува најавата на мандатарот Христијан Мицкоски дека в недела, при заклетвата како нов премиер, а и во настапите во странство, ќе го користи уставното име на земјава.
„Како што разбирам, Деловникот на Собранието е сменет за да се вклучи и тоа (уставното име) и воодушевена сум што тоа го гледам, и сум многу задоволна и го поздравив неговиот јавен настап од пред некоја вечер, во кој тој рече дека ќе го почитува уставното име на земјата при давањето заклетва. Да видиме како ќе се користи, но и ќе ви кажам дека една од работите… Во името на САД, многу се надевам дека тоа ќе се случи претстојниот викенд – уставното име се употребува соодветно кога тој или министерот за надворешни работи и други се во Брисел, или за време на некои од претстојните состаноци и особено за време на јулскиот самит на НАТО во Вашингтон, зашто мојата цел како амбасадор на САД во Северна Македонија е да бидеме во можност да зборуваме за нешта кои нашите две земји ги споделуваат како стратешки приоритети. Повторно, сакам да зборувам за декларираните цели на оваа конкретна влада – борба против корупцијата, раст на економијата, воведување алтернативни извори на енергија, проширување на инфраструктурата и градење подобри односи со соседите. Ова се нивните декларирани цели и секако се во линија со нашите цели. Би сакала да зборувам за тие работи, мислам дека, исто така, тоа и граѓаните на земјава би го поздравиле.“, изјави Агелер во интервју за „360 степени“. „Има разлики во Преспанскиот договор – употребата на формалното уставно име и колоквијална употреба. Знам многу правници, од сите страни, кои ова одблиску го разгледуваа… Ние не сме тие што го запишуваат, внимаваат на резултатот, ќе бидам искрена, САД сакаат да се покаже почитување кон Преспанскиот договор како што е предвидено. Како што реков, ја поздравивме одлуката на идниот премиер да го користи уставното име за време на заклетвата, се надеваме дека сите министри ќе го следат тој пример и дека потоа ќе продолжат кон идните важни собири, на кои ќе разговараат за прашања како поддршката за Украина, за економијата на земјава, за енергијата и други важни прашања.“
Агелер очекува да продолжи воената помош на РСМ кон Украина: „Очекувам. И ми пренесоа дека тие ќе го направат тоа. Очекувам да ги водам тие разговори со претстојниот министер за одбрана и други во владата. Од критична важност е… Претседателката беше на конференцијата за помош на Украина и ова очигледно е приоритет за САД и ќе биде едно од најважните прашања на НАТО-самитот во Вашингтон следниот месец.“
Прашана за позицијата на САД за номинацијата за министер и за вицепремиер на Иван Стоилковиќ, политички лидер на партија која е во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ и кој е отворено проруски настроен, Агелер со одговор: „Немав слушнато за личноста сè додека не слушнав за номинацијата пред некој ден. Никогаш не сум го запознала. Од тогаш, прочитав некои работи кои тој ги кажал. Сметам дека се шокантни и, искрено, за осуда. Но, не гледам шема на дејствување. Се чини дека има долгa серија многу несреќни и навредливи забелешки, изјави и постови. Не ми изгледа дека оваа личност имала позиција на вистински авторитет, да носи одлуки, па затоа не сум во позиција, ние не сме во позиција да дадеме декларативна изјава во врска со тоа како би изгледала неговата позиција и исто така не знам што новата влада ќе дефинира како приоритети за тоа министерство. Бидејќи, тоа се менува секогаш кога има нова влада или нов министер. Но можам да кажам дека ќе набљудуваме одблизу.“
Агелер вели дека од новата влада очекува колку што можат побрзо, да ги испорачаат ветувањата кои ги дадоа за време на кампањата.
„Разбирам дека тоа е тешко, но граѓаните тоа од нив го очекуваат. Оттука, многу е тешко да се премине од водење кампања до владеење и новите министри се уште не положиле заклетва, тоа не го направил ниту идниот премиер, очекуваме тоа да се случи викендов… Очекувам да видам како тие, а така ќе беше за која било влада која ќе дојдеше на власт, дали на реториката од кампањата и дадените ветувања ќе одговорат со конкретни дела. На крајот, како политичка партија и влада ве судат според вашите дела наспроти предизборните ветувања кои, искрено, можат да го покријат целиот спектар на политиката во време на избори.“, вели таа.
Во однос на инсистирањето на ДУИ да биде дел од владата како победник кај етничките Албанци, Агелер со одговор: „Нема законска обрска за ДУИ да биде дел од владата“.
„ВМРО-ДПМНЕ го избра партнерот – „Вреди“, која е исто така коалиција, исто како и „Европскиот фронт“ предводен од ДУИ. Сум имала разговори за ова со низа функционери на ДУИ и други и нема законска обврска за тоа со кој ќе стапите во коалиција. Партијата што победи на изборите ја имаше можноста и избра да создаде коалиција со малцински групи во земјата. Тоа е од исклучителна важност зашто она што двете наши земји ги прави толку богати е диверзитетот, различните етнички групи и заедници и она што тие го носат за нашите демократии. Оттука, задоволна сум што владата е составена од различни групи и нема законски обврски за ДУИ да се вклучи во владата. Знам дека има прашање на закон наспроти легитимитет, но факт е дека ВМРО-ДПМНЕ избра партнери од различни заедници во земјата и тоа е нивно право. Избраа тоа да го направат и ќе видиме како ова партнерство ќе функционира.“, вели Агелер.
Една од алатките кои ги има американската администрација, кои ги употребува во борбата против корупцијата во Северна Македонија е именувањето луѓе на т.н. „црна листа“. Имаше неколку назначувања во последната година, но не и во последниве неколку месеци. Прашана дали оваа алатка на САД е ефикасна, Агелер оддговори: „Прашањето е одлично. Како што имаме објаснето и порано, тоа е прилично долг процес. Се сфаќа многу сериозно, тоа е правен процес на кој ние мораме да се придржуваме. Имам македонски пријатели кои ми кажале, може ли да номинирам некого за вашата „црна листа“, но тоа не функционира така. Штом ќе составиме случај од информации со кои располагаме ние и со кои располага Вашингтон, тој потоа минува низ многу, многу внимателно и многу детално разгледување за да се осигури дека е во согласност со сите правни услови за ние да означиме индивидуа или неколку индивидуи. Значи, не е дека имаме распоред и дека на одреден број месеци го правиме тоа, но можам да ве уверам дека има неколку случаи кои се во Вашингтон и кои се разгледуваат. Немам никакви сознанија кога ќе бидат објавени.“