33.8 C
Скопје
16 јули, 2024
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕПУБЛИКА

Владата избрана – Мицковски најавува фуриозен старт

Пратениците со 77 гласа „за“ и 22 „против“ вечерва (23 јуни) ја изгласаа новата Влада на Северна Македонија, предводена од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

Со Мицкоски на премиерската позиција, во Владата ќе има 23 министри, а од нив пет ќе бидат и вицепремиери.

Во завршното обраќање пред гласањето, Мицкоски рече дека на „граѓаните им е доста од препирки“ и оти е „потребна работа, посветеност, одговорност и конкретни проекти“.

„Во првите сто дена ќе ги подигнеме стандардите, макотрпно ќе работиме, ќе се грижиме, државата ќе се менува“, рече Мицкоски најавувајќи намалување на даноци, зголемени пензии, проект од 250 милиони евра за општините, нови странски инвестиции, фронт против корупцијата.

16 од членовите на владиниот кабинет, вклучувајќи го и премиерот, се од редовите на коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ, шестмина се од коалицијата „Вреди“ (ВЛЕН) и двајца од политичката партија ЗНАМ.

Седницата започна вчера (22 јуни) и треба да заврши најдоцна до вечерва на полноќ.

Заклетва со новото уставно име

Откако беше изгласана Владата, премиерот Мицкоски и министрите дадоа и свечена изјава.

Во неа, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ го користеше уставното име Република Северна Македонија, за што се осврна и во завршното обраќање.

„Ќе ја кажам срамната придавка при заклетвата затоа што ме потсетува на срамот што го нанесовте на мојата татковина, на моето семејство, на моите неродени внуци. Ќе правам се што можам додека сум жив оваа неправда да ја исправам. За жал, во овој момент сум немоќен. Во овој момент ќе морам да капитулирам како човек пред вас и да ја кажам“, рече Мицкоски.

Тој се осврна и на преговарачката рамка со ЕУ и потребата од уставни измени за продолжување на пристапниот процес.

„Ваков бугарски диктат под вакви услови нема да пројде и додека сум јас нема да има уставни измени“, рече Мицкоски.

Првиот работен ден на новата Влада ќе биде утре кога се очекува новиот премиер и министрите да ги преземат функциите.

Собраниската седница за избор на новата Влада започна вчера (22 јуни) и според собранискиот Деловник, можеше да трае најмногу два дена односно најдоцна до денеска (23 јуни) на полноќ.

Голем ден за власта, манипулации и погазени ветувања за опозицијата

Во текот на дводневната дебата ВМРО-ДПМНЕ ги повтори основните заложби – евроинтеграција на државата, борбата против криминалот и корупцијата, развој на економијата, рамномерен регионален развој, приближување на власта до граѓаните, намалување на даноците, зголемување на пензиите и платите, градење добри односи со соседите и негување на меѓуетничките односи.

Мицкоски во експозето на почетокот на седницата најави „фуриозен почеток на проекти“ и уште неседнат во премиерската фотелја рече дека во вторник (25 јуни) ќе промовира инвестиција од 400 милиони евра.

Бранејќи го составот и програмата на новата Влада, пратениците од владејачкото мнозинство денешниот ден го карактеризираа како „голем“ и „историски“. Со преземањето на власта, од собраниската говорница тие најавуваа крај за селективната правда, за политичките затвореници, за епидемијата на криминалот и корупцијата, за катастрофална состојба во здравството итн.

Опозицијата, пак, критикуваше дека новата Влада е далеку од ветувањата што ВМРО-ДПМНЕ ги дала во предизборната кампања. Пратениците од СДСМ критикуваа дека таа е манипулативна и изразуваа сомнежи дека ветените проекти ќе се реализираат.

„За неколку дена ВМРО-ДПМНЕ погазија многу ветувања, надежта почна да исчезнува. Загрижуваат одредени недоречени ветувања во предложената програма, како преиспитувањето и рационализацијата на органите на државната управа со можност за спојување и укинување на одредени државни органи, дали новата реорганизација изгласана по полноќ и во скратена постапка ви беше потреба за реформа која ќе биде и соодветно прочистување?“, рече Сања Лукаревска од СДСМ.

Нејзината колешка од редовите на социјалдемократите, Бисера Костадиновска-Стојчевска зборуваше за лаги во кампањата на ВМРО-ДПМНЕ кои сега се разоткриени, а имаше забелешки и за идните министри.

„Доста беше со двосмислени изјави или пу-пу не важи, за најважните прашања. Да потсетиме дека во редовите на ВМРО-ДПМНЕ имаат кандидат кој не ја признава химната и вели дека нема да ја пее. Во ова мнозинство има кандидати кои со своите црвени линии кои ги поставија седнаа на маса со Ванчо Михајлов. За време на кампањата имавте изразени црвени линии, ама сега ја прецртавте бојата, сега нема ниту линии ниту граници кога станува збор за власт“, рече Костадиновска-Стојчевска.

Пратеникот Сали Мурати од партијата Движење на Турците, која е дел до Европскиот фронт предводен од ДУИ, пак, забележа дека „програмата е далеку од реалноста“ и оти малку се застапени помалите етнички заедници, а најмалку турската заедница.

Во дебата за изборот на новата Влада за збор беа пријавени 60-тина пратеници од власта и од опозицијата.

Кои се новите министри?

Христијан Мицкоски како премиер во Владата ќе има пет заменици, кои ќе бидат назначени на владина седница од редовите на вечерва избраните министри. Еден од нив ќе биде „прв вицепремиер“. На оваа позиција ќе се најде претседателот на Демократското движење од коалицијата „Вреди“ Изет Меџити, кој стана министер за животна средина и екологија.

„Вреди“ со добија имаат уште еден вицепремиер – Арбен Фетаи кој е министер без ресор и како заменик на премиерот ќе биде задолжен за добро владеење.

Вицепремиер ќе биде и потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски, кој е избран за министер за транспорт.

Две вицепремиерски места ќе заземат и партнерите од коалицијата „Твоја Македонија“ – претседателот на Социјалистичката партија Љупчо Димовски кој стана министер без ресор и ќе биде одговорен за политички систем и Иван Стоилковиќ од Демократската партија на Србите во Македонија кој беше избран за министер за односи меѓу заедниците.

Покрај споменатиот Александар Николоски, во Владата функции добија и останатите тројца потпретседатели на ВМРО-ДПМНЕ: Тимчо Муцунски како министер за надворешни работи и надворешна трговија, Владо Мисајловски како министер за одбрана и Гордана Димитриеска Кочоска како министерка за финансии.

Весна Јаневска, пак, стана министерка за образование и наука, а Сања Божиновска е прв човек во новоформираното Министерство енергетика, рударство и минерални суровини.

На владините седници столче ќе има и за тројца функционери од техничката Влада предводена од Талат Џафери: Панче Тошковски – министер за внатрешни работи; Стафан Андоновски – министер за информатичко општество и дигитална трансформација; и Цветан Трипуновски – министер за земјоделство.

Актерот Зоран Љутков ќе го предводи Министерството за култура и туризам, а поранешниот ракометен голман Борко Ристовски новоформираното Министерство за спорт.

Поранешниот директор на скопски „Водовод“ и некогашен шеф на кабинет на Мицкоски, Златко Перински, пак, стана министер за локална самоуправа.

Од коалицијата „Вреди“, покрај споменатите Меџити и Фетаи, во новата Влада се и: Арбен Таравари како министер за здравство; Орхан Муртезани за европски прашања; Фатмир Лимани за социјална политика, демографија и млади; и Бесар Дурмиши за економија и труд.

ЗНАМ, пак, презедоа два ресори: Министерството за правда каде прв човек ќе биде Игор Филков и Министерството за јавна администрација кое ќе го предводи Горан Минчев.

Шабан Салиу од Демократските сили на Ромите, која е дел од коалицијата „Твоја Македонија“ стана министер без ресор задолжен за интеграција и имплементација на декада на Роми.

Во пресрет на изборот на новата Влада, Христијан Мицкоски во улога на пратеник до Собранието предложи законски измени со кои се воведоа нови и реорганизираа дел од постоечките министерства.

Извор: Радио Слободна Европа

Related posts

Орбан: Украина се уште не ги исполнила критериумите за влез во ЕУ

admin

СДСМ: ДУИ покажа одговорност, на потег е ВМРО-ДПМНЕ

admin

Албанија избира локална власт

admin

Столтенберг го убедува Ердоган да не го попречува членството на Шведска во НАТО

admin

Оди Адидас, доаѓа Најк: Критики за Германската фудбалска федерација

admin

ЗЕЛЕНСКИ ВО КОНГРЕСОТ: „ЌЕ ПОБЕДИМЕ БИДЕЈЌИ СМЕ ЕДИНСТВЕНИ“

ninja