Пишува: Џелал Незири
Граѓаните на Северна Македонија долго време гласаат со голем ентузијазам за промени, иако им е јасно дека тие нема да се случат. Во декември 2016 година гласаа за граѓанскиот концепт на СДСМ, кој освен демократизација на земјата, ќе ги носеше в затвор корумпираните функционери на владата на Никола Груевски. Паролите како „нема правда, нема мир“, или „ќе си лежите“ останаа само како убави графити на ѕидовите на институциите уништени од лошото управување. Правдата не дојде, реформите не беа спроведени, а немаше ниту реална борба против корупцијата.
Граѓаните по речиси осум години владеење гласаа за ВМРО-ДПМНЕ затоа што сакаат промени, иако им е јасно дека нема да се случат. Замислете, првата реформа на претстојната влада е зголемување на бројот на министерства од 20 на 24. Ова е антиреформа затоа што го зголемува бројот на веќе непотребните функции, со што Северна Македонија е рекордер во регионот по број на министри во владиниот кабинет. Иако има само 1,7 милиони жители, земјата има повеќе министри од Србија со осум милиони, која има 21 министер, па дури и Албанија со три милиони со само 15 министри. Одамна не вараме човек функција, туку функција за човекот.
Во албанскиот политички кампус се чини дека речиси се е девалвирано. Програмите и ветувањата бесрамно се забораваат во моментот кога ќе се разберат резултатите. На последните избори тие програми ниту беа дистрибуирани во писмена форма, ниту беа испратени на електронската пошта на граѓаните. Знаат дека граѓаните не веруваат во тоа што пишуваат, па добро направија што не потрошија хартија. Но, останува прашањето, за што се залагаати? За подобрување на животот на граѓаните, но како? Што се однесува до нивниот луксузен живот, секој граѓанин знае.
Главна тема на овие избори беше легитимитетот на етничките Албанци. Тука е Европскиот фронт со 18 пратеници, од кои 15 се Албанци, и ВЛЕН со 14 пратеници. Се кажаа големи зборови, дури и албанското општество беше поларизирано. Оваа дебата продолжува со фокус на тоа КОЈ треба да ги претставува Албанците на власт, а не КАКО тие треба да ги претставуваат. ВЛЕН, кој бара ротација на власта, или промена, тоа го сфаќа како „излезити да влезам јас“, додека Европскиот фронт опозицијата ја сфаќа како затвор, а не како можност за малку покреативна и поактивна политика. Дури и неформалниот лидер на ВЛЕН, Арбен Таравари, свесно или несвесно (можеби во него зборуваше потсвеста на Фројд), во емисијата Клик плус на ТВ21 рече дека „опозицијата е за мажи“. Значи, власта се доживува како СЛОБОДА, а опозицијата се сфаќа како ЗАТВОР.
Затоа, не е чудно што шесте пратеници на Европскиот фронт гласаа против Законот за организација на државната администрација, со кој административците и овластувањата се пренесуваат ваму-таму, за на крајот да се зголеми бројот на функциите. А со тоа се зголемуваат и платите на министрите, бројот на службените коли, на репрезентациите… Во моментот кога расправата за легитимитетот беше на самиот врв, на ВМРО-ДПМНЕ и беше обезбедено мнозинство од 88 пратеници, 8 повеќе отколку што требаше да го донесе системскиот закон. Албанската јавност ниту проба да побара од некого одговор за тоа што се случи со опозицискиот Европски фронт, има ли „дил“ за дадените гласови, ако има – што содржи тој дил што се чини дека е поважен од легитимитетот за која толку многу се зборува.
Во целата оваа ѓурултија, мандатарот Христијан Мицкоски се чини дека е најсреќниот човек. Покрај преземањето на локалната власт и претседателската функција, тој ја ужива поддршката од речиси сите партии: ВЛЕН и ЗНАМ се во коалиција, СДСМ му е сојузник во „долгорочните планови“, додека Европскиот фронт му стана противник за „пријателски натпревари“.
Во вторникот тој ќе ја претстави програмата и имињата на министрите. Ако мисли дека луѓето очекуваат позитивни промени, тогаш е во целосна заблуда. Народот го гласаше затоа што не можеше да ја поднесе неорганизираноста на владата на Ковачевски, од гужвите со размена на лични документи до метастазираната корупција во секој сегмент од државниот систем. Еден дел од хејтерите, односно оние кои за професија ја имаат омразата по етничка основа, имаа како мотив да ја испратат ДУИ во опозиција. Но, заедништвото на сите граѓани, без разлика дали и за кого гласале, е што не очекуваат ништо спектакуларно од новата влада на ВМРО-ВЛЕН-ЗНАМ.