20.1 C
Скопје
5 август, 2026
Inbox7.mk
АНАЛИЗА

Сме се збогатиле, а не забележавме

Не треба да нѐ чуди што најновите податоци на Евростат за растот на платите во земјава никого посебно не го израдуваа. Затоа што бројките се едно, а животот е друго.

Пишува Соња Крамарска

Евростат измерил дека Северна Македонија е рангирана повисоко од седум земји членки на ЕУ според куповната моќ на населението. Според статистичката канцеларија на Европската унија, нашата земја според куповната моќ се рангира пред Малта, Словачка, Чешка, Унгарија, Бугарија, Латвија и Естонија. Од јануари до јули 2026 година, извештајот вели дека С. Македонија забележала најголемо зголемување на минималната плата меѓу анализираните земји и тоа 6,9 проценти. Податоците на Евростат покажуваат и дека само осум држави од 29 европски земји ја зголемиле бруто минималната плата од јануари наваму. На прво место е Луксембург каде бруто минималната плата изнесува 2.771 евро по што следуваат Ирска со 2.391 евро, Германија со 2.343 евра, Холандија со 2.338 евра и Белгија со 2.234 евра. И Северна Македонија.

Сме се збогатиле значи. А не сме ни забележале. Овој успех не го забележал ни радарот на владејачката партија, па и таа се најде затечена и мораше цел ден да пушта соопштенија и да се расправа со СДСМ дали бројките се точни или не се точни. За големината на успехот придонесе и тоа што С. Македонија, Црна Гора и Србија,како држави кандидати за Европската унија, имаат повисока бруто минимална плата од Бугарија, која е членка на ЕУ. Од државите членки на Европската унија најниска бруто минимална плата има Бугарија – 620 евра, додека повисока од неа имаат некои држави кандидати за Европската унија како што се С. Македонија со 624 евра, Црна Гора со 670 евра и Србија со 743 евра минимална плата.

Платите растат, но недоволно

Сепак, дали мерењето на Евростат ќе внесе оптимизам меѓу населението во нашата земја? Тешко, бидејќи од друга страна, реалноста што ја живееме вели дека и покрај растот, минималната нето-плата во Северна Македонија изнесува околу 26.046 денари, што ја позиционира земјата меѓу државите со најниски гарантирани примања во Европа. Притоа разликата меѓу приходите и трошоците на домаќинствата останува голема. Според синдикалната минимална кошница на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), на едно четиричлено семејство во јули му биле потребни 68.498 денари за основните месечни потреби. За семејствата што немаат сопствен дом и плаќаат кирија, потребниот износ достигнува 83.873 денари. Така што иако расте, минималната плата не може да ги покрие трошоците на едно семејство, односно се троши една минимална плата само за храна.

Тука се губи и поентата за повисоката куповна моќ на граѓаните на С. Македонија во однос на некои од соседите кои сѐ уште не се приклучиле на ЕУ. Затоа што освен голите бројки важно е и колкава е куповната моќ на Македонците, на пример, кога се во посета на некоја европска држава. Дали можат слободно и без стеснување да купуваат или разочарано гледаат во излозите мислејќи си дека никогаш нема да можат да си го дозволат тоа што можат да го купат граѓаните на европските земји. Оти, споредбите за куповната моќ овде на Балканот се повеќе споредби за тоа кој колку е сиромашен а не кој колку е богат.

Далеку е успехот

Оттука, Северна Македонија има уште многу пат пред себе за да може да кажеме дека мерења како тие на Евростат се слика за квалитетот на животот во државата. Државата е меѓу земјите со најнизок БДП по жител во Европа – само 43 % од просекот на ЕУ. Но и според други работи. Еве да го земеме последниот пример со Гостивар каде што водата од градскиот водовод сѐ уште не е безбедна за пиење и останува наменета само за техничка употреба. Градот и околните места речиси цел месец живеат во агонија, луѓето пијат вода од цистерни или купуваат, за поголеми медицински потреби мора да одат во Тетово, локалното производство е запрено, јавната хигиена е на елементарно ниво. Одржувањето пак на личната хигиена е подвиг затоа што за неа треба да се трудат како да живеат во некој темен век а не во современа цивилизација.

Втор пример е управувањето со државните финансии и исполнување на партиски и лични договори како што се случи деновиве со назначувањето на екс вицепремиерот Арбен Фетаи за специјален пратеник во ЕУ – што е измислена функција за која ќе плаќа државата, односно граѓаните како даночни обврзници. Тоа е невидена приватизација на јавни функции базирана на тајни аранжмани во кои на јавноста и е оневозможен увид. Илузорно е господинот Фетаи да изјавува дека ќе работи на унапредување на процесот на европска интеграција на нашата земја, кога се знае дека тој процес е запрен и практично не постои.

Тоа се само два тековни примери, а има уште. Корупцијата, судството, здравството, партизираните државни институции се исто така дел од сликата за државата. И тоа не само дома, туку таа слика од година во година се преточува во негативни извештаи на Европската комисија за напредокот на Северна Македонија. Затоа, не треба да нѐ чуди што најновото мерење на Евростат никого посебно не го израдува. Бројките се едно, а животот е друго. (DW)

Related posts

КОЈ ЈА ПЛАЌА ЦЕНАТА НА МЕДИУМСКАТА ЛАГА?

admin

Без „предавствата“ државата ќе колабира

admin

ВО ДЕВЕТТИОТ МЕСЕЦ ОД ВОЈНАТА ВО УКРАИНА

admin

МОСКОВСКИ КЛУБ НА САМОУБИЈЦИ

admin

ТЕМПИРАНА БОМБА

admin

НА МАКЕДОНИЈА И ТРЕБА ВОДСТВО А НЕ РЕФЕРЕНДУМ

admin