Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека договор за повторно отворање на Ормускиот Теснец може да биде постигнат веќе во среда, додека разговорите меѓу Иран и Оман бележат напредок.
„Можно е. Утре или задутре. Постигнат е голем напредок“, им рече Трамп на новинарите за време на посетата на Калифорнија.
Ормускиот Теснец, низ кој пред почетокот на конфликтот минуваше околу една петтина од светската трговија со нафта и природен гас, е сериозно нарушен поради нападите врз трговски бродови, што доведе до раст на цените на енергенсите и нарушувања во глобалната трговија.
Изјавата на Трамп придонесе за намалување на цената на нафтата. Цената на суровата нафта „брент“ падна за околу 1,2 проценти, на 78,43 долари за барел.
Според информации на Асошиејтед прес, разговорите меѓу Иран и Оман се насочени кон воспоставување нов режим на пловидба. Според предлогот што се разгледува, бродовите би влегувале во Персискиот Залив преку рута под иранска контрола, а би излегувале преку рута што би ја контролирал Оман. За обезбедување на безбедноста и заштитата на морската средина би се наплаќале такси.
Сепак, конечен договор сè уште не е постигнат, а американската администрација претходно порача дека нема да прифати решение што би му дало целосна контрола на Иран врз теснецот.
И покрај дипломатските сигнали, безбедносната состојба во регионот останува нестабилна.
Хутите, поддржани од Иран, соопштија дека лансирале балистички ракети кон саудиски танкер во Црвеното Море, додека британската организација UK Maritime Trade Operations извести дека товарен брод бил погоден од непознат проектил во Ормускиот Теснец.
Иранскиот портпарол на Министерството за надворешни работи, Есмаил Багаеи, изјави дека разговорите со Оман се фокусирани на воспоставување безбедни поморски коридори кои ќе ги почитуваат суверените права и безбедносните интереси на двете држави.
Американскиот државен секретар Марко Рубио потврди дека е постигнат напредок во разговорите, но нагласи дека сè уште нема конечен договор.
Министерот за финансии на САД, Скот Бесент, оцени дека постои можност договорот да биде постигнат „денес или утре“, што би овозможило постепена нормализација на ситуацијата.
Трамп повтори дека отворањето на Ормускиот Теснец е првата фаза од поширокиот процес.
„Првата фаза е отворањето на теснецот. Втората фаза ќе биде денуклеаризацијата на Иран. Тоа ќе потрае малку подолго“, рече американскиот претседател.
Иран, пак, останува на ставот дека не води директни преговори со САД, туку исклучиво со Оман за прашањата поврзани со пловидбата низ Ормускиот Теснец.

